Next race: www.highscardusultra.com

Monday, September 17, 2018

Пред УТМБ(тренинзи, трки, повреди...)

Бидејќи не сакам да го оптоварувам следниот пост околу УТМБ ќе се обидам на кратко да напишам како се одвиваше периодот од пријавувањето и изборот за до самата трка.
Пријавувањето на УТМБ воопшто не ми паѓаше на памет бидејќи е голем проект за кој треба многу време и тренинзи а и онака ми фалеа бодови но со финишираниот КМТ 2017 110км ги имав потребните 5 бодови кои ми недостасуваа за вкупно 15 од три трки за пријава. Останатите беа 6 бодови од Истра 100 милји во 2016 година и за 4 бодови имав неколку трки како Беласица Скај Ран и Витоша 100. Муабетот за пријава како група од Македонија падна некаде мислам пред почетокот на 2018 и навистина тешко е да се одбие таква прилика. Влeговме како група Игор Јовановски, Игор Пирковски, Александар Симјаноски, Никола Цицоски и јас. Не се ни сомневав дека ќе не изберат бидејќи бевме единствени пријавени од Македонија. Така и бидна и остануваа околу 8 месеци тренинзи и по некоја тренинг трка.

Како и секоја година така и оваа влегов со некои очекувања меѓу кои беа полумаратон под 1:20, маратон под 3:00, трансверзала на некоја планина, некои подолги трчанки и велосипедизам...
Во поглед на трките се трудев да имаат некоја градација од пократки и побрзи кон подолги и побавни.
Прва трка на која учествував беше Првата трка на 5км Најк лига. Сакав да пробам нешто кратко и брзо па оваа беше одлична прилика. Немав некои очекувања само да видам до каде сум и како припрема за полумаратонот кој следуваше за еден месец. Истрчав со време од 18:24.
Втора трка беше традиционалниот Трчаме кон целта полумаратон. Имав цел да истрчам под 1:20 за што ветуваа и тренизите кои ги правев но немав свој ден и финиширав со време од 1:22:00. Имав добра само 1/3 од трката додека остатокот постепено пропаѓав. Не бев воопшто разочаран бидејќи со овој резултат пак можев да се надевам на маратон под 3:00.
Наредна трка беше Скопскиот маратон. Почнав доста поспоро и релаксирано со тоа што постепено се трудев да влезам во мојот маратонски ритам од 4:15/км. Траеше тоа некаде до 23км а потоа ми се случи огромен пад во втората половина и финиширав со време од 3:15:22. Далеку од моето најдобро време и од тоа што очекував. Но продолжуваме напред кон следната трка која следи за 2 недели.

Скопски маратон

Момата Рок Трејл во Прилеп на Селечка Планина. Добро позната патека. Ја имам трчано уште од првото издание но оваа година за разлика од другите имаше додадено уште еден мал дел. Од прилика 19км со 1100м +Д. Првиот дел го почнав доста поспоро и бев многу назад во пласманот но како што патеката стануваше потешка така и напредував за на крај да финиширам како четврти со време од 2:18:52. Конечно една задоволителна трка пред оние подолгите и вистинската припрема пред УТМБ.
Како прва дојде Витоша 100км најмногу заради должината на самата трка и близината/конекцијата со Софија. Стартот е во сабота на полноќ и не се трошат работни денови. Целта ми беше да имам една подолга тренинг трка со ранец и задолжителната опрема за УТМБ и секако со дел од групата која се пријавивме. Тука беа Александар Симјаноски, Игор Јовановски и Игор Пирковски. Како по обичај стартув/ме релаксирано и до одреден дел одевме заедно но потоа во зависност од можностите така и се одделувавме. Имав доста проблеми со стомакот но не можев да ја најдам причината. Најголем дел од трката го трчав со Симјаноски со едно одвојување со тоа што се потрудивме последниот дел да одиме малку побрзо од обично. Финиширавме со време од 11:33:25.

Витоша 100

Последната трка проверка беше Трјавна 76км 2900м +Д. Прекрасна трка и предел. И на оваа трка имав проблеми со стомакот најверојатно од геловите и само што ги елиминирав осетив подобрување. Најголем дел од трката ја трчавме заедно со Карас и Пирко и така и финиширавме со време од 9:24:41.

Трјавна 76

Во поглед на тренизите се трудев да бидам повеќе константен, околу 5-6 тренинга неделно, со постепено зголемување на неделната километража, висинското искачување и што повеќе специфични тренинзи зависно од трката која што претстоеше. Најголема неделна километража ми беше 126км со 4483м +Д додека најголемо неделно висинско искачување 7248м +Д на две недели пред УТМБ(во четири дена на Јабланица). Ако можам да се навратам наназад сигурно повеќе внимание би посветил на висинското искачување независно од должината и времетраењето особено во последните два месеци пред УТМБ . Работните денови најчесто трчав од 12-15км додека викендите долгите трчања беа над 30км со 20км претходниот или следниот ден. Седмичната километражата беше околу 110-120км додека во седмиците кога одмарав околу 80км. На долгите трчања и тренинг трките секогаш бев со ранец со задолжителната опрема за УТМБ и стапчиња за трчање. Како најспецифичен тренинг во пресрет на УТМБ беше Малата Шарпланиска трансверзала од Старо Село до Попова Шапка преку Љуботен и Титов Врв(73км/5031м +Д/17:23:10).

Мала Шарпланиска трансверзала

Во поглед на повредите сега кога можам да погледнам наназад сфаќам дека во подготовките за полумаратонот и маранот доста често трчав интервали(речиси секоја седмица), вклопив неколку долги специфични трчања во краток период, без лесни седмици што неосетно придонесоа за првите симптоми на повреда и на крај сето тоа резултираше во потфрлање на трките. Повредата се појави со болки во препоните, десниот колк и натколеница особено после Момата Рок Трејл а потоа и во десниот флексор па имаше денови кога едвај ја кревав десната нога а и спиењето не беше најпријатно. Решив да посетам спортки лекар кој ми препиша 2 дози хеморал за намалување на оток, неколку дози но-дол/глукозамин за зајакнување на р'скавица и некаква руска маст за мачкање. Од тогаш трчањата ми беа многу поумерени и вклучував единствено 4-6 забрзувања од 20-30 секунди на рамно или угорнина еднаш седмично и повремено по некое трчање од 1 час во вид на прогресија со најбрз ритам 4:15/км. Болката беше се послаба а на долгите трчања и трки воопшто и не ја чувтствував што беше одличен показател на тренинзите кои ги имав.

No comments:

Post a Comment