Next race: www.highscardusultra.com

Monday, April 25, 2016

Истра 100 милји(15.04.2016)

Истра 100 милји настан кој во четири години прерасна во најдобро организираниот во Хрватска од ваков тип и единствениот на Балканот под капата на Ultra Trail World Tour. Организација беспрекорна, природа преубава, патеки за сечиј вкус. Уште со самото пристигнување и реков на Светле дека ова може многу лесно да биде најубавата трка на која што сме биле. Не бев далеку од вистината.

Ништо без ваква екипа
Имавме една од најбројните екипи таму распоредени во речиси сите трки од 42k до 100 милји со што направиме и убава промоција на нашата Крали Марко Трејл
Ова беше прва трка годинава за мeне воопшто и навистина не бев сигурен до каде се моите можности. Најдолгиот тренинг ми беше само 40k и тоа на групното трчање во Пробиштип. Се останато беше сведено на неколку индивидуални тренинзи од по 35k, неколку темпо трчања со максимум 8k и неколку брзински тренинзи(400m, 800m, 1200m и 1600m) и трчање по скалила на Исарот  надополнети со неколку крос тренинзи во теретана и велосипед. Доволно или не целта беше само да финиширам и колку што можам повеќе да уживам, да трчам со глава а не со нозе.

Еден од моите најдраги ултра пријатели, Роберт од Полска(досега заедно два пати на Лаваредо и УТМБ)
Стартот на 100 милји беше од градот Лабин, еден од многуте градови направени на возвишенија заради нивната стратешка положба. На стартот се најдов со Ведрана од Сплит, наша ултра пријателка. Топлината од денот полека спласнуваше како што доаѓаше закажаниот старт во 16:00. Центарот на градот грмеше од Thunderstruck од AC/DC и набрзо започна одбројувањето. Најпрво низ тесните градски улици а потоа и спуст до морското ниво низ тесни патеки поплочени со карпи кон градот Рабац. Па едно благо искачување и спуштање до пристаништето Пломин, направено во еден прекрасен залив.

Профилот на 100 милји
До контролната точка на Пломин на 17k стигнав заедно со Калојан од Бугарија за точно 2 часа. Од таму теренот стануваше се потежок за трчање со доста карпи што штрчеа од земјата. Веќе беше залез па на контролната Бодај решив да ја припремам челната лампа. Највисоката точка за  искачување беше Мала Учка на 1400m. Кратко но доста стрмно. Она на што посебно внимавав беа спуштањата. Прилично тешки, по тесни каменети патеки покриени со лисја и корења, некаде лизгави. Ги трчав најбавно што можам за ги зачувам нозете за остатокот од трката.

На стартот заедно со Ведрана и Игор
Беше доста пријатна ноќ за трчање освен на повисоките и отворени места каде што дуваше ветар но затоа пак нудеа прекрасни погледи на Ријека и цела Истра. Контролните се редеа една по една. Поклон, Бргудац, Трстеник... Некаде на спустот пред Трстеник ми ослабна челната лампа па морав да ја искористам резервната и на контролната да заменам батерии. Само што ја напуштив контролната студот веќе беше во мене и само со трчање можев да го истерам. Овде наидов на Пламен Цукев од Бугарија.

Искачувањето кон Учка
Се движев кон последното големо искачување на оваа трка речиси на самата граница со Словенија. Како записничар таму беше Горан Лесјак, еден од најдобрите хрватски ултра трејл тркачи. Уште само едно стрмно спуштање до Бузет и еве сум на половина од трката. 
Бузет беше најдобро опремена точка како што и доликува за пола трка. Овде не чекаа и дроп-беговите па решив да заменам само чорапи. Не можев да и одолеам на прекрасната храна па после истарската чорба се решив и за порција макарони. Можев и уште но ќе требаше да заборам на трчањето извесно време. После половина час ја напуштив контролната прилично свеж во очекување на новиот ден.
Само што го напуштив Бузет фатив приклучок со хрватот Роко од Омиш со кого ја делев патеката до крајот. Делот до Хум беше прилично рамен освен пристигнувањето до самиот град. Потоа следуваше една дистанца од Хум до езерото Бутонига во должина од 17k што доста не намачи. Температурата постојано се зголемуваше, течностите никогаш не беа доволни, храната беше претешка за јадење. Бев на пат да дехидрирам па решив на неколку минути да земам по една голтка вода и електролит наизменично. Од храна можев да јадам само портокали и банани. Освен топлината другото се беше во ред.
Дојде некако и Мотовун и веќе на една рака се броеја контролните точки. Некаде пред селото Ливаде го видов Пирин Галов испружен на едно мовче. Малку промуабетивме колку да се подигне и повторно да почне да се движи. Му реков на Роко дека Пирин набргу ќе не стигне. На последното искачување пред Опртаљ во позадината слушнав еуфоричен крик и Пирин веќе беше до нас. Како да почнуваше нова трка.

Ја сакам Истра
Решивме што подобро да одмораме на контролните за да имаме доволно енергија до следната. Роко со себе имаше тројца другари кои го пратеа на секоја контролна точка и му помагаа со храна, малку масажа и секако најважнота помош, психолошката. Јас исто така користев колку што можам од тоа но сепак најубаво се почуствував кога го сретнав Игор Карас на едно брдо кон Грожњан.
Во Грожњан еден од фотографите не препозна дека сме од Македонија, всушност и тој бил македонец кој живеел долги години во Загреб па дури по мајка бил и штипјанец. Мој презимењак, Круме Ивановски.
Остануваше уште една контролна точка и мене почна да ме фаќа вистинска еуфорија. Трчав колку што можев повеќе. Карас овде заостана и заедно со Роко стигнавме во Бује. Овде повторно налетавме на Лесјак и неговиот натпреварувачки менталитет.
Остануваа уште само 13,4k за да бидеме на целта. По профилот изгледаа доста лесни со благи спуштања и рамни делови. Беа и доста трчливи само што веќе бевме изминале повеќе од 160k. Знаејќи дека со секој чекор сме се поблиску не можев да престанам да трчам и да го бодрам Роко. Неговата екипа повторно не пречека кај местото Виланија од каде што преостануваа нешто повеќе од 4k. Часовникот покажуваше 17:30. Целта сега беше да се стигне пред 18:00 и да финишираме под 26 часа. Фативме добар ритам и некаде пред Умаг не пресретна Мики кој ни се приклучи во последните метри. Упорноста на крај се исплатеше и финиширавме со време од 25:57:18. Дефинитивно најубавиот финиш кој сум го имал до сега.
Благодарен сум на Роко и неговата екипа, на нашата екипа од ТРЕКС која беше во Истра и во Македонија и на сите пријатели кои со кои ги делиме овие патеки за искрената подршка.
100 милји и не се така многу!

No comments:

Post a Comment