Next race: www.highscardusultra.com

Thursday, May 15, 2014

Соколов Пут (10.05.2014)

Од Македонија тргнавме тројца, Трајче, Марјан и јас. Прво издание на Соколов Пут и доволно добра причина да бидеме таму. Нашите вредни пријатели од udruzenjefreestylera додадоа уште една трка во нивниот календар. Соколов пут беше конципиран како Sky race со 22k и 2074m +D, имајќи ги во предвид пропозициите за ваквите трки, со старт во Нишка Бања и финиш на врвот Трем(1810m), Сува Планина. Освен искачувањето на Трем потребно беше искачување и на Мосор(984m) и Соколов Камен(1523m). 


Старт Нишка Бања
Теренот освен за Трајче за нас двајцата беше тотална непознаница. Од организаторите ни беше најавено дека ќе се трча по каменест терен со малку кал и низ шумски предели. Профилот на трката колку толку ни даде некаква претстава за тоа што не чека и за тежината на оваа трка. Сепак најдобро беше тоа се провери во живо. Стартот закажан во 08:00 во Нишка Бања и на него беа пријавени околу 100 тркачи и 100 планинари. 

Прекрасни делови за трчање
Патеката од самиот старт водеше по маркирана планинарска зиг-заг патека кон местото Коритник. Стартот беше доволно брз за повеќе да не ги видам првите четворо пласирани се до финишот. 

И технички и стрмно!
Од Коритник до првата контрола водеше прекрасна шумска патека. Следуваше перфорирање на картончињата кои ги добивме на старт и искачување кон врвот Мосор. Доста каменест терен кој бараше мноу внимание но нудеше и прекрасни погледи кон Трем и околината. Стрмен спуст кој бараше движење на „ сите четири“ водеше до подножјето на Соколов Камен од каде беа потребни  околу 3k и 500m +D за да се стигне на врвот. Импозантен врв со многу стрмни делови за искачување по тесна планинарска патека која беше одлично обележана. На врвот ме пречека Владимир во улога на контролор и само ми дофрли дека македонецот е трети и можно е да престигнал некој од водечките. 

Марјан Бонев пред финиш
Од врвот до седлото Девојачки Гроб води исто стрмно спуштање кое поради падината те принудува на странично трчање. Девојачки гроб е всушност и последната контролна точка пред Трем. Од седлото до врвот и овде се потребни околу 3k  и 500m +D искачување. Патеката одлично обележана и изгазена шарајќи лево десно никако не ти дава прилика да го видиш финишот се додека не излезеш на финалните 500m. На финишот веќе беше Марјан кој финишираше четврти па заедно направивме неколку фотографии пред да започнеме со спуштање кон Девојачки Гроб а потоа и кон Бојанине Воде каде не чекаше организираниот превоз до Нишка Бања.

Дефинитивно едно од најубавите мест на кои сум трчал
Имавме шанса да учестуваме на прекрасно организирана трка која нудеше прекрасни терени за трчање и многу позитивна енергија. Уште сега ја штиклирам како "must to do" за следната година.

На финишот со Марјан Бонев
Повеќе инфо трката: https://www.facebook.com/sokolovput?fref=ts
Видео од трката: http://vimeo.com/94955168
Она што следува на календарот е уште една трка во организација на udruzenjefreestylera и тоа на Стара Планина. Повеќе информации на линкот: http://udruzenjefreestylera.com/sr/vesti/

No comments:

Post a Comment