Next race: www.highscardusultra.com

Monday, October 20, 2014

Krali Marko Trail 64k, 3000m D+(12.10.2014)

Ретки се трките каде можеш да бидеш во улога на волонтер и на тркач. Секако не истовремено. Неколкуте викенди пред самиот старт заедно со уште неколку вредни момци и девојки, наши добри пријатели учествувавме во маркирањето и подготовката на патеката. Се трудевме да биде што подобро измаркирана. Врзувавме многу почесто ленти од обично а користевме и боја за се да биде уште повизибилно. Во случај некој ги искорне лентите сепак бојата ќе остане. Така си велевме. За да биде уште полесно од натпреварувачки аспект поставивме и табли кои ја сигнализираа насоката и дистанцата до наредната контролна точка. Во тој поглед патеката беше повеќе од спремна за што сведочат и многуте позитивни коментари.

Неколку минути пред старт
Саботата, ден пред трката, пристигнаа најголемиот број од натпреварувачите. Странските натпреварувачи исто така. Беа таму луѓе од Турција, Србија, Бугарија, САД, Германија, Дубаи, Хрватска... а ние бевме пресреќни поради тоа што ќе ја делиме патеката со нив. По стандардниот брифинг околу патеката и задолжителната паста поголемиот дел од нас се упати кон спортската сала каде што требаше да преспиеме.

Стааарт!
Утредента стартот беше закажан во 08:00 и не знам само како се успеа да се намести целата опрема и се да биде спремно за толку ран старт. Насмевки летаа на сите страни и сите беа многу раположени. За чекирање секој од нас имаше прстен кои ги добивме од ориентацистите кои ни излегоа во пресрет со овие гаџети. Амфитеатарот во населбата Варош ми се виде прилично исполнет со луѓе, повеќето тркачи на 16к, кои се решија да ја испратат толпата од шеесетишестмина на патувањето од 64k со 3000m D+. Стартувавме со прилично комфорен ритам трудејќи да ги следиме маркациите по пат. Сепак испуштивме едно мало искачување но повторно излеговме на вистинскиот пат. Уште на почетокот се одделивме една група во која беа Мамут, Јовица, А. Симјановски, Константин и М. Стефанов. Се движевме така се до првата контролна точка на манастирот Трескавец. Спустот кон Дабница секој си го фати со свој ритам така што пред Кукул Мамут веќе беше прв и јас позади него. Мамут речиси и да не застана контролната точка на Прилепското Езеро каде што јас се задржав само за да дополнам вода. Очигледно беше дека делот кон селото Плетвар му годи и веќе не го гледав ниту во далечината.
Се трудев да го трчам целиот дел кон селото Плетвар со тоа што ментално се подготвував за искачувањето кон Козјак. На овој дел за прв пат ја почуствував топлината и не баш така иделаните услови кои планиравме да ги имаме. Си размислував да беше оваа трка некаде во САД сигурно би се викала "hot heat". На контролната точка дополнив доволно течности околу 1l и земав една банана за по пат. Со прилилно полн стомак на почеток на искачувањето не се трудев премногу и си дозволив некој среден риатам без задишување. Малкуте рамни делови ги трчав но Мамут никако не можев да го видам.

Голем избор на контролните точки
Очекував некој проблем или криза да се појави но не толку рано во трката, на 25k. Најпрво благи грчеви во листовите а потоа и во целата натколеница како што искачувањето стануваше пострмно. Застанував неколкупати за истегнување но при напор како што бара Козјак Душевадникот (име кои ми се појави во текот на искачувањето) повторно се појавуваа.  На врвот решив да земам малку здив и уште еднаш да се истегнам и да ги избегнам грчевите при спустот кој следуваше. А спустот да ти бил лек за такви грчеви. До Крстец речиси и да не почуствував грчење. Супер интересен спуст со промена на терен од многу каменест до синглтрек серпентини кои водат до контролната точка во Крстец. Таму го сретнав Мамут на излез од контролната додека јас решив да дегустирам нешто од храната и течностите. Со тоа што на мене имав две пластични шишиња секогаш едното го полнев со вода а другото со Горска електролит, а нешто подоцна и со моите резерви од електролити кои ги носев. Од храна најчесто земав банана, урми и суво грозје а на два пати и малку сол.

Позитивци!
Во глава ја имав речиси целата патека (претходно измината при маркирањето) освен мал дел од Крстец кон Св. Ѓорѓи Присад. Еден интересен дел со сува трева и низ ретка шума со доста смтрмно искачување како финале. Мамут не го гледав но затоа пак ги слушав овчарските кучиња кои лаеја по него. Таму беше и овчарот, со кого се видовме неколку викенди претходно, кој ме предупреди да го поминам тој дел со пешачење.
До Св. Ѓорѓи Присад водеше идеално спуштање баш како што нозете посакуваа. Запрев малку и таму за храна и вода. До следната контрола водеа 6к со благо спуштање а потоа и рамен дел. Како и на секоја трка мислите секогаш ми беа да се стигне до следната контролна точка визуелизирајќи ја патеката. Од голема предност беше што ја имав претходно поминато патеката. Прилепското Езеро по втор пат и назад по истиот пат. Идејата да се оди два пати по истиот пат беше одлична имајќи го во предвид пределот низ кој се трча, борова шума и огромни камени формации. Некаде во боровата шума налетав на стадо од огромни кучиња "бетовени" на кои друштво им правеше еден ротвајлер кој според стопаните беше единствено опасен. Се вкопав в место се додека не се повлекоа. Набргу стопаните си ги повлекоа милениците откако им кажав дека трката е во тек.

Влез во амфитеаторот во Варош
Следуваше уште едно големо искачување кон Трескавец од спротивната страна. Добро познат терен од претходниот ден кога го маркиравме со Светле. Течностите ги искористив точно до чешмата каде што застанав за краток одмор и дополнување на вода со тоа што не планирав да полнам нови течности на контролната на Трескавец поради спустот кој следуваше до финишот. Пред самиот манастир се разминавме со Мамут поздравувајќи се. Спуштањето одеше одлично исто како и неколкуте благи искачувања на овој дел. Од седлото под Маркови Кули па до Варош имаше мал дел кој ми беше непознат но одлично измаркиран посебно за оние кои би пристигнале во ноќ. И таман кога мислиш дека се е веќе готово и имаш уште неколку метри до финиш следува изненадување во вид на искачување кон манастирот Св. Арангел Михаил, па спуштање по калдрма и заобиколување на голем дел од населбата за да се стигне во Варош. А кога стигнав таму знаев од насмевките и позитивната енергија колку вреди секој изминат километар на оваа трка.

Имав чест да го делам подимот со Мамут и Константин
За добрата журка се погрижија бендовите Келија 9, млад средношколски бенд од Скопје  и The Hounds, профи прилепски бенд.

Признание за Трајче, најмалку што можевме
Честитки до сите кои земаа учество на двете трки, се надевам дека уживавте во моментите поминати на патеките и дека следната година повторно ќе се вратите!
За крај да им се заблагодарам од се срце на сите што помогнаа овој настан да се крене на едно повисоко ниво а посебно на волонтерите, срцето и душата на оваа трка. И секако мозокот на оваа трка Трајче Панковски.

Записот на Мамут од Крали Марко 64k
Мојот запис од Крали Марко 64k

No comments:

Post a Comment