Next race: www.highscardusultra.com

Tuesday, April 28, 2015

Фрушка Гора(25.04.2015)

Фрушкогорскиот маратон ја има една од најдолгите традиции и оваа година го одбележа 38 издание. Опфаќа повеќе дистанци од 20км до 125км(Ултра екстремни маратон кој го имаше првото издание оваа година). За прв пат оваа година се наплаќаше и котизација на некои од трките за што имаше поделени мислења. Лично мислам дека потребно е наплаќање котизација со што би се одржала оваа убава традиција но и за што подобра организација. Новина беше и тоа што на подолгите трки некои контролни точки беа преместени(наместо Врдник беше етно село Врдник),  а некои комплетно избришани(Тестера и Долина Кестенова).

Нашиот камп
Нашата екипа составена од Тања Пенева, Светлана Стојаноска, Тања Стојановски, Александар Митев и јас во петокот, ден пред стартот, по разни перипетии со возилото пристинигнавме на Фрушка Гора. Се сместивме на „нашето“ место како и секоја година но оваа изгледаше празно со само два мали шатори. Благодарени на Зоран Прекогачиќ(победникот на Ултра екстремниот маратон) имавме средени пријави и остануваше само да се дружиме со нашите драги пријатели Младен од Тузла а подоцна и со Сречко и Марјета Гомилшак со нивната словенската екипа. Вечерта пред стартот падна и договорт кој на која трка би ја трчал. Светле и јас се одлучивме за Големиот источен 81км со 3292м +Д, Тања Пенева за Големиот јужен 91 км со 3596м +Д, а Тања Стојановски за Ултра ектсретмниот маратон 125км со 5611м +Д. Големиот источнен маратон речиси и да поминува низ сите контролни точки освен манастирот Хопово и дополнителниот круг кај Летенка. Големиот јужен пак го немаше манастирот Гргетег но затоа го имаше дополнителниот круг около Летенка додека Ултра екстремниот  беше надграден Ултра маратон со дополнителна контрола, Врата Раја.

Со екипата од Словенија
На целта повторно сретнавме наши сродни души со кои се гледаме единствено од трка на трка и вистинско задоволство беше повторно да ги видиме. Стартувавме заедно со Светле и Тања Пенева но некаде пред првата контрола се разделивме. Целта ми беше да имам што порелаксирана трка и да пробам некоја подолга дистанца за прв пат оваа година. Контролите си се редеа една по друга, Главица, Астал, Дом на Стражилово, манастир Гргетег, ТВ Торањ од каде што заедно трчавме со еден дечко од Софија во правец на Краљева Столица но некаде го промашивме свртувањето и излеговме на манастирот Хопово. Немаше простор за паника туку само дополнително уживање од неколку километри низ шума покрај поток. До Краљева Столица стигнав сам и така продолжив се до крајот. Наредната контрола беше во етно населбата Врдник, каде се сретнавме на кратко со Тања Пенева,  која сеуште беше во изградба но сепак хотелот работеше и нудеше доста добра храна од тестенини, овошје и енергетски напитоци. Со контролното картонче ни беа дадени и купони со кои можевме да земеме храна во етно населбата, два купона за Летенка(ручек и благо) и овошје во Бранковац.

Манастир Хопово
Низ Врдник па манастирот Јазак и Бењеово-Прњавор стигнав до Летенка. И таму се нудеше ручек од тестенини и добро познатите крофни со мармалад но сепак се одлучив за чоколатце и ресани. Патот до Андревље беше благ спуст и одличен за трчање. Ова е најзападниот дел на патеката, најблизу до Хрватска, поради што добив и порака за добредојде во Хрватска. Од Андревље до Црвени Чот е најдолгото растојание без контролна точка од 8,5км. Минатите години овде беа дури две контроли, Тестера и Долина Кестенова. Оваа втората го најавуваше и острото свртување кон Црвени Чот па поради тоа многу од нас имаа проблеми во наоѓање на свртувањето кое беше стрмна патека која се приклучување на широк земјен пат. Иако е највисок врв на Фрушка Гора сепак искачувањето кон Бранковац е далеку потешко. Со купонот ме слудување банана и јаболка која беше одлично освежување. Следуваа уште две контроли, Змајевац и Извор Звечан, до Поповица. Почннуваше да паѓа мрак но сепак се одлучив да продолжам без челна лампа до финиш. Таму беше поприлично гужва и хаотично па ми требаше малку време да најдам каде би ме чекирале. Во целиот тој хаос налетав на Младен кој финишираше неколку минути претходно.

Етно населба Врдник
Манастир Јазак
Моето време беше 11:20 за поминати 88км, Светле финишираше со време од 18:00, Тања Пенева со време од 22:00 и Тања Стојановски со време од 25:11.
Јас лично уживав во тоа што го видов и потполно сум задоволен од целата организација. Како пропуст би ја навел едниствено збунувачката маркација на свртувањето кон Црвени Чот и потребата од дроп-бег на Летенка особено за трките подолги од 100км.

GPS запис од Големиот источен маратон
Галерија

П.С. Фрушка се гледаме наредната година!!!

No comments:

Post a Comment