Next race: www.highscardusultra.com

Monday, October 3, 2022

High Scardus Stage Ultra 105k(03-04.09.2022)

High Scardus Stage Ultra 105k е замислена како двоетапна трка од по 50к на територијата на Македонија и Косово. Рутата се движи по Шар Планина и ги опфаќа речиси нејзините најубави делови. Стартот за првиот ден беше предвиден од Попова Шапка до Арџена во Косово, а вториот ден стартот беше од Арџена до Призрен. Ова за сигурно е прва етапна трка во Македонија и Косово а најверојатно и на Балканот. Секако и за мене исто така прва етапна трка па многу не се двоумев околу пријавата. 

Богато мени со традиционални јадења
На ден пред трката(петок) имавме организран превоз од Приштина и Скопје до Попова Шапка. Бевме околу петнаесеттина натпреварувачи и сите не собра во едно поголемо комби. На Попова Шапка имаше можност да се преноќи во шатори од организаторот или во хотел Скардус каде што беше брифингот и вечерата за натпреварувачите.

Пред стартот
Утредента(сабота) стартот беше закажан за 07:00 пред самиот хотел. За тој ден не очекуваа 50к со околу 3000м +Д и шест контролни точки кои требаше да ги поминеме. Имаше поставено и строги временски лимити за сите контролни точки со цел да се избегне ноќта.
Целта за тој ден ми беше да стигнам што поодморен и без некоја повреда во Арџена. Од старт тргнавме заедно со Дарко Роглев и полека напредувавме кон контролните точки успевајќи и да претекнеме некој од натпреварувачите. Прва контролна беше седлото на Плат, па Долна Лешница, Титов Врв, Смрека, Боговинско Езеро и Тија Вода како последна. Теренот освен некои делови беше главно по планинарска патека, а на делови и по широк земјен пат. Успеав да финиширам малку под 9 часа, презадоволен од тоа што го видов и како ја поминав првата етапа.

Од Тија Вода кон Арџена
Тоа што ме плашеше беше наредниот ден и како телото ќе реагира на следните 50к. 
Следната етапа беше слично со 3000м +Д но со 4000м -Д и со малку потежок терен за разлика од првата. 
Неделата стартувавме во 07:30 со пола час задоцнувње. Имаше најави за лошо време кои сепак не се остварија за текот на трката. 
Во втората етапа требаше да поминеме четири контролни точки: Џинибег, Скарпа, Караула и ресторант Бјешка. Првиот дел од Арџена преку Челепински Врв до Џинибег минуваше по планинарска патека и беше релативно лесен за поминување. Вториот дел за мене беше најтешок на овие две етапи, а верувам и за остатите. Должински само 16к но временски ми беа потребни повеќе од 4 часа. Најпрво се движевме по граничната линија меѓу Македонија и Косово а потоа патеката почна да води кон во лево и да спушта стрмно надолу низ треви и грмушки кон еден извор. Овој дел беше тежок за навигација па постојано морав да ја следам патеката на телефонот. Од таму следуваше стрмно искачување по треви, грмушки и боровинки кон делот Шереметица од каде конечно можеше да се види Караниколичкото Езеро. Еден краток спуст кон езерото па следуваше можеби најстрмното искачување, за овие два дена, кон врвот Скарпа.  

На Караниколичко Езеро
Од врвот Скарпа па до Призрен следуваа долги 25к со речиси 2000м -Д и едно бескрајно искачување од 400м +Д. Попатно имаше и две контролни, сосем доволни за овој дел. 
Влегувањето во Призрен беше преку тврдината и води низ центарот на градот. Тајмингот беше таков што кога стигнав кај Синан Паша Џамија беше најраздвижениот период од денот па имав проблеми да го најдам финишот на трката. Финиширав со време од 10:35.






No comments:

Post a Comment