Next race: www.highscardusultra.com

Sunday, October 22, 2017

Крали Марко Ултра Трејл(23-24.09.2017)

Ноќта навидум студена, но за среќа беше и повеќе од идеална за трчање. Патека толку позната што го паметам речиси секое камче.Стартувам релаксирано и полека почнувам да престигнувам некои од тркачите. На Трескавец стигнав сам и така бев долго долго време во трката. Спуштав надолу трудејќи се да ги пратам маркациите но сепак влетав во трње и солидно се изгребав на нозете. Пред искачувањето кон Кукул фрлив неколку погледи кон Трескавец и змијата од лампи која се спушташе надолу во ноќта. На Езеро и Плетвар се задржав сосем кратко.  


Трескавец




Следува едно од најтешките искачувања, Козјак. Здогледувам неколку лампи во далечината и сфаќам дека искачувањата ми се потешки годинава. Спуштањето до Крстец го направив највнимателно што можам. Кон Присад само што го искачив највисокиот дел ја загубив маркацијата и некое време лутав се додека не се вратив на последната маркација која што ја видов а потоа малку полево ја здогледав и следната и се спуштив на широкиот пат. Трчлив дел со благо спуштање до манастирот. Поради дуењето на стомакот земав активен јаглен кој делуваше одредено време. 
Следуваше делот до Небрегово преку Мукос. Мојот омилен дел. На искачувањето повторно се движам споро и забележувам лампа во далечината. Новиот ден се будеше на исто место како и претходната година. Дежа ву. Набргу стигнувам до Илија Пајмакоски и продолжуваме заедно кон Небрегово. До чешмата спомен петокрака стигнуваме по маркациите а таму наместо да спуштаат кон селото неколку маркации се преместени и водат во нелогичен правец. Навистина збунувачко но решаваме да одиме кон манастирот кој го имаме на видик но и кон него маркациите ги нема освен неколкуте пред самиот манастир. Направимве нешто подолга пауза и продолживме кон следниот дел, Борула и наредната контрола Крстец кој оваа година го имавме два пати. Од сред Небрегово каде што имаше дрвен знак на бандера кој насочуваше во лево и речиси 3-4км недостасуваа маркации. Решив да им јавам на одговорните кои реагираа најбзо што можат и беа поставени нови маркации. Оваа случка толку ме демотивираше, знаејќи со колку труд и потрошено време влеговме сите во оваа трка, што загубив желба за трчање. Со Пајмакоски се разделивме некаде пред излезот на седлото кон Дервен каде што имаше екипа која даваше насоки. Од таму до крајот си клацкав сам. 


Пред финиш
Во Крстец одморив најдолго до тогаш, јадев можеби и премногу но сепак истрчав колку што можам повеќе до следното искачување на Ќаве. Беше се потешко како што се доближував до крајот. Зацртаниот финиш од 15-16 часа одминуваше а остануваа уште две искачувања кон Единак и Трескавец. Но финишот беше неминовен и таму бев за 17:16. На здравје Крали Марко!
Огромна благодарност до сите што придонесоа овој настан и оваа година да биде празник на трејл трчањето и да биде поттик и инспирација за многу луѓе!

No comments:

Post a Comment