Next race: www.highscardusultra.com

Friday, June 20, 2014

Ultra Trail Stara Planina 120k(13-14.06.2014)

Оваа година Копрен 24h се трансформираше во три трки од 35k, 72k и 122k и велосипедска трка на 24h. Стартот и овoј пат беше од селото Дојкинци сместено во подножјето на Стара Планина. Нашата екипа TREX-ери најголем интерес пројави за најдолгата трка освен Петар и Љубиша кои стартуваа на 72. Стартот и на двете трки беше закажан на полноќ. На најдолгата трка имаше пријавено околу четериесетина додека на средната патека околу триесетипет натпреварувачи. Како по обичај на ваквите трки пред старт добивме инструкции околу патеката: вода, храна, маркации, поважни делови итн...  


На стартот со Светле
Точно на полноќ стартувавме и низ заспаното село се упативме кон првата контрола Белеџе. По стрмното искачување се одвои една група од околу десетина натпреварувачи во која беа Јовица, Бојан Дулејан, Никола Перац, Влада... Многу познати лица со кои сум се среќавал на разни трки. И така во една другарска атмосфера која повеќе наликуваше на некој ноќен тренинг полека напредувавме кон Белеџе. Неколкупати бевме надвор од патеката но за среќа го имавме Бојан кој со својот GPS уред постојано не корегираше. Голем дел од маркациите беа невидливи за нас а дрвените табли беа полегнати на земја. Стигнавме на Белеџе(20,5k) речиси во исто време со контролорите и веднаш се нафативме на распакување на храната и течностите. За среќа ноќта беше доста пријатна па не се изладивме премногу. Изгледа дека неколкуте свртувања претходно каде ние погрешивме биле клучни и за останатите натпреварувачи поради што доста и заостанаа. По излезот од Белеџе, Mарко не упати во правец на наредната контрола но и покрај тоа промашивме уште едно свртување но по кратко време повторно на сугестија на Бојан се вративме на патеката следејќи ја реката/потокот кон наредната контрола Синошчир(32k). И ова свртување се покажа како доста значајно каде многу натпреварувачи погрешија посебно Светле која испушти една контрола, Синошчир притоа доаѓајќи на Копрен(50,3k) што доведе до нејзино откажување. Во меѓувреме Тања Манчева, Петар Герасимов и Дејан Крле исто така се беа откажале. Трчањето по потокот беше доста напорно за мене поради големите камења и слабата светлина од ламбата па решив да се преместам пред Јовица кој имаше далеку подобра светлина. 

Од Синошчир кон Каца Камен со Никола и Мими
На Синошчир веќе не раздени и ни претстоеше искачување кон превојот Клисура. Стрмнината не беше преголема и на делови трчавме. Таму некаде заедно со Никола Перац и Мими од Ниш кои трчаа на средната патека се одлепивме од останатите и заедно пристигнавме на Џабин Поток(44k). Одлично опремената контрола ни понуди изобилство на храна и течности доволни за искачувањето кон Копрен. Се до Каца Камен водеше широк земјен пат идеален за трчање/брзо одење. Од таму почнуваше она што Марко го нарече брутално искачување кон Копрен. Најпрво пробивање низ треви високи до половина и препреки од паднати дрвја а потоа бескрајно долг пат низ клеки и коприви кон врвот Копрен. Направивме неколку кратки паузи повеќе од нервоза отколку од умор и продолживме газејќи по клеките и тук таму по некоја коприва. За се да тргне како што не треба се потруди и дождот кој за кратко време не наводени и поприлично не излади. Малку лутавме и овде додека да го пронајдеме шаторот каде што требаше да перфорираме. 

Каца Камен и почетокот на препреките
Патот повторно низ клеки не носеше кон Белеџе(57,5k). маркациите и овде во голем дел беа невидливи т.е. испрани од дождот а видливоста поради облачноста почна да се намалува. Решив малку да успорам и да се приклучам на останатите, Душан. Бојан и Влада од 122k кои беа веднаш зад мене и заедно продолживме кон Белеџе. Веќе бевме смрзнати од дождот и сосем непотребно се задржавме предолго на Белеџе поради што тресејќи се од студ моравме да трчкаме по благата надолнина. Речиси 17k благо спуштање водеа до Топли Дол(73,8k), наредната контрола. Се трудевме колку што можеме повеќе да трчаме муабетејќи околу разни работи само да се отргнеме од болките и уморот. Веќе подолго време чувствував болка во предниот дел на левата потколеница и стравувајќи да не се лигаментите решив да се откажам на Топли Дол заедно со Душан. Некако и психолошки делуваше фактот дека остануваат уште 50к движење по тежок терен и евентуално втора ноќ. Поминав речиси 12 часа во движење и решив дека е доволно. Ијлада причини за откажување а само неколку да се продолжи понатаму.

Бојан и Влада продолжуваат...
Јовица пристигнува на Топли Дол
Пет минути по нас пристигна и Јовица во одлична состојба и по краток одмор продолжи понатаму. Пред него беа само Бојан и Влада. Инаку Топли Дол беше последната контрола на која можеш да се откажеш и да добиеш превоз до Дојкинци. Сепак за превоз требаше да чекаме се до затворањето на контролата. И така си ги чекав останатите натпреварувачи, прво Никола Кујунџиќ со неговите пријатели, па Тања Стојановски и Слободан, Борче и Тања Пенева... Сфатив дека повеќе би уживал во улогата на навивач отколку на тркач во преостанатите 50к затоа воопшто и не ми беше жал што се откажав. А на контролата налетавме на прекрасна екипа на волонтери која максимално се трудеше да ги задоволи потребите на натпреварувачите и покрај ограничените количини на храна поради што им ја нудеа својата сопствена храна. Од двајца откажани натпреварувачи колку што бевме на почеток до затворањето на контролата успеавме да преполниме едно комби. 

Насмевка после 17k спуст
За оние кои продолжија кон Дојкинци остануваа уште три контроли Бабин Зуб(83,4), Миџор(89,9) и повторно Белеџе(105). Нас ни остануваше пак само патот до Дојкинци преку Пирот. Тесен и доста лош пат водеше до Пирот. Некаде на пола пат налетавме на огромен одрон од карпа и имавме две можности или враќање назад и да чекаме некаков багер до утре или само да пробаме да преместиме одронот нешто помал од 1 тон. За среќа бевме доволно упорни и силни па успевме да го преместиме одронот. Нешто пред полноќ бевме во Дојкинци каде не пречекаа со одличните вести за третото место на Јовица, првото и второто за Бојан и Влада во машка конкуренција и првото место за Тања Стојановски во женска конкуренција. Никола и Мими пак успешно стигнаа до второто односно првото место на 72k. Околу 4 часот по полноќ пристигна и Борче. 

Победниците на 120k
Утредента уживавме во дружењето со сите наши пријатели споделувајќи ги импресиите и секако во прогласувањето на победниците. Секоја чест за сите што успеаја да го завршат овој „повеќе“ од ултрамаратон и капа долу за победниците!

No comments:

Post a Comment