Next race: www.highscardusultra.com

Thursday, August 15, 2013

Пониква, Царев Врв, Руен и обратно

14.07.2013
Заедно со Светле, Ангел и Ристе решивме да трчаме до Царев Врв. Во организација на кочанските планинари имаше организирано искачување на врвот. Исто така се приклучија и дел од кочанските велосипедисти. На паркингот на Пониква се поздравивме со планинарите и одговорниот ни кажа дека на враќање во мотелот Мице не чека „планинарски ручек“(грав т.е. боб и колбаси). Со бавно трчкање ги совладувавме првите километри кон врвот. Широк земјен пат не води се до врвот а и теренот е доста прегледен. Веднаш после првото бачило се наѕираат кулите на врвот. Речиси сите патишта водат кон врвот па сосема е небитно кој пат ќе го фатите.
 
По изминати 17k околу 2 часа и 10 минути сме на врвот. Студеното ветре и нашите неаклиматизирани тела на него не принудуваат да се спуштаме надолу. Среќаваме многу од планинарите по пат а нешто понатака и моите пријатели велосипедисти од Кочани. За кратко секој си фаќа свој правец. Бевме при крај со вода и на едно спуштање каде порано постоше знак за вода решив да се обидам. А таму прекрасна ледена планинска вода. Повторно се искачувам назад и продолжуваме кон Пониква. Светле и Ангел решија да успорат а Ристе и јас да ги забрзаме последните 5к. 
Вкупно околу 35k со 1141m +D, доволно за овој неделен тренинг.
Наизглед многу стрмно 

Теренот до врвот

02.08.2013
Трчањето до Царев Врв отвори апетит за нешто подолго на овие терени. Малку цртање во Google Earth кажува дека од Царев Врв до Руен има околу 7,5k или вкупно целата тура од Пониква до Руен би била 50k. 
Овојпат сме само Светле и јас. Имаме доволно време на располагање па малку трчаме, фотографираме, јадеме боровинки... Нешто поспоро се искачуваме кон Царев Врв овојпат. Потоа следи добар спуст до подножјето на Руен. Берачите на боровинки со чешели и кофи се распрскани насекаде. Малку се двоумам каде се наоѓа Руен но набргу се присетувам на патот кој  го имав возено со велосипед. Светле ме „пушта“ напред и набргу го гледам Мал Руен односно остатоците од некаков објект кој што постоел таму. Тогаш сум сигурен дека сме на вистинскиот пат. Уште една стрмна угорнина и Руен е во видното поле. По изминати 25k за 4 часа сум на врврот. За кратко пристигна и Светле и се спуштаме до чешмата под врвот. Верувајте нема подобра и постудена вода! Правиме кратка пауза во близина на заслонот на бугарска територија. Во меѓувреме пристига македонска полициска патрола на врврот и после неколку фотографии си заминуваат. После нив мораме да се придвижиме и ние. Истата патека за назад и уште толку километри. Сепак ова ни доаѓа повеќе како уживање отколку како сериозен тренинг. Полека си ги минуваме преостанатите километри и за 3 часа и 15 минути сме на паркингот на Пониква. Правиме краток стречинг и назад кон Штип на заслужен одмор.

Два пати Царев Врв и еднаш Руен

Патот до Руен


No comments:

Post a Comment