Next race: www.highscardusultra.com

Wednesday, September 11, 2013

Persеnk Ultra(14.09.2013)

Љубопитноста и желбата за трчање овојпат не одведоа во Асеновград, 400к далеку од Скопје, на првото издание на Персенк ултра(120k/5200m +D). Седумчлената екипа составена од Александар  и Сандра Симјаноски, Светлана, Александар Таковски, Данчо, Јовица Стојановски и јас пристигнавме нешто пред полноќ во четвртокот во Асеновград каде нашите љувезни домаќини/организатори веднаш не сместија во хотел на само неколку чекори од центарот на градот. Патувајќи од Софија кон Пловдив безброј молњи ни го осветлуваа патот кон Асеновград најавувајќи го дождот кој требаше да падне пред трката.

Јака екипа
Утредента први се појавивме на регистрацијата и проверката на задолжителната опрема. Имавме доволно време на располагање па решивме да се прошетаме до Пловдив. Потоа повторно враќање назад и спремање на ќесите за контролните точки. Во 20:00 имаше закажано технички состанок каде организаторот ги објаснуваше деталите околу трката и одговараше на поставените прашања. Од таму сите присутни се префрливме во „нашиот“ хотел каде имаше паста парти. Добро се наполнивме со калории и се повлековме по собите исчекувајќи го стартот. И тогаш како за инает почна да врне и грми. За да биде повозбудливо, нели.

Малку дожд и ветар на стартот
На стартот беше прилично живо, околу осумдесетина натпреварувачи претежно од Бугарија но и од Романија, Турција и Македонија и доволно публика да не испрати имајќи предвид дека беше полноќен старт. Организаторот претходно ни подели чипови/прстени како за ориентациските натпревари што беше далеку подобро од перфорирање картончиња. 

Профилот на патеката
Три, две, едно и старт. Тргнавме полека заедно низ градот покрај хотелот и го фативме асфалтниот пат кон црквата Св. Димитрија. Овде поголем дел од нас ја направија првата грешка. Ја промашивме маркацијата за острото свертување во десно и продолживме н по асфалтот. Пред Асеновата чешма се освестивме за направената грешка и некој од бугарските натпреварувачи се консултираше со организаторите. Затоа Бахадир од Турција не организираше сите да спуштиме надолу и да го фатиме свртувањето. Некои сепак продолжија по асфалтниот пат и многу порано се појавија на А1 поради што на крај добија пенал од 40 минути. Веднаш по свртувањето се издвоивме напред со Александар С. и Бахадир и продолживме со брзо одење по стрмнината. Набргу и ние стигнавме до А1 и продолживме во правец на Асеновата трврдина, еден од неколкуте најпознати историски знаменитости во Бугарија. Од таму кон А2 водеше многу убав предел низ борова шума каде на делови трчавме со Александар С. Планиравме да обрнеме повеќе внимание на маркациите преку ноќта за да се не губиме, но и покрај тоа имавме колку што паметам две кратки губења.

Александар С. на А3 
А3 значеше и крај за првото посериозно искачување и прво техничко спуштање кон село Орехово и А4. Беше сеуште ноќ и многу внимателно се движевме при ова спуштање следејќи ги маркациите. Само што стигнамвме во Ореово почна да се зазорува. Ноќта беше позади нас. Застанавме на А4 да надополниме вода и нешто храна. Оваа контрола како и сите останати беа супер опремени со храна и течности па дури нудеше и масажа која Александар реши да ја проба поради болките во листовите. Продолживме заедно со Александар С. за кратко и само што решив да забрзам на едно свртување го затекнав Руско Кадиев двоумејќи се по кој пат да продолжи. Маркациите водеа повторно кон село Орехово наместо кон домот Персенк А5 за кој постоеше знак. Набргу стигна Александар и уште еден натпреварувач од Бугарија и по телефонскиот разговор добивме одговор да продолжиме по маркациите и на помалку од километар на остро свртување не чека Даниел Панев(по него беше именувана оваа кривина). Од таму можеби најстрмното искачување на оваа трка водеше до домот Персенк. Кога влегов во домот ги затекнав Марија и Константин и решив да пробам да се залепам за нив до следната контрола А6 која ја паметам по импресивната карпеста купола. Така и бидна. 

На пат кон А6
А6 нудеше и топол оброк па решив да сркнам една супа со ориз
Излегов сам од А6 и полека си фатив кон следната контрола. Овде патекта се движеше низ кањон каде дури имаше поставено и јаже за движење нагоре. Доста тежок и исцрпувачки терен. 
Следна беше А7 каде прекрасната екипа од волонтери ме нудеше со храна и изотоник. Болките во стомакот веќе подолго време ме мачеа и осебено беа изразени на спуштањата па некако и храната ми стануваше одбивна. А до наредната контрола А8 само  спуштање. Повторно во село Орехово но овојпат А8. Решив да редуцирам нешто од ранецот и да сменам чорапи. Ме чекаше уште едно стрмно искачување и би рекол најисцрпувачкото за мене. Нешто налик на прилепски Козјак. Во отсуството на стапови решив да пробам искачување со една сува гранка. И не беше лошо за малку промена. 
А9 всушност беше истата со А3 но тоа го сфатив неколку дена подоцна. Бидејќи беше речиси комплетно спуштање до следната контрола решив само да дополнам вода. Веќе и спуштањата беа претешки за мене а посебно по асфалтниот дел. Овие две точки беа на најдолго растојание од 17k. Пробував да ги освежувам нозете на чешмите на кои наидував и кратко потоа да трчам и некако да ја минам психолошката бариера од 100k каде беше и А10. Од таму па се до крајот секој чекор беше голем напор. На целото тоа уште од самиот старт со Александар С. имавме додадено плус 5-6k во губење. 

Финиш!
За малку ќе ја пројдев А11 да не ми довикнеа волонтерите кои се бавеа со печење скара. Остануваа уште 13k до крајот и припрема за најстрмнното спуштање на трката. Бев исцрпен како никогаш. Немав претстава каде е Асеновград кој и онака не можеше да се види од високота шума. Најтехничкото спуштање доаѓа на самиот крај, избраздено коритце каде што течела вода. За да биде уште потешко истргани беа маркациите пред влезот во градот. Затоа се одлучив да го фатам патот по кој трчавме ноќта но во обратна насока и за среќа тој беше вистинскиот. Ја препознав цркавата Св. Димитрија и асфалниот пат. Веќе се ми беше појасно и полесно. После 18:32 бев на финишот и на второ место. Како прв беше финиширал Даниел Строеску од Романија со импресивно време од 16:52 и додаден пенал од 40 минути. На финишот чекаше Сандра пратејќи го нашето движење преку целата трка па од неа добив информација и за останатите. 
Мислев на многу работи за време на оваа трка. На тоа како Крис Хорнер претходните два дена ја доби Вуелта на 40 години и стана најстариот победник на еден Гранд тур, на тоа што ќе правам во наредните денови, на тушот после трчањето, на нашите кои трчаа, на Светле, но најмногу од се мислев на Зоран Димов и борбата кој му претстои. Ова второ место му го посветувам нему.  

Неколку чекори до финиш
Александар С. пристигна точно по 21:00 и заврши на одличното четврто место, Александар Т. пристигна по 23:31 како единаесети а Јовица финишираше после 30:32. За жал Светле се откажа на 71k додека Данчо на 100k. Самиот процент на финишери од 45% доволно говори за извонредно тешката патека. 

1.Данеил Строеску 2.Жикица Ивановски 3.Периклеус Василис
1.Марија Никола 2.Евелина Златанова 3.Муазес Озчелик
За крај да им се заблагодарам на организаторите за извонредната организација на рамниште на големите европски и светски трки и секако на волонтерите кои ги покриваа сите пунктови.

No comments:

Post a Comment