Next race: www.highscardusultra.com

Wednesday, August 7, 2013

Триглав(02.07.2013)

Lavaredo Ultra Trail веќе беше позади нас успешно завршена и остануваше да си го „одработиме“ вториот дел од зацртаното, искачувањето на Триглав. Започнавме најпрвин со разгледувањето на водопадот Савица а потоа нога пред нога се упативме по патеката „Седум триглаваски езера“. Многу живописна патека која нуди прекрасни погледи на сите страни, а самите езера фасцинираат со својата бистрина. 

Прво од овие езера беше Црно Езеро, од кое се формира и водопадот Савица, до кое води многу стрмно искачување многу непријатно за нашите уморни нозе. По пат минуваме и покрај Двојно Езеро каде се наоѓа и домот „Коча при седам триглавски језера“. Правиме една подолга пауза и едногласно решаваме наредната ноќ да ја помине таму со што би заштедиле доста време при спуштањето за назад. Доцна попладне стигнавме во нашата база „Засавска коча при Преходавцих“, веќе прилично исполнета со луѓе. Рано легнување и рано будење се добитна комбинација за вакви долги тури. Сето тоа си го испочитувавме и наредното утро сите спремни се упативме кон Триглав. Уште на самиот почеток знакот најавуваше 5 часа движење во еден правец но ние некако со недоверба си го сфативме сето тоа. Спуштање до Зеленото Езеро и потоа искачување кон седлото Хрибарице некако срамежливо ни ја највавуваа оваа долга и исцрпувачка авантура. Ако нешто не ни беше јасно во поглед на овие спуштања и качувања, наредното спуштање кон Долич ни даде јасна слика како ќе се одвиваат работите тој ден. Гледаме знак кон „Планика“ и „Трзашка коча при Доличу. Се решаваме за вториот дом и „пократката и полесната“ варијанта. После домот наидовме на еден голем снежен јазик  и по кратко двоумење единствена варијанта беше да преминеме преку него. По убава каменеста патека излеговме на чистина од каде можеше да се види убаво и врвот. Во подножјето ставаме шлемови и внимателно движејќи се по сајлите напредуваме кон самиот врв. Времето е иделно, нуди прекрасни погледи на целиот национален парк. Нешто пред пладне сме на самиот врв и си даваме доволно време за да уживаме. Решаваме враќањето да го направиме од домот „Планика“ преку Мал Триглав. Во подножјето го згогледуваме и домот „Кредарица“. Знаевме што не чека на враќање назад а со оглед на тоа дека и времето постепено се влошуваше моравме да се движиме без поголеми паузи. На повторното искачување кон Хрибарице не фати силен град со грмотевици кои не предупредија за опасносите кои ги нудат планините. И така мокри до кожа си стигнавме во нашата база. Ставивме на нас нешто сува облека што имаме и уште 2 часа пешачење не донесоа до  „Коча при седам триглавски језера“. Си се наспавме убаво и утредента пред сите се упативме кон „Коча при Савици“ каде што се наоѓаа нашите возила. Триглав беше позади нас и време беше да се враќаме кон Македонија. Искусивме две интересни авантури и испланиравме уште многу повеќе за некој нареден период.

No comments:

Post a Comment