Next race: www.highscardusultra.com

Thursday, September 6, 2012

UTMB 2012

UTMB, UTMB, UTMB... Десетиот по ред UTMB. Ова беше настанот за кој многу зборувавме со Трајче и нашите колеги, за кој трениравме, кој го пребарувавме на нашите компјутери, кој буквално не плени целиот овој период. Настан што привлекува учесници од 74 земји, еден од најпопуларните ултрамаратони во светот (во  Европа дефинитивно најпопуларен), беспрекорно организиран и уште многу епитети коишто можат да му се залепат на овој ултрамаратон. Уживањето од изгледаните видеа,не знам колку и колкупати повторувани, требаше со Трајче да го доживееме на самото место. Многу работи одеа во наш прилог освен временските услови.
Работите се случуваа вака:

Скопје, 28 август 
SMS од TNF UTMB: Внимание! Временската прогноза: дожд, снег на 2000м, ветар, студено. Температурите ќе паѓаат до -5C. Имајте зимска облека.

Белград, 29 август
На автобуската станица го сретнавме Бојан Дулежан, исто така пријавен за UTMB. Заедно продолжуваме кон Шамони.

Шамони, 30 август
Автобусот не остава некаде над Шамони. Наоѓаме хостел, Alpenrose,  на дваесет минути пешачење од Шамони. Откако се сместуваме одиме да ги подигнеме своите стартни броеви. Проверката на задолжителната опрема се сведува само на јакна и мобилен телефон. Ниски облаци веќе се беа спуштиле на Шамони и почна да врне. Среќни сме што не сме во камп.
Македонското и знамето на ПСД Макпетрол
Шамони, 31 август
Денот Д. Спиеме до доцна. Пробуваме да јадеме нешто. 
Некаде околу пладне уште еден SMS од TNF UTMB: UTMB: Старт околу 7pm. Временските услови премногу лоши на планинските превои. Нова патека од 100км само во Франција.   
Атмосфера измешана со олеснување и разочарување истовремено. Некои од елитините тркачи се решаваат да се повлечат но главно сите ја почитуваат одлуката на организаторот. 
Одиме на паста парти. Имаме доволно време до стартот. Таман колку за уште една мала пица за тројца.
Пред стартот со Трајче
Се буткаме во масата од натпреварувачи. Околу 2300. Цупкаме нестрпливо додека организаторот ги најавува фаворитите. Конечно ја пуштаат да свири The Conquest of Paradise од Vangelis(сите си ја потпевнувавме наредните денови, посебно Трајче). Почнува и одбројувањето, хорски. Масата полека се движи низ барикадите поставени на улиците се додека не излезе на поширок пат. Имаме само скромни информации за новата патека, околу 103км, 6860 D+ и тоа е тоа. Почетниот дел оди по течението на реката која тече низ Шамони. Тука го среќавам Трајче и одиме заедно. Патеката до Les Houches е скоро рамна. На првото искачување чувствувам проблеми во стомакот. Влегувам во еден хотел, домаќинот е многу љубезен, и право во тоалетот. По кратко свртувам од патот и повторо во тоалет. Мислев дека немам шанси да продолжам понатаму па ми се вртеше низ глава и зборот „откажување“. Решив да се обидам со апчињата од активен јаглен. За кратко „шмукнав“ две. Дождот постојано паѓаше и како да беше решен да направи потоп. Земјата се претвораше во длабока кал. Се искачувавме кон нешто што изгледаше како огромна месечина, а всушност беше огромна кружна лампа. На еден зарамнет повторно проблеми со стомакот и повторно во тоалет(за среќа и последен пат). Следи стрмно спуштање до градот Sent Gervais. Сите се на улиците да ги поздрават натпреварувачите.Нешто пред полноќ стигнувам во Les Contamines. Веројатно се задржав подолго па ми студеше кога го напуштив шаторот. Единствен лек против студот е движењето. Продолжив...
Профилот на патеката
Некаде по пат, 01 септември
Следи стрмно искачување кон La Balme. На стрмните спуштања сфаќам дека челната лампа не ми дава доволно светлина. Веројатно и резервната би била со иста маана. Пробувам да „фатам“ некој со подобра челна лампа што ќе води напред. Почнувам муабет со натпреварувач од Франција кој носи „рефлектор“ на главата. Втор пат во Les Contamines. Сега свртуваме кон превојот Bellevue. Дождот се заменува со снег и видливоста се намалува. Патеката е покриена со карпи и мора да се биде внимателен (внимание лизгав под!).
Патеката изледаше претежно вака
Потребна ми е светлина и тоа дневна. Уште едно стрмно спуштање  кое го минувам трчајќи. Денот почнува да се буди и по втор пат сум во Les  Houches. Уште 31км до крајот. Почнувам да кројам математики со кое време ќе финиширам. Но искачувањата се тука за да ги расипат математиките. И тоа најпрвин едно долго искачување по асфалт. На спуштањата сум сеуште добар, трчам. Натпреварувачите се повеќе од коректни па се потргнуваат од патеката доколку си побрз. Истото го правам и јас. На следната контролна го сретнувам Бојан. Му велам заедно да си ја поделиме маката и да финишираме заедно. Трчаме на рамните делови и спуштањата. Километрите минуваат споро. Уште 25км, но следи најголемото изненадување-стрмен успон. Му нема крај. Бојан решава да успори и јас продолжувам со групата што влечка како питон по патеката. Пробувам да си ја вратам енергијата со уште еден гел. Доаѓа спуштањето до Argentiere и се „шлепам“ зад еден натпреварувач, веројатно од Јапонија. На контролната се задржувам сосем кратко. Шамони е на 10км и не ми треба ништо, освен вода. Мало искачуање и претежно рамен дел води до Шамони. Секој минувач те бодри и тоа многу годи. Цело време трчам, не дека сакам туку да финиширам конечно. Влегувам во Шамони. Трчам со група натпреварувачи. Ја препознавам салата каде ја оставивме гардеробата. И мензата каде јадевме паста. Полицијата ги запира возилата да пројдат натреварувачите. Луѓето се од двете страни на металната ограда. Ракоплескаат, извикуваат: браво!. Ние ја даваме последната трошка енергија и финишираме. Време 17 часа и 17 минути.
Останувам кратко да го почекам Бојан. Уживам во гледањето како другите завршуваат. Секој на различен начин. Со својата фамилија, со пријателите, со домашните миленици, со знамињата на своите земји...
Финишери!
Остануваме да го почекаме и Трајче да заврши. Добивам порака од него кога е во Argentiere. Нестрплив сум да го дочекам па постојано се поместувам се подалеку од финишот за го здогледам. Им аплаудираме на оние што пристигнуваат. Еве го и Трајче. Трчаме заедно кон финишот и пробуваме да направиме видео што излезе неуспешно. Пресреќни сме што завршивме. Забележуваме луѓе како се фотографираат до Дава Шерпа. Го замолуваме за фотографија и му честитаме за победата на TDS.
Со Дава Шерпа
Шамони, 02 септември
Се будиме и одиме да го проследиме доделувањето на наградите. Забележуваме  многумина накривнуваат, се тетерават кога одат, офкаат... Добра трка, нема што. Плоштадот до финишот е преполн со луѓе. Најпрво ги прогласуваат победниците, а потоа организаторот ги повикува на сцена волонтерите, најзаслужните за трката. Огромен аплауз за нив.
Со Трајче и Бојан на финишот
Шамони, 03 септември
Почнува нашиот долг пат до дома.

П.С. Голема благодарност до Трајче Панковски, ПСД Макпетрол Скопје и сите што на некој начин не подржаа да бидеме дел од овој голем настан.



   

1 comment:

  1. Честитки Жика,
    Одличен резултат.
    Ти посакувам уште многу натпреварувања и успеси!
    Дарко

    ReplyDelete