Единаесетиот Olympus Marathon беше доволна причина да се појде во Грција и да се земе учество на овој добро познат маратон. Честа ја имав да бидам таму со Кире Наунчевски и ПСД Макпетрол. Трката беше закажана за недела а ние пристигнавме во петокот заедно со екипата од ПСД Макпетрол која во план имаше искачување на Митикас. Саботата додека тие се искачуваа кон Митикас ние отидовме да ги подигнеме нашите стартни броеви во Литохоро каде што беше финишот. Во непосредна близина на Музејот за наутика, каде што беше регистрацијата, се одржуваше и саем на спортска опрема со најпознатите светски брендови(Salomon, La Sportiva, Hoka One One, Dynafit, Pearl Izumi, Inov8, Power Bar, Camelback...). Завршивме со регистрацијата и повторно се вративме во Лептокарија искористувајќи го остатокот од времето за плажа и одмор. Неколку часа пред полноќ се вратија и нашите колеги од врвот полни со имресии.
Running with the Gods |
Бидејќи стартот беше закажан од селото Дион во 6:05 наредното утро моравме до 05:20 да пристигнеме во Литохоро од каде што тргнуваа автобусите кон стартот или директно да одиме во Дион. За среќа во хотелот каде што се сместивме исто така имаше грчки натпреварувачи со кои договоривме превоз до Литохоро. Наредното утро во 4:30 како нацртани јас и Кире бевме пред рецепцијата чекајќи. За кратко се појави и Христос од Крит и остануваше да ги пречекаме сопствениците на возилото кои никако не се појавуваа. Помина и 5:30 а нив сеуште ги немаше. Дваесетина минути пред 6:00 се појавија и по едно лудо возење пристигнавме во Дион каде беше прилично живо. Со самото пристигање во Дион пропадна опцијата од drop bag некаде после половина трка и на самиот финиш. Затоа земавме се што ни требаше за старт и цела трка. Време имав колку да направам кратко загревање пред стартот и една заедничка фотка со Кире. Точно во 6:05 беше означен стартот.
Со Кире пред стартот |
Следуваа 6k асфалтен пат речиси рамно. Таман како за загревање до првата контрола Агиос Констатинос и почетокот на искачувањето. Од таму па се до третата контрола беше стрмно искачување со singletrack патека со безброј серпентини па единствено можно беше движењето во колона. Претекнувањето овде бараше да се вложи вистински напор поради забрзувањето кое треба да се направи на таква угорнина. Се случуваше и тоа да претекнам некој ама ретко. Веќе од третата контрола Коромилиа на 10k патеката е поширока но иронија е што немате доволно сила да претекнете некој. Исто така стрмна со многу серпентини води до следната контрола Бара на 12k и Петроструга на 15k. Од Петроструга до Скурта имаше некои делови на кои трчав или ги одев брзо. Целиот терен до Скурта ме потсетуваше на некои делови од Водно и Персенк во Бугарија, можеби поради шумата и сличноста на некои патеки. Но со пристигнувањето на Скурта и првите погледи кон врвовите на Олимп сфаќате дека тоа е уникатна, божествена планина.
Формирање на колоната |
Патеката потоа води кон Платото на музите и домот Апостолодис на 2690m. Од таму следува најфасцинантниот дел од целата трка, трчање под Тронот на Зевс и достигнување на највисоката точка на трката од 2780m.
Она што стравував пред трката беше долгиот спуст кој беше речиси и половина трка. Некои од натпреварувачите кои ме претекнаа овде буквално летаа по патеката. Од Зонариа до домот А, осмата контролна точка, води доста стрмен спуст, најпрво со доста камења и свртувања во лево и десно, а потоа со влегувањето во шумскиот појас теренот во голем дел е земја.
Под Тронот на Зевс |
Од домот до Приониа, паркингот од каде најчесто тргнуваа планинарската рута, нуди речиси 1000m спуст во 6k. Овде се преминува преку едно мало мовче и се оди низ долината на реката Енипеас. Исто така многу живописен предел со многу мали водопади и кристално чиста река. На еден момент со еден грчки натпреварувач за кратко ја промашивме патеката и наидовме на еден прекрасен водопад под кој се формирал прекрасен базен. Тоа е моментот кога ти доаѓа да останеш таму за подолго време. Но и понатаму на убавините им немаше крај. Се поминуваат едно чудо мовчиња кои нудат прекрасни погледи на реката.
Времето одминуваше и моето планирано време од околу 6 часа полека наближуваше. Наместо континуиран спуст патеката цело време креваше и стрмно се спушташе. Сфатив дека сум се преценил со времто од 6 часа но и покрај тоа давав колку што можам од себе. На 3k до крајот некој од публикта ми довикна дека веќе се гледа селото и најтешкото поминало. Донекаде имаше право бидејќи по една кратка угорнина следуваше Литохоро. Неколку групи на деца волонтери беа по улиците и внимателно ги насочуваа натпреварувачите. Веќе ми беше познато селото па немав некои проблеми да стигнам до финишот каде имаше голем број на луѓе кои ги бодреа финишерите. И така некако успев да стигнам после 6:15:08.
На финиш |
Ова беше моја прва трка во Грција и впечатокот е повеќе од позитивен. Организацијата е одлична и на високо ниво. Конкуренцијата исто така за што говори присуството на најдобрите атлети од Грција, Бугарија, Романија... Потврда за тоа е времето на првиот натпреварувач од 4:48:06 и првата во женска конкуренција Христина Козарева со време од 6:04:00. Самата трка од 44k располага со дури 12 контролни точки кои се многу добро опремни со храна, течности и енергестки гелови. Публиката исто така е феноменална и заслужува чиста десетка.
П.С. Кире успеа да финишира но за жал го проби лимитот даден од организаторите. За среќа се помина во најдобар ред и се надевам дека со певеќе енергија би се вратил пак наредната година.
No comments:
Post a Comment