Next race: www.highscardusultra.com

Saturday, July 13, 2013

Lavaredo Ultra Trail(29.06.2013)

27.06.2013
Една година подоцна повторно во Кортина. Истиот камп, Рошета. Времето веќе беше облачно и најавата за дожд не изостана. По пријавувањето веднаш се повлековме во кампот со делумно наводенета облека. Дождот беше на вистински пат да потрае цела ноќ.

28.06.2013
Утрото повторно не дочека дождливо и облачно време но за среќа имаше најава за подобрување доцна попладне. Редовно ги следевме информациите кои организаторот ги објавуваше околу настанот за двете трки. Брифингот беше закажан за 18:00 и сите останати, освен Светле, Валдет и јас, решија да направат кратка прошетка до Толбах, Мисурина и Тре Чиме. Малку задоцнивме на закажаниот брифинг и низ муабет со нашите пријатели од Словенија, Давид Кадунц и неговата екипа, дознавме дека трката е скратена на 85км со старт утре наутро и спуштена на релативно пониска надморска висина поради снегот од 30цм кој паднал преку ноќта. Се предвидуваа и температури пониски од нулата преку ноќта па организарот сосема оправдано го донесе ова решение. Измешано чувство на олеснување и мало разочарување можеше да се забележи кај сите од натпреварувачите но кога е во прашање безбедноста организаторот и немаше друга опција. За разлика од LUT,  Cortina Trail претрпе незначителни измени во поглед на рутата и должината на самата трка. 
За време на пастата на мое големо задоволство повторно се сретнав со Роберт Кораб од Полска со кого не врзуваат добри спомени од претходната година кога заедно поминавме поголем дел од патеката.

Со Роберт Кораб од Полска
Остануваше добро да  се одмориме ноќта.

29.06.2013

Утрото се разбудивме околу 5:00 планирајќи да каснеме нешто и да ги ги однесеме ќесите на одреденото место кои подоцна би не чекале на станицата кај Мисурина. Времето пред стартот брзо течеше и опцијата со ќесите отпадна. Сме трчале и подолго без оваа поволност па можевме и таму. Утрото беше свежо па се трудевме да го уловиме секој здрак сонце кој се појавуваше на стартот. Трајче исто така се појави порано од останатите за да направиме заедничка фотографија и да го проследи нашиот старт. Ние стартувавме во 8:00 а нивниот старт беше закажан час подоцна. 

Фото за паметење!
Организаторот најпрво ги претстави фаворитите за оваа година а потоа со звуците на Енио Мориконе ја загреа крвта на толпата од околу 700 натпреварувачи. Ноќниот старт и поголемата должина нудат повеќе адреналин но секако и овој старт понуди доволно возбуда. Одбројување до десет и време беше за старт. Полека без буткање со Светле ги трчавме првите километри низ улиците на Кортина. Иако сеуште рано улиците веќе беа исполнети со луѓе. Нешто пред првата стрмнина ја загубив Светле од вид. Ретки се местата на ваква трка каде што се трча осамен. Од толку голем број на натпреварувачи многу е веројатано да најдете некој со иста брзина па така друштвото ви е загарантирано преку целата трка. На првата стрмнина ги сретнав пријателите од Словенија а нешто подоцна и Роберт од Полска. 
Планот ми беше да консумирам гелови и течност на нешто помалку од час и тоа на угорнините за да ги избегнам евентуалните турбуленции во стомакот. Сепак по одредено осетив празнина во стомакот и тоа беше знак да се проба нешто од репертоарот на пунктовите кои и оваа година изобилуваа со многу видови на храна и течности. Јас се задоволив со неколку коцки темна чоколада и солената вода на Agisko(или „сали“ како што тие си ја нарекуваат). 
Хотел Кристало остана позади и следуваше ново стрмно искачување кон езерото Мисурина а потоа благо спуштање и еден рамен полукруг околу него. Контролната точка се наоѓаше на крајот од езерото и означуваше половина трка. Бидејќи немав оставено ќеса само кратко се задржав и веднаш продолжив по асфалтниот пат кој водеше кон домот Ауронцо и влезот во националниот парк. Написите на асфалтот сеуште сведочеа за неодамна завршената трка Giro d'Italia. На моја голема радост кај езерото Анторно ја сретнав Фернанда Масиел која безрезервно ги бодреше натпреварувачите. Да ве бодри таква атлета е вистинско задоволство. Овде се наоѓаше и клучното место каде што водечките во тој момент Мајк Волф и Мајк Фут продолжиле по првобитната патека додавајќи дополнителни 6км и долнително време. Од овде спуштањето водеше до езерото Ландро. Тоа значеше рамен дел кои нозете тешко го поднесуваа. Транзициите од стрмни искчувања, спуштања и рамни делови а потоа обратно ги даваа првите знаци на умор. Од сите конфигурации на терен рамниците некако најмогу ме трошеа. 
Чимабјанче беше следната контрола каде што можеше да се дополнат резервите на храна и течности. Овојпат се обидов со малку двопек и неколку коцки сирење. Полека ми се освежуваше меморијата од лани и знаев какви угорнини не очекуваат понатаму. Слабостите си ги лечев со гелови. За среќа оваа година се одлучив да понесам и стапови за пешачење со кои многу полесно ги совладував угорниците па дури ги користев и на рамните делови подбутнувајќи се од време на време. 
Наредна контрола беше Малга Ра Стуа по која следуваше долго спуштање какво што му прилега само на најстрмно искачување кое не очекуваше. Малку одење малку одмор за да се земе здив и веќе бев на рамен пат. Во долината се гледаше гратче но не бев сигурен дали се работи за Кортина се додека не ја лоцирав црквата. Спуштањето одеше одлично каде неколкупати се преминувавме со Гордон, англичанец кој имаше прекрасни зборови за Македонија. И финиш нема да биде интересен ако нема неколку трик места како она кај езерото Гедина(немав претстава дека и претходно сум поминал овде), каде што имаше благо искачување и рамен дел а потоа и оној круг во Кортина. Финиширав со време од 10:10:54 и на моја голема радост таму беа и нашите финишери од Cortina Trail.


Конечно на финиш!
И Светле на финиш!
Трајче постојано добиваше апдејти од страна на Софија за движењето на Светле па имавме проекција во кое време би пристигнала. Отидовме до кампот на туширање и за кратко повторно бевме на финишот каде се појави и Светле по 13:24:04.
Патеката 
Профилот на патеката
Нашите натпреварувачи на   Cortina Trail ги имаа следниве резултати:
Тања Манчева со време од 7:31:01, Маја Ѓоргиевска со време од 8:41:51, Александар Симјаноски со време од 5:22:40, Валдет Османи со време од 6:59:56, Трајче Панковски со време од 7:03:53, Бурим Бафтири со време од 7:17:24 и Петар Герасимов со време од 7:19:00.
Cortina Trail team
Сите среќни и задоволни едногласно одлучивме утредента да го продолшиме нашето ново патешесествие кон Словенија и искачувањето на Триглав...

No comments:

Post a Comment