Next race: www.highscardusultra.com

Monday, July 23, 2012

Lavaredo Ultra Trail 120 km 6.000 m+

Еве со едно големо задоцнување стигнува и мојот извештај за Lavaredo Ultra Trail што поради немарност што поради проблеми со нашиот сајт. Во Кортина стигнавме ден пред трката каде целото гратче дише во ритамот на овој настан . Наредниот ден со Трајче отидовме да ги подигнеме стартните броеви и остатокот од денот го резервиравме за одмарање. Овогодинешната трка беше претрптела неколку измени за разлика од ланската.Стартот беше од Кортина наместо од Ауронцо, трасата  беше подолга за некои 30км а со тоа и поголема позитивна висина за искачување, имаше водедено нови делови на трасата  и наместо штафетата од претходната година за оваа година имаше воведено трка  Cortina Trail(50km, 2500 m+)  која стартуваше наредниот ден.

Пред стартот со Трајче
Стартот беше закажан за 10 часот навечер и речиси целиот град беше надвор за да ги поздрави натпреварувачите. А таму 600 луѓе нестрпливо го очекуваат стартот со звуците на Ectasy of God од Енио Мориконе. Цупкаме сите во место возбудени од целата еуфорија околу стартот. Конечно стартуваме. Заедно со Трајче држиме некое наше темпо колку да се загрееме. Прогнозите најавуаа високи температури за време на трката и само по дестина километри веќе бев целиот воден. Трајче имаше проблеми со стомакот уште од претходниот ден па решивме да се разделиме. Си посакавме среќа и секој со свое темпо продолживме понатаму. По пат ги сретнав Сречко и Марјета од Словенија со кои се запознавме на Фрушка Гора но набргу ги поминав и нив. Бев решен стрминте угорнини да ги минувам со брзо одење додека рамните делови и спуштањата да ги трчам, барем додека имам сила. Првата контролна, домот Оспитале,  нудеше само течности и многу малку се задржав таму. Морам да споменам дека персоналот на сите контролни точки се трудеше максималко да им помогне на натпреварувачите. Следната контролна, хотел Кристало беше опремена и со храна и со течности. Од храна на пункотовите се нудеше чоколада, американкса пита, банани, суво грозје, лепчиња со Нутела и мармалад, сирења, кашкавали... Голем избор имаше и од течности како топол чај, Кока Кола, солена вода Агиско... Наредната контрола е домот Лаваредо. Спуштање до езерото Мисурина и стрмно искачување кон домот. Го препознавам овој дел од патеката бидејќи претходната година го минавме овој дел но во обратна насока. Во домот ме чекаше ќесата со облека која ја оставив пред стартот што се покажа како добра одлука. Ја сменив облеката, земав супа во домот и продолжив понатаму. 
Road-book

Следуваше заобиколување на Tre Cime и тоа на разденување. Трчам надолу а погледот ми се лепи кон преубавиот поглед на Tre Cime. Тука ми се јавуваат и првите стомачни проблеми. Малку забавувам додека да ги ублажам болките. По стрмното спуштање доаѓа еден рамен дел и тука веќе ги почуствував првите знаци на умор. И трчањето по рамно станува тешко. Заедно со уште еден дечко од Полска, Роберт Кораб, држиме исто темпо на движење и решиваме да продолжиме заедно. Контролните точки доаѓаа се поспоро а угорнините беа се пострмни и подолги. Спуштањата ни беа како мелем. Malga Ra Stua беше на 75км и беше почеток на она означено со извичник(!) од страна на организаторот. Е само тоа ни требаше на крајот. А глетки наоколу очи да ти истечат. По пат сретнавме и ранчери кои ни дадода вода бидејќи немало вода во наредните 6км. Сепак имаше доволно поточиња и рекички кои беа добредојдени. Веќе почнаа да не престигнуваат и натпреварувачите на Cortina Trail на што ние им одговаравме со отстапување на доволно простор за да не прејдат на што беа многу благодарни. Не можам а не ги споменам случајните минувачи кои не бодреа, а дури се возбудуваа кога ќе го видеа црвениот стартен број што значеше учество на Lavaredo Ultra Trail. Двајца од нив дури ме почастија со Кока Кола и вода. Вистински тифози. Мислев дека сум пред крај со силите но откако го прејдов Forcella Col dei Bos повторно си дојдов на себе и на контролната точка решив да направам подолго пауза. Таму и се разделивме со Роберт и до финишот бев единствено во друштво со натпреварувачите од Cortina Trail. Последните искачувања беа навистина болни. Најпрво домот Аверау па потоа и Forcella Giau. Она што требаше да биде константно спуштање до Кортина понекогаш се претвораше во кратко искачување и трчање до недоглед. И конечно во Кортина. Пробував заедно со останатите да трчаме барем до финишот. Гледачите дополнително те мотивираат да го забрзаш темпото. Мислите ти летаат насекаде. Како цел свет да е твој. Ја минав целната линија и се струполив веднаш на фотелјите. Останав така некое време но морав да се придвижам кон кампот каде што беа остантите. По пат ме сретна една двојка од Англија и ми понуди превоз до кампот, тогаш кога најмалку очекував. Во кампот веќе беше целата екипа. Трајче беше вратен од претходно а останатите (Петар, Тања Г., Софија, Тања М., Светле и Александар) само што се беа вратиле од успешното искачување на највисокиот врв на Marmolada, Punta Penia (3.343 m).  Примив многу пофалби од сите нив, морам да признаам. Не бев ни свесен дека трката ја завршиле нешто повеќе од половина натпреварувачи а јас бев на 39 место во генерален пласман со време од 18 часа и 23 миути.
Сакам уште еднаш да Ви се заблагодарам на сите за огромната подршка, најпрво и најмногу на Трајче Панковски кој е иницијатор на овие успеси а потоа и на колегите од ПСД Макпетрол и АК Брегалница.
Се читаме за месец и пол, следи UTMB…  

No comments:

Post a Comment