Доста ми беше и од работа, град, бучава, телефони, луѓе... Решив да земам два дена одмор од работа и да се префрлам на Плачковица во викендицата на чичко ми. Четвртокот беше идеален ден за тоа знаејќи дека викендиците се празни. Друштво си најдов во Буш(моето куче). И тој без дилеми веднаш се пикна во автомобилот. За еден час веќе бевме на Плачковица. А таму атмосферата идилична, мирна, релаксирачка... Затоа не губев време и излегов на едно кратко трчање. Само што се појавивме на асфалтот го сретнавме и чичко Ристо, чуварот во детското одморалиште кое во меѓувреме „порасна“ и сега е универзитетско, со двете кучиња. Едното Џета партнерка на Буш и уште едно мало кученце. Само кратко се поздравивме и се договоривме да се видиме подоцна. Но кучињата беа решени да ми прават друштво и така си продолживме четворицата да си трчакаме кон Туртел. Немав цел да правам километража туку лесно трчање и што повеќе да уживам во прекрасниот ден. Го поминавме и Туртел продолживме во правец кон селото Видовиште но не за долго. Само што почна стрмното спуштање направивме кратка пауза и почнавме да се враќаме назад. Тие 13k беа сосема доволни за почеток.
|
На пат кон Туртел |
|
Туртел |
Краток одмор во викендицата и излеговме на прошетка во правец на одморалиштето. Желба ми беше да видам каде води тој пат. Движејки се така по него во забележав неколку куќи и знаев дека тоа е уште еден пат, покрај широкиот земјен пат кон Туртел, што води до Партизанска болница, село Шипковица и планинарскиот дом Џумаја. Натамошното истражување го оставив за утредента. И мене и на кучињата ни беше потребен одмор.
|
Она што загрижува е преголемата сеча и опустошените падини |
Утредента, петок, остана домашната задача од претходниот ден. Бев решен да пробам долго трчање на празен стомак(bonk run). Од викендицата до Партизанска болница и до планинарскиот дом Џумаја ми беа потребни нешто повеќе од еден час. Во домот си направив краток муабет со домарот Ринго и повторно назад. Вкупно 20k за 2:11:25. Сепак за "bonk run" е потребен е подолг временски период.
|
Место Партизанска болница |
|
Колку ли само уживаа! |
Остатокот од денот го „потрошив“ на уште една долга прошетка со моето верно друштво, проверувајќи една патека од шумската куќичка која водеше до патеката кон Туртел што ја трчав претходниот ден. Претходниот ден ми се јави поштарот да ме извести дека стигнала една пратка со патики и веднаш ми „светна“ петокот да се вратам назад во Штип.
|
Мојата чета Плачковичка |
Така и бидна. Но целата таа мирнотија која ја доживеав за времето додека бев на Плачковица постојано ме повикуваше и саботата решив да направам еден дуатлон. Од Штип со „точак“ до викендицата, трчање еден круг околу Туртел(со новите патики) и потоа враќање назад за Штип. Вкупно 66k со 1249m +D велосипед и 12.5k со 433m +D трчање.
И за крај она што ме заскокотка во сабота вечер беше да пробам трчање од Штип до викендиците на Плачковица со што би ги заокружил тие четири дена. Чичко ми најави дека тие ќе бидат во викендицата и со тоа го имав обезбедено превоз за назад. Патеката ја нацртав и ја префрлив на Garmin-от. Со тоа завршив пола работа. Остануваше уште другата половина. Утрото стартував околу 09:30. Најпрвин по коритото на река Отиња за потоа да се префрлам преку околните лозја на патот до манастирот Св. Ѓорги.
|
Остатоци од аквадукт по течението на Отиња |
|
Манастир Св. Ѓорѓи |
|
Второто поило |
Денот стануваше се потопол и потребата од течности се поголема. За среќа попатно имаше доволно вода. Излегов за кратко на асфалниот пат кон село Шашаварлија и потоа фатив по широкиот земјен пат кон село Никоман.
|
Село Никоман, куќа број 13 |
Следно село беше Габер до кое водеше убав спуст. Таму имав блиска средба со разбеснетите кучиња и за малку се спасив да не бидам угризан од едно од нив. За среќа бев во близина куќен двор каде што домаќинката додека си ги простираше испраните алишта им подвикна на кучињата кои се повлекоа. Но веднаш по излезот од селото се појави уште еден пар кучиња но доста порелаксирани од нивните колеги од селото.
|
Село Габер |
|
Извор на животот |
Спустот водеше се до кањонот Камник, а потоа следуваше движење низ пресушениот кањон. Овчарот што го сретнав попатно ми сугерираше да фатам едно друго свртување кон селото Оџалија наместо моето зацртано. Така и сторив и по едно кратко но доста стрмно искачување бев во Оџалија.
|
Поглед кон кањонот |
|
Село Оџалија |
Излезот од селото е по асфалтен пат со многу серпентини заради што решив да кратам колку што можам.Потоа следуваше еден висорамен дел со браги искачувања до пред самото село Кучица до кое водеше краток но стрмен спуст.
|
Село Кучица |
|
Под село Вртешка и викенд населбата |
Само што излегов над селото веќе можев да ги видам селото Вртешка и викендиците. Немав уште многу но бев исцрпен од топлината и допрва следуваше најстрмното искачување. По изминати 35k со 1630m +D и 4:40 бев на мојот зацртан финиш. А таму дел од мојата фамилија се потруди на најдобар можен начин да ги надополни моите истрошени калории за тој ден.
|
Ова сум јас на последната угорнина |
Повеќе фотографии на линкот:
П.С. Само што се вратив дома „склопив“ уште една патека до викендицата која си чека на реализација во најскоро време.
No comments:
Post a Comment