Next race: www.highscardusultra.com

Wednesday, October 17, 2018

УТМБ

Во Шамони стигнавме речиси три дена пред стартот на трката. Бевме доста уморни од долгото возење и чекање на граница. Од Македонија на УТМБ бевме пријавени 5 луѓе: јас, Александар Симјаноски, Никола Цицовски, Игор Пирковки и Игор Јовановски, а Мартина Милева беше со нас како подршка. Од Србија ни се приклучи Зоран Прекогачиќ кој беше пријавен на ОЦЦ(Орсие-Шампе-Шамони). Веднаш се пуштивме во прошетка низ градот кој буквално вриеше од луѓе дојдени за трката. Временските услови беа перфектни, а такви се очекуваше да бидат и во текот на трката. Веќе наредниот ден, среда  планиравме да присуствуваме на настан организиран од Компресспорт кој требаше да биде утринско трчање со нивните атлети и на кој се појавија повеќе од 500 луѓе. Тогаш кај мене се јавија и првите проблеми со стомакот(дијареа). Морав брзо да реагирам. Уште истиот ден ја зголемив дозата на јаглен кој почнав да го пијам 10 дена претходно. Дополнително почнав и со пробиотик но немаше позитивен ефект. Тогаш на интернет налетав на некои совети од Фернанда Мациел во кој препорачуваше пробиотик 30 дена пред таква важна трка. Значи веќе беше доцна за пробиотик. Ситуацијата стануваше повеќе од сериозна, немав апетит, многу често одев во тоалет и стравував дали воопшто ќе можам да стартувам на трката. Ниту наредниот ден немаше подобрување, затоа Карас реши да проба во аптека да ми набави антибиотици кои ги даваа само на рецепт, кој го немав. На крај успеа да купи некои таблети по име нифуроксазид. Истиот ден четвркот, излеговме со Пирко на кратко бавно трчање околу 3км и дефинитивно го имав најтешкото трчање во мојот живот. Решив да пробам со сода бикарбона која многу добро ми делуваше во таа ситуација. Во однос на трката бев рамнодушен и единствено што посакував беше само да финиширам па макар и за 46 часа. Наредниот ден беше денот на трката, кога почнав да чувствувам подобрување. Дури и потрчав малку на паркингот зад хостелот да ја испитам ситуацијата.


Спремни!
Времеските услови со наближувањето на стартот се повеќе се влошуваа. Редовно преку смс добивавме известувања од организаторот за тоа што ќе не очекува и  која дополнителна опрема ќе ни биде потребна. Поради дождот кој почна да паѓа решивме до стартот да одиме со автобус речиси два и пол часа порано. Кога стигнавме во близина на стартот ги оставивме дроп-беговите за Кормајер и стрпливо под стреа си чекавме час и половина пред да успееме едвај петмината да влеземе во коридорот со тркачи.
Овојпат за разлика од други трки воопшто не чувствував возбуда на стартот. Водителот непрестајно зборуваше но единствено нешто што запаметив од тој говор беше „Никогаш не се откажувајте“, тоа ми беше доволно да ме мотивира. Оваа трка си ја посветив на моето куче Буш и Горан Миљковиќ од Србија, наш пријател ултрамаратонец и учесник на УТБМ и ТДС, кој мината година загина во сообраќајна несреќа. Најмногу заради нив бев решен да ја завршам оваа трка.


Дремење пред старт
Атмосферата во градот беше феноменална како и секогаш. Дел од неа може да се долови преку видеата кои се снимаја. Во гужвата по стартот едвај се најдов со Симјаноски, со кој бевме заедно се до втората контрола - Сен Жерве, на која лошо се искоординиравме и по застанувањето не се видовме повторно. На наредната контролна - Ле Контамин на 31км, во шаторот ги затекнав Пирко и Карас и продолживме да трчаме заедно. Од таму следуваа вистинските искачувања, се до тогаш беше само загревање. Пред да стигнеме до Кормајер на 80км за околу 14 часа ни следуваа: Кол ду Боном(2329м), Ко де ла Сењ(2516м), Аре ду Монт Фавр(2417м). На Кормајер беше Мартина која доста ни помогна околу храната, облеката, повредите. Јас за несреќа имав ставено во ранецот некој потврд најлон кој од триењето ми направил голема рана на грбот. Го препакував ранецот, Мартина ја среди раната и продолживме кон домот Бертон(1991м) кој во однос должината и висинското искачување беше на половина. Тоа беше стрмно и напорно искачување но затоа пак потоа следуваше еден убав дел по изохипса речиси до Арнува(1769м) на 97км, со исклучок на искачувањето до домот Бонати(2025м). Времето беше идеално за трчање но за жал имаше висока облачност и не можевме да уживаме во погледите на Монт Блан. 


Над домот Бертон
Уште една над Бертон. Пирко фотографира.
 Од Арнува следуваше уште едно големо искачување кон Гранд кол Фере(2537м). Овде Пирко беше прејак за нас и доста се одвои додека пак Карас заостана зад мене така секој сам напредуваше кон наредната контрола - Ла Фоли(1592м). Од таму продолживме заедно со Пирко не знаејќи во каква ситуација се останатите од екипата. Решив да му пишам на Јовица Јованчев кој ме извести за откажувањата на Цицовски и Симјаноски за што навистина жалев и дека Карас е на Ла Фоли и размислува за откажување. За среќа успеал да се среди и продолжил понатаму па беше прашање на време кога повторно ќе се споиме. На Шампе Лак на 126км повторно не чекаше Мартина и направивме уште една добра пауза бидејќи од таму остануваа „само“ уште три големи искачувања со околу 3000м +. Првото искачување го фативме преку ден. Големо, долго и бескрајно со ист таков спуст но пострмен до Триент на 142км. Овде се надевавме дека сигурно нема да се спуштаме толку ниско но се излажавме. 


Шампе Лак
 Мартина повторно беше во Триент, една од најраздвижените и највесели контролни точки. По одморот само што тргнавме ме фати треска и морав што побргу да ја кренам температурата. Очекував такво нешто и знаев дека ќе помине за кратко. На предпоследното искачување Пирко беше пребрз и одеше напред пред мене па му реков дека немам шанси да го пратам со тој ритам на што слушнав нешто како „оди у к...ц“, не знам дали наменето за мене или кон некој предмет(камен,корен...) на што инстанстно забрзав дури и излегов пред него на еден дел. Беше тоа брзо искачување. На самиот превој, Ле Цепе(2065м) веќе ме фаќаше криза за спиење и само што ќе застанев очите автоматски ми се затвораа. Исто така бев во целосно бунило околу планираното време за финиш, математиката никако не ми се поклопуваше. Спуштивме до Валорсин каде повторно не чекаше Мартина а Карас беше само неколку минути позади нас. Уште едно искачување но овој пат бевме тројцата и си мислев ќе оди полесно. До превојот Монтет немаше големо искачување но затоа пак потоа доста стрмно и по многу каменест и со корења испреплетен дел кон Ла Флежер. Овој дел беше променет за разлика од оригиналаната патека. Поради одрони каде претходните денови смртно настрада еден натпреварувач. Да беше само искачување ќе беше полесно, но имаше едно толку техничко спуштање што беше претешко да се оди. Потоа следуваше пак искачување се дури да ги слушнеш првите гласови од контролната и уште малку повеќе искачување за да ја видиш во далечината. Уште пред контролната направивме пауза, веќе бевме при крај со силите и мотивацијата. Остануваа уште 8км и тоа само спуст но освен пешачење не доаѓаше друго во предвид. Дури и кога влеговме во градот бевме во мод на пешачење. Не ни беше грижа дали не поминуваат тркачи. Беше нешто после 5 часот во утрото кога стигнавме а остатокот од екипата беше на целта да не пречекаат. Чувството беше прекрасно како по секој таков напор и авантура. 


Финишери
 Набргу помина се'. И сонот, болките, уморот... Таму траеше 35:38 а сега кога ќе се сетам како да беше минута. Нема да жалам и да траеше подолго, зашто беше предобро. 



1 comment: