Конечно дојде и времто да се тргне кон Шамони. Исчекувањето од шест месеци
помина и бевме на прагот од едно неверојатно искуство. Уште од самото
пријавување Светле имаше претчуство дека се ќе биде во најдобар ред. „Најдобар
ред“ во главно се одвесуваше на времето. После се што поминавме можам да кажам
дека беше дефинитивно во право.
За Шамони покрај Јовица, Светле и јас не придружуваа Христена, Ивана и Ице.
Прекрасна екипа која премногу веруваше во сите тројца. На испраќање Марин не
„полеа“ со пет литра вода за леснотија.
Во Шамони пристигнавме четири дена пред трката и како по обичај се
сместивме во хостелот Alpen Rose, едно пријатно и удобно место во поднежјето на
глечерот Босон. Наредниот ден тројцата направивме еден тренинг кој требаше да
биде краток но убавината на Шамони и неговата околина просто не го дозволуваат
тоа. Затоа наредниот ден Светле реши да одмара па само Јовица и јас трчкавме по
улиците на Шамони. Недалеку од хостелот се сретнавме и со Бахадир нашиот
пријател ултрамаратонец од Турција.
Шењо го затекнавме во супермаркет |
UTMB(Ultra Trail du Mont -Blanc) важи за една од најпрестижните
светски трки од ваков калибар па затоа е цел на многу натпреварувачи од цел
свет, 77 нации и 2300 натпреварувачи. Оваа епска рута со должина од 168k и 9600m +D започнува и завршува во
Шамони минувајќи низ Кормајер Италија , Шампе-Лак Швајцарија.
На денот на трката прогнозите беа доста променливи но сепак организаторот
беше решен дека ќе се трча оригиналаната рута што беше и еден вид сигурен знак
дека нема да бидеме сведоци на лоши временски прилики.
Пред старт со нашата верна придружба |
Додека ги остававме „дроп-беговите“ налетавме на Горан Миљковиќ, еден од
двајцата натпреварувачи од Србија, Горан Лесјак од Хрватска кој важеше за еден
од кандидатие за висок пласман(за жал поради пад се откажа во Кормајер) и
пријателите од Бугарија, Николај, Константин и Цанко, кои пристигнаа на само
еден час пред стартот.
На самиот старт немавме намера да се буткаме напред па затоа се сместивме
во близина нестрпливо исчекувајќи да почне Conquest of Paradise од Vangelis, песна која ти ја смрзнува крвта. Почна да паѓа слаб дожд,
се облековме, за кратко престана, се расоблековме и тогаш почна вистински
потоп. И така веќе бевме мокри а почна и одбројувањето до стартот. Ги живеевме
еден од најубавите моменти од целата трка и ништо друго не беше поважно. Со
Јовица се загубивме па трчавме заедно со Светле се до излезот на Шамони каде си
посакавме среќа, упорност и храброст. Некаде на земјената патека, паралелна со
подивената река, кон Ле Зуш повторно се споивме со Јовица. Во заемна
согласност решивме да не ги користиме штеките за првото искачување, Ле Делевре.
На спуштањето кое беше доста лизгаво поради дождот кој сеуште паѓаше со јак
интензитет се разделивме со Јовица каде пак налетав на Роберт Кораб од Полска
со кого заедно се дружевме на Лаваредо во 2012 и 2013 година а истото се случи
и на оваа трка. Прашањето му беше кое е моето проектирано време на што му
одговорив дека тоа би било околу 30 часа но по временски услови кои важеа во
тој период можеби и подолго.
Сент Жерве(21k) е посебна приказна.
Како втор старт или нешто слично. Некои публиката таму ја споредуваат со онаа
на Тур де Франс па дури и полуда. И не се далеку од вистината. На целиот тој
дожд речиси цел град е на улиците за да ги бодри тркачите. И Шењо беше таму.
Потоа претстоеше едно и не така благо искачување како што беше прикажано на
профилот до Ле Контамин(30,7k). Настојував да држам
мој ритам и да не се осврнувам на останатите кои бараа место повеќе на
спуштањата за да ме претекнат.
Постојано ментално ги проверував деловите од телото во каква состојба се но
проблемот излезе дека е во ноктите. Грешката беше во чорапите кои ги носев прв
пат и беа нешто подебели од оние со кои бочно трчав. Спуштањата болеа а
искачувањата лекуваа. Бев спремен на некој таков проблем и лесно го пребродив
тоа.
На ред беше искачување до Кол ду Боном(2325m) и домот Боном(2439m) и тоа 15k со 1300m +D. Луѓето овде се
проретчуваа и имаше доволно место за движење. За среќа на овие места дождот
веќе беше прекинат и немаше студен ветар.
Во Шапио(49,4k) следуваше проверка на
дел од задолжителната опрема, телефон и јакна. Уште на самата регистрација имав
проблеми со мојата јакна која не ми ја признаваа поради што позајмив од Светле.
Овде си реков ова е крај на трката, ќе ме дисквалификуваат. За среќа немаше
проблем и повторно сфатив дека одлуката дали опремата ќе биде признаена
најмногу зависи од лицето кое ја прави проверката.
Втората по висина точка Кол де ла Сењ(2502m) беше наредна за искачување. Неколкупати се свртив да ја видам „змијата“
од челни лампи која напредуваше нагоре. Беше тоа долго но не така стрмно
искачување после кое следуваше спуст до езерото Комбал(1970m) и уште едно дополнително искачување до Аре ду
Монт-Фавр(2417m).
Кормајер(1195m) беше означен како
половина трка(77k) и место каде што
можеше да се подигнат „дроп-бегови“. До него водеше еден исклучително стрмен
спуст со безброј серпентини по кој ги осетив првите болки во десната
потколеница. Спортската сала каде што беше контролната точка која нудеше
доволно удопства од храна, течности, туш па дури и кревет. Ја пресоблеков
маицата, намачкав вазелин на стапалата, сменив чорапи и патики и изедов малку
макарони со пармезан. Се до таму претежно јадев гелови, банана и енергетски
барчиња. На излегување од контролата се сретнав со Тена, Ивана и Ице, многу
важен момент за вакви трки. Од спортската сала по мала тура низ градот патеката
веќе води по едно стрмно искачување кон домот Бертон(1979m) каде што со групата со која одев згрешивме мал дел од патеката но ние
всушност направивме едно кратко заобиколување и повнорно се вративме на
патеката. Од домот Бертон можат да се видат и првите пејсажи кон Мон Блан и
тогаш сфатив што е тоа што ја прави оваа трка толку привлечна. Се свртував
неколкупати сакајќи да ја втиснам таа слика што подлабоко во мене. Делот од
домот Бертон до домот Бонати е речиси изохипса и вистинска дефиниција за трејл
трчање. Само кратко се задржав во домот Бонати по кој следуваше изохипса и
потоа краток спуст до Арнува(1786m). Овие точки се доста
близу и немав потреба од многу задржување, единствено за полнење на
електролити.
Од Арнува следи искачување до највисоката точка Гранд Кол Фере(2525m). Натпреварувачите во овој дел се сосема ретки и е вистинско задоволство
доколку имате некој во друштво. Искачувањето само по себе и не е толку напорно
колку што се напорни и долги спуштањата посебно долгото спуштање до Пра де
Форт(1161m) преку Ла Фоли(1600m) кое речиси ме уби. Трчајќи на по еден благ спуст толку силно ја удрив
десната нога што помислив дека ми падна ноктот од палецот. За среќа само беше
истечена крвта која се насобрала во него и како што трчав така ми се намалуваше
и болката во палецот. Морав нешто да сторам и со левиот палев па се одлучив на
варијанта да го прободам со игла и да го ослободам од насобраната крв. Мало
олеснување кое многу значеше.
Пред старт гледајќи го профилот предвидувавме дека втората половина од
трката е полесна. Заклучив како и на многу трки до сега дека потпирањето на
профилот е погрешно.
Во Шампе-Лак(1465m) по изминати 122k стигнав точно во 15:00. Бев доста гладен и кога ја видов познатата пита со
боровинки на Леон од видеото на Шењо поставена на контролната точка во еден
здив изедов 4-5 парчиња. Набрзина изедов уште една порција макарони со
пармезан. На излегување повторно ги сретнав Тена, Ивана и Ице. Рамниот дел
околу езерото се трудев да го трчам но тоа ми се чинеше поспоро и од бавно
одење. Но бев решен дека дури и така да е само да стигнам до финишот. А до таму
имаше уште многу. Поточно три долги искачувања и спуштања.
На искачувањето кон Ла Жиет(1884m) ме престигна никој
друг туку Зигор Итуриета(подиум од претходната година, победник на Лаваредо...).
Не можев да верувам но подоцна прочитав дека имал многу проблеми за време на
трката.
Во Триент бев во 18:20. Посетив и медицинката екипа за да го решат
проблемот со потколеницата. Ме намачкаа со маст која не помогна многу па
подоцна се намачкав и со НоДол гел кој го носев со себе. Од таму остануваат
уште 30км и две доста напорни искачувања. Најпрвин Катоњ(2034m) чие стрмно спуштање води до Валорсин(1270m) а потоа искачувањето на Тет о Вентс(2127m). Валорсин ми беше некако влезен во глава како место до кое ако евентулно
би стигнал сигурно ќе ја завршам трката. Но тоа не одеше лесно.
Искачувањето на Тет о Вентс е доста напорно, посебно финалниот дел
исполнет со многу камења и карпи. Концентрацијата ми беше на ниско ниво и имав
еден мал пад кој помина без повреда и решив да се движам повнимателно. Патеката
до Ла Флеже(1863m) ми беше премногу
напорна иако беше благо спуштање. Неколку ултра навивачи полуголи пееја песни
на контролната точка и сугерираа дека остануваа усте 8км и пола час до Шамони.
Беше точно полноќ па и пишав на Христена да ме очекуваат во Шамони за час и
дваесет минути. Само 8k по доста напорен спуст до Шамони исполнет
со многу корења и камења во првиот дел додека вториот дел беше поширока патека.
Имав уште еден пад на овој дел и решив да забавам малку. Не бев сигурен дека
сум пред крај се додека не стапнав на улиците на Шамони. Малкуте луѓе кои беа
во градот аплаудираа и бодреа. Христена, Ивана и Ице беа покрај финишот. Бев
пресреќен но преуморен да за да го искажам тоа. Јовица стигна еден час по мене.
Бев нестрплив околу пригањето на Светле па уште рано утрото се упатив кон
финишот. Уживав во моментите кога пристигнуваа натпреварувачите во очекување на
порака од Светле од последната контролна точка. Од таму многу побрзо од тоа што
очекував ја пречекав Светле на 500m од финишот и ја пратев
до финишот. Ако нешто и завидував тоа беше нејзиното пристигнување кое беше
навистина имресивно со целата таа маса на луѓе кои се наоѓаа на улиците.
Посебно впечатливо беше пристигнувањето на последниот натпреварувач кој позади
себе ги имаше големиот број на волонтери кои го пратеа до финишот. Како посебно
херојски моменти од овој UTMB би ги издвоил обидот на
слепиот човек кој се обиде да го заврши овој ултрамаратон но поради лизгавата
подлога беше спречен и нашите тројца пријатели од Бугарија кои стигнаа само
еден час пред трката и успешно ја завршија.
Нашите времиња беа следни: Жикица Ивановски 31:46:05(155место), Јовица
Јованчев 32:46:32(189 место) и Светлана Стојаноска 44:59:29(1364 место во
генерален пласман и 84 место од 114 жени кои финишираа). Инаку трката ја
завршија 1581 натпреварувач.
П.С.Пресреќни сме и горди на овој успех за кој голем удел имате Вие со кои ги делевме патеките во изминатиот период и кои ни дававате огромна подршка!
Голема благодарност до ПСД Макпетрол и Златара ВАМИ за укажаната доверба!
No comments:
Post a Comment