Персенк е трка на планинскиот масив Родопи во Бугарија. Стартот е во Асеновград и опфаќа три трки: Персенк Ултра 130к, Орехово Ултра 80к и Асеновград Крос 20к. Ова беше трето издание и убаво е да се види како овој настан прераснува во еден од најзначајните во Бугарија и на Балканот од ваков тип.
Македонската екипа на овој настан броеше десетмина од кои тројца на Персенк Ултра, Јовица, Александар и јас додека Светле, Тања, Мики, двајцата Игоровци, Карас и Пирко и Димитар на Орехово Ултра.
Деновите пред трката проверувајќи ја прогнозата бевме свесни дека нема да трчаме по идеални временски услови но оптимизмот не не‘ напушташе. Сепак и таа тронка оптимизам беше збришана со пристигнувањето во Асеновград на ден пред трката од молњите и густите облаци кои ги окупираа Родопите.
Денот пред трката го искористивме за регистрација и надевајќи се на полноќен старт решивме да одмораме во спортската сала. Од таму се пружаше добар поглед кон планината каде повторно почнаа да се групираат густи облаци. Невремето само што не беше започнало. За испуканите огномети мисливме дека се ракети за разбивање на облаци. На три-четири часа пред стартот некој од бугарите во салата доби повик дека стартот се одлага за утредента од 06:00.
Наредното утро времето беше мирно со идеална температура но и со голема неизвесност за остатокот од денот. На стартот како по традиција не испрати гајдаџија во полумракот низ Асеновград. За кратко почнавме со стрмно искачување по тесна патека исполнета со камења, еден зад друг, Јоцо, Мики, два Игоровци. И веднаш потоа стрмно спуштање до поток кој се беше претворил во подивена река. Некои едноставно прелетаа низ реката додека ние решивме боси да поминеме за да не се мокриме толку рано. Реката некаде длабока над колена, на дното пак големи камења а без никакво осигурување кое сметам дека беше задолжително да се постави. Овде Игор Карас и Мики се одвоија напред па останвме Јоцо, Пирко и јас. Веќе не‘ престигнуваа побрзите од Орехово Ултра па така налета на нас и Бојан Дулејан. Нешто пред првата контрола, Врв Баба, на 17км останавме само јас и Јоцо и бевме решени да продолжиме заедно со некое прифатливо темпо за двајцата колку што можеме подолго.
Се движевме претежно по широк земјен пат кој освен на делови и покрај поројните дождови не беше каллив туку напротив доста мек за трчање. Малку горе-долу и едно стрмно искачување до Бела Црква 30км каде се сретнавме со Константин Атанасов кој волонтираше пред своето учество на УТМБ.
До Орехово 39км претежно водеше спуст кој бараше доста внимание(означен со извичник на мапата). Јоцо спомна дека границата за опасен спуст му се наоѓа повисоко па воопшто не почуствувал тешкотија при спуштањето. Овде на два пати за кратко излеговме надвор од патеката најмногу поради тоа што други водеа напред но благодарение на Јоцо и неговиот ГПС брзо се корегиравме. Орехово беше точка на која можеше да имаш дроп-бег и каде два пати минуваш(на Орехово Ултра минуваш само еднаш и се враќаш кон Асеновград по различна патеката). Сменив маица и побрзав да го стигнам Јоцо кој побргу излезе од контролната точка. Само што го здогледав се сетив дека ги заборавив стаповите внатре па морав да се вратам па повторно ме дочекаа со аплауз. Некој од контролорите духовито прокоментирал на ливе тракот дека многу ми се допаднала точакта па затоа и сум се вратил.
Следуваше најдолгото растојание без контролна точка па затоа и се информиравме дали постои некој извор. За среќа постоеше и извор и уште ненадејна контрола, мислам дека ја нарекуваа Митница. Овде беше Марија, победничката на Крали Марко 2014 со својата екипа.
Следната контролна беше домот Персенк 62км, највисоката точка на трката. И овде водеше широк земјен пат кој воглавно го пешачевме со цел да не се трошиме премногу. Пред нас за миг ја здогледаме првата во женска конкуренција во тој момент.
Наредната точка, Чудни Мостови 73км, требаше да биде хајлајт на целата трка. Но само што го напуштивме домот Персенк почна страшно невреме со силен дожд и грмотевици. Патеките веќе претворени во реки и залудно беше да се избегнуваат па трчавме низ нив. Пристигувањето до контролната точка беше по многу стрмен спуст низ борова шума и каменест дел. Фрливме по еден поглед кон мостовите кои се вистинска атракција во овој дел и правец кон наредната контрола, Кабата 77км.
Најпрво по краток асфалтен дел а потоа остро свртување и движење по тесен шумски пат со многу паднати дрвја. Дождот беше престанал и си мислев дека она што останува ќе биде единствено убаво време. На Кабата како и на сите контролни точки се задржавме многу кратко за разлика од останатите па така на оваа контрола поминавме неколку натпреварувачи.
Само што ја напуштивме Кабата излеговме од патеката за кратко и откако видовме дека од сите страни не опкружува провалија се вративме на делот каде беа поставени јажиња за спуштање. Доста внимателно го спуштавме овој дел се додека не излеговме на широк земјен пат.
До Орехово 90км претежно водеше спуст не премногу тежок но и едно кратко стрмно искачување. Овојпат на Орехово се задржавме малку подолго. Јас сменив чорапи и повторно маица. Јоцо како и обично порано ја напушти контролата но за кратко се споивме. Од профилот можевме да заклучиме дека има доста напорно искачување кон Бела Цркав. Неколкупати ја преминувавме малата река пред да започнеме да искачуваме. Ова всушност беше враќање во обратна насока по која веќе беа поминале натпреварувачите од Орехово Ултра со тоа што моравме да ги следиме белите маркации за враќање. Излеговме повторно на широк пат и како бесконечно да пешачевме по него. Малку не збуни тоа што контролната беше на подолго растојание од предвиденото па долго пред неа и Јоцо мислеше дека слуша гласови од луѓето присутни таму. Наместо на 100км излезе дека е на 104км.
Само што излеговме од контроланата која беше прилично затоплена предложив да облечеме нешто врз нас бидејќи почнавме да ги чувствуваме првите знаци на студ. Набргу почна да паѓа силен дожд а облаците како да се спуштија врз нас. Видливоста се намали на само неколку метри што беше причина и да излеземе надвор од патеката. По пат сретнавме и двајца натпреварувачи на Орехово Ултра кои ги имаа првите знаци на хипотермија. Беа недалеку од Врв Баба 114км и повикаа помош која за неколку минути беше до нив. Утредента ги видов и како финишираат.
Остануваше уште една контрола, Ласково 124км, до крај и дури тогаш се убедив дека навистина ќе финишираме. Доста стрмен спуст кој водеше најверојатно до реката која преминавме утрото но за среќа имаше мост. Влеговме во заспаното село каде единствени будни беа контролорите кои не понудија со топло кафе и ладна ракија. Само им се заблагодаривме и продолживме кон Асеновград. Овде уште уште еднаш се убедивме дека профилите на вакви трки се доста лажни па наместо стрмнен спуст уште од самата точка најпрво качувавме па одевме по рамен дел за дури потоа да фатиме спуст. Овој дел беше доста технички тежок, особено по толку километри, со доста влажни камења. Веќе се наѕираа и првите светла од градот. Јоцо ме наговараше да влезам пред него во финиш со разни изговори и да финиширам како трет. Вистината беше дека еден без друг на ваква трка со временски услови како што имавме ќе бевме многу побавни и помалку успешни. Награда за целата авантура ни беше третото место.
На финишот стигнавме по 21ч и 48м длабоко во утрото. Светле и Пирко беа таму да не пречекаат. Неколку фотографии и малку муабет па веднаш се повлековме во спортската сала.
По будењето ги рекапитулиравме резултатите. На Орехово Ултра Игор Карас и Мики на делба на 7/8 место со време од 11:38, Пирко 13:35, Димитар 14:03, Светле 15:55 и Тања 18:42. На Персенк Ултра, Александар Таковски по неколку промашувања на патеката се откажал.
Бугарите и организаторите тркава си ја нарекуваат „бугарскиот УТМБ“. Како што одминуваше трката така се повеќе ги наоѓав и сличностите со УТМБ. На искачувањата, спуштањата, окрепите па дури и влегувањето во Асеновград го почуствував како влегувањето во Шамони.
Сега само би спомнал што добивме од организаторите со учеството на тркава. Бесплатно спиење, првата ноќ во општинската зграда, останатите во спортската сала. Паста парти пред и после трката. Одлична маркација и беспрекорни окрепни станици. И секако многу позитвна енергија и насмеани лица.
До следната година!
Линкови:
No comments:
Post a Comment