Next race: www.highscardusultra.com

Wednesday, September 14, 2016

Персенк 100 милји/110км(18-19.08.2016)

Ова беше мое трето учество на Персенк и секокаш по дифолт трчав на најдолгите дистанци. На првото издание на Персенк најпрво на 120к додека на третото издание на 130к. Оваа година за прв пат беше воведена и дистанца од 100 милји доволно за да се нафатам на предизвикот. Целта ми беше да финиширам во некое разумно време(под 30 часа) и со тоа да имам комплетирано две трки од 100 милји во една сезона. Планот беше да стартувам резрвирано без многу еуфорија и да трчам моја трка. Деновите пред стартот беа доста врнежливи но со самиот стартот и врнежите прекинаа па настапи голема влага. 

Нашата екипа од Македонија имаше учесници во сите трки и тоа Мери, Александар и Мики на Орехово 55к, тројцата Игоровци, Никола Цицовски, Дејан Крле и Љубиша Андреиќ на 110к и Тања Манчева како логистика. Стартувавме во 18 часот идеaлно време за старт имајќи во предвид дека почетните километри ги трчавме преку ден(подоцна ќе се покаже дека клучната маркација доколку беше темница ќе ја забележевме подобро). Делот до Орехово 63к беше комплетно нов и непознат за нас тркачите. Од стартот до првата контролна водеа две стрмни по профил искачувања но во реалноста идеални за брзо одење и на места за трчање. Се движев позади една колона од околу десет натпреварувачи кога фативме во еден дел со многу паднати дрвја доста неисчистен кој за кратко време стана и премногу стрмен за трчање. Нешто беше погрешно но свежите црвено-бели маркации и зборовите на Николај Марангозов дека ќе имаме едно многу стрмно спуштање на кое дури ќе има и јаже не носеа се подолу и подолу. Во еден момент веќе бевме група од околу 15-20 луѓе кога почнавме да се сомневаме со точноста на патеката и започнавме да се враќаме назад за да го добиеме Марангозов на телефон. Од него добивме потврда дека сме на погрешна патека и она стрмно спуштање сега требаше да го качуваме. Веќе беше темница и моравме да ставиме лампи. Повеќе од два часа на патеката и речиси без вода, а за храна не ни помислував. Единствено сакав да стигнам само до контролната точка. Од една страна умот ми велеше дека неколку часа плус на ултра не значат многу но потоа ме советуваше да се вратам назад во Асеновград па наредните денови да си направам тренинг или пак да стигнам до Орехово па таму да одлучам. Но освен загубените часови загубив и премногу енергија потребна за остатокот од трката. Откако искачивме доволно за да ја здогледаме вистинската бела маркација со црвена рефлектирачка лента продолживме кон контролната точка. Одлучив да продолжам кон Орехово.
Вината за губењето беше единствено на наша страна што не ја следевме вистинската маркација а посебно моја што воопшто и не се посомневав и продолжив да ја пратам групата. Подоцна во текот на трката уште неколкупати ја губев маркацијата но бев сам и за кратко време повторно се враќав на вистинската патека.
Кога стигнамвме на КТ1 Добростан бевме последните што беа таму после 4 часа и изминати 17к. Само што ја напуштив КТ1 почнав да престигнувам натпреварувачи кои буквално си пешачеа и на рамните делови. Нешто пред втората КТ2 Југово се сретнав со Дејан Крле, кој исто така погрешил на истото место, и од кого добив инфо за останатите од нашата екипа. Игор Карас исто така бил во група која погрешила на истото место но за среќа не се спуштила толку долу како нас. Овде патеката беше доста стрмна и овде беше делот каде имаше поставено јаже за придржување. На контролната се задржав само кратко и продолжив кон нареднта КТ4 хижа Пашалица каде се сретнав со Никола Цицовски. Од таму во голем дел се движевме по асфалт кон наредната КТ5 Павелско/Хвоина на 51к. Од волонтерите таму добив инфо дека ќе треба да се премине преку електрична ограда за поставена за живина. Попатно се минуваше низ село Малево, а полната месечина дозволуваше и движење без лампа. Во овој дел се сретнав со Румен кој веќе имал трчано на Лаваредо со Тања Пенева и се движевме и разговаравме се до Орехово. 
По 12 часа и 63к бев на Орехово каде го начекав Љубиша. Решив да јадам и пијам добро па да одлучам што понатаму. Овде двете патеки на 160 и 110 се разделуваа па имаше доста гужва. Што откажани, што преморени и повредени. Ми се виде како добра идејата да легнам и да одморам малку. Ме мрзеше да променам било што на себе па воопшто и не го чепнав дроп-бегот на кој имавме можност на оваа КТ и легнав како што пристигнав. Одморив речиси цел час и решив да продолжам на пократката од 110к. Осамна убав ден и штета беше да се откажам таму и толку рано. Побарав од Николај Кабаџов да продолжам на 110к без пласман, само да стигнам до Асеновград, и по кратки консултации ми одобрија иако знам дека во такви ситуации откажувањето од една трка значи одземање на стартниот број и запирање на местото на откажувањето. Сепак организаторите беа доволно љубезни и затоа сум им благодарен.
Остануваше да уживам во остатокот од денот и километрите. Овој дел од патеката ми беше потполно познат и бев доста релаксиран во поглед на откажувањето. Ретки беа натпреварувачите кои ги среќавав а остануваа уште две КТ. Стануваше се потопло но за среќа имаше делови кои се трчаа низ шума. Последниот сегмент до Асеновград ми беше доста напорен со 1600м -Д и 500м +Д посебно заради изложеноста на сонце. Нешто пред Асеновград се сретнав и со Љубиша за кратко. На целта ме пречека Тања Манчева која беше таму за сите нас. По краток одмор повторно се вративме на финишот за да ги пречекаме Дејан и Никола. По неколку пици и пиво и повторно бевме како пред старт. Дознавме и за второто место на Мери на Орехово 55к и успешниот настап на Мики и Александар на истата трка.
Сумирјаќи ги импресиите неколку дена по трката заклучив дека не покажав доволно храброст пред самиот себе. Храброст за трка над 30 часа и можеби уште неколку часа моќ. Мозочето ме изигра овој пат, бев послаб од него но ќе имаме уште многу дуели заедно за докажување.



No comments:

Post a Comment