Овој Тор е за Васко Саздовски. Неговиот дух ме водеше низ неколку тешки периоди се до финишот. Знам дека ќе уживаше читајќи го ова.
Кормаје-Валгрисенче(48.5к/4032м+/11:08:55)
На стартот се обидував да останам смирен и сконцентриран на она што следи и да меморирам што повеќе моменти. Мислам дека бевме некаде во средината на првиот бран со Кате. Радмила требаше да стартува 2 часа после нас. Одбројувањето заврши и почнавме да трчаме низ самиот град. Атмосферата беше прекрасна. Како сите да беа на улиците и да не бодреа. Се израдувавме на првиот поминат километар. Набргу после градот наидовме на тесно грло каде се направи многу гужва. Во меѓувреме додека чекавме на некој му се слоши и повикаа медицинско лице. За брзо го кренаа на нозе и дури после неколку дена го забележав во финишерите. Одевме нога пред нога многу бавно по тесната патека.
![]() |
| На старт |
Набргу излеговме на поширок пат и почнавме да се движиме побргу. Потоа повторно на планинарска патека кон првото сериозно искачувае. Во даличината се гледаше како колоната го искачува првиот превој Кол д'Арп(2568м). Од Кол д'Арп спуштавме се до првата официјлна контролна Баи Јула(2036м). Дополнивме вода и електролити каснавме по некој цитрон и продолживме кон Ла Тули(1468м). На спуштањето Кате го загуби телефонот но за среќа се врати малку назад и го најде. До таму претежно беше широк пат, некаде трчавме и на асфалт и мал дел низ шума.
Ла Тули беше и прва контролна каде можеше да дојде и придружбата. Имаше многу публика и многу бодрење. На контролната ја почекав малку Кате да се среди и повторно продолживме. После некој километар видов дека ми фали едно од меките шишиња кое најверојатно го заборавив на контролната. За среќа имав едно за резерва во ранецот. Се движевме кон домот Дефеје(2490м) а многу планинари одеа во обратна насока. Беа многу љубезни па не пропуштаа да поминеме по патеката која беше со многу камења и не беше воопшто лесна. За среќа се движевме нагоре. Кај домот се задржавме кратко за да доплниме течности. Испивме по една супа и продолживме кон Кол Пасо Алто(2856м). Патеката беше со доста вода а времето беше доста влажно. Од време на време ќе се расчистеа облаците и се пружаа погледи кон врвови и езера. Спуштањето од Пасо Алто беше доста техничко, по големи камени блокови.
![]() |
| На влез во Планавал |
Следна контролна беше бивакот Запели(2274м). Овде запознавме пар словенци со кои понатаму се среќавме повторно. Следуваше искачување кон Кол де ла Кросати(2823м). На почеток благо и пријатно искачување кое потоа се претвори во доста напорно поради силниот ветар и тешкиот каменест терен. Следуваше долго спуштање кон Планавал(1562m) и Лак ду Фонд. На спуштањето се наоѓа споменик на загинатиот кинески тркач од 2014 година. Баш на тоа место и во тој момент до нас се најде друг кинески натпреварувач, кој крикна и почна да плаче. Најверојатно се работеше за негов близок. Спуштајќи се видовме светла и шатори во долината и мислевме дека се работи за првата база, но еден натпреварувач ни посочи дека се работи за Планавал и дека до Валгрисенче имаме помалку од 6км. Неколку метри пред да излеземе на асфалтот јас паднав, но за среќа само со ситни гребаници. Во Планавал за прв пат ги сретнавме Дарко, Борјан и Горан. Не губевме време таму бидејќи во Валгрисенче требаше да бидеме за час. После 11 часа бевме во Валгрисенче, првата животна база. Таму беше вистинска гужва. Речиси и да немаше место за седење. Изборот на храна беше преголем. Се одлучив за супа, компир и варено јајце. Потрошивме таму околу 40 минути.
Валгрисенче-Коње(55.5к/4456м+/14:30:40)
Од Валгрисенче(1693м) требаше да се искачиме кон домот Шал де Лепе(2370м). Веќе навлеговме во ноќта. Пагаше ситен дожд но за среќа не беше ладно. По пат налетавме на еден тркач кој шантраше лево-десно и повторуваше дека многу му се спие. Држевме добар ритам на движење па дури и претекнувавме тркачи. Кај домот Кате спомна дека и се спие па прашавме дали има опција да се преспие таму на што добивме негативен одговор. Таа рече дека ќе успори малку што значеше да се разделиме. Продолжив понатаму кон Кол Фенетре(2844м) вртејќи се наназад со надеж дека Кате ќе ме достигне. Спуштањето од Кол Фенетре беше доста стрмно на почетокот со поставени јажиња за дополнителна сигурност. Контролните Рем Нотр Дам(1732м) и Кол Ентрелор(3004м) беа длабоко во ноќта не успеав да зачувам некаква меморија од нив.
Во Русо(1679м) стигнав утрото нешто пред 6 часот. Бев желен за сон и пробав да спијам 30 минути. За среќа во шаторот најдов кревет но немаше ќебе. Некои тркачи беа покриени со две. За кратко некој се реши да продолжи и се ослободи ќебе. Ставив аларм но станав пред него. Следуваше највисокиот превој Кол Лосон(3295м) и долината на Гран Парадизо. Искачувањето не беше воопшто тешко и стрмно само беше многу долго. Исто беше и спуштањето кон Виторио Села и Коње(1536м). Во Коње влегов после 27 часа и се осетив доста уморен. Јадев доста добро и таму. Се истуширав и одма си фатив ред за масажа. После 1 час го напуштив Коње.
![]() |
| Долината на Гран Парадизо |
Коње-Донас(45.8к/2183м+/9:43:42)
Од Коње после масажата се осетив доста освежен и почнав и да трчкам бидејќи теренот беше рамен. Благо искачуваше кон домот Дондена(2193м) а попатно го поминавме домот Мисерин и истоименото езеро. Од Дондена до Донас имаше спуст долг 20к. Најпрво спустот беше по широк пат и ми одеше одлично. Но како што доаѓаше ноќта спустот стануваше се потежок. Како истите места да ми повторуваа. Каменеста патека, куќарка, знак, мост... И пак истото одново. Имав чувство дека се движам во круг. Овде се сретнав со Томаш од Чешка кој претходната година имал финиширано. Само што излеговме на асфалтот челната ми даде сигнал дека е празна а Томаш ми спомна дека има настинка и подобро е да продолжам сам. Во Донас(323м), најниската точка на трката, стигнав наредниот ден пред полноќ, после 38 часа и решив да направам подолга пауза. Исто така и овде јадев обилно. Се истуширав и се измив заби. Бев спремен за спиење. Во спалната беше претопло и загушно. Пробав да спијам но повеќе бев во полусон. Овде потрошив вкупно 4 часа.
Донас-Гресони(54к/5189м+/17:12:06)
Овој дел важеше за најтежок во целата трка. 55к со 5000м+Д. Исто како Скај Ултра и затоа беше покриен со дури 7 освежителни станици. Мене за овој дел ми требаа малку повеќе од 17 часа. Теренот исто така беше технички. За среќа овој дел го фатив преку ден а запознав и неколку тркачи со кои делев голем дел од трката понатаму. Тоа беа Беки од Канада и Душан од Чешка. Паметам дека на некоја од точките ме понудија со рагу(некакво месо) но одбив дека сум вегетеријанец. Затоа пак на следната Кол дела Векија(2196м) веќе јадев топла палента со месо внатре. Бев почнал и грев ќе беше да се фрли остатокот. Попатно до таму трчав и со еден лик идентичен со нашиот глумец Владо Јовановски. Му ја спомнав сличноста со нашиот актер па кога ме сретна на финиш наредните денови ми започна муабет со истите зборoви:
-Macedonian actor.
До контролната Нил трчав заедно со Душан, кој доста добро спушташе надолу и се трудев да држам ритам. Веќе болките кај левото стапало почнував да ги чуствувам се повеќе и на контролната ми дадоа да ставам мраз врз предниот дел од зглобот и стапалото кој беше отечен. Во тој момент Светле ме забележала на камерата и се јави да ме праша колку е сериозна повредата. Го држев мразот ооколу 10 минути јадејќи ја превкусната палента. Сакав да стигнам што побргру во Грисони(1376м) и се разделив со Душан. Имав околу 6к и 860м искачување. Болките стануваа се поголеми па земав еден парацетамол. После 59 часа бев во Грисони. Тоа беше големо олеснување но се прашував како ќе продолжам понатаму со повредата што ја имав. Овде истата процедура како и на сите животни бази. Јадење обилно, туш и фатив ред за масажа која повеќе наликуваше на истегање, местење и притискање, што секако многу пријатно ми дојде. И овде се обидов со спиење но беше слично како и претходниот пат. Потрошив речиси 4 часа.
![]() |
| Гресони. Почнав да пуштам стомак од многу јадење |
Гресони-Валтурненче(33.7к/2560м+/9:35:56)
На хартија овој дел требаше да биде најлесен. 35к со 2700м+Д. Сепак после поминати 200к и 16.000м+Д ништо не е лесно. Делов го поминав за 9ч35м. Ноќта беше доста пријатна за движење и воопшто не почустував студ. Во Шамполук каде имаше финиш на една етапа од овогодиниешното Џиро Италија натписите по патот сеуште стоеја. Бидејќи таму бев пред разденување, решив да направам кратка дремка од 20 минути. Малку ме освежи тоа за полесно да го поминам остатокот до Валтурненче(1504м). Таму повторно појдов на масажа/физиотерапија. Ми ставија мраз на 10 минути на отеченото место и за прв пат ми залепија кинезио ленти кои доста добро ми го стабилизираа стапалото. Додека чекав ред дојде и една германка која побара доктор кој се фати за глава кога слушна дека испила 3 бруфена во рок од еден час. Јас му кажав за мојата болка и ни даде на двајцата по еден парацетамол. Ни напомена дека само тоа од медицински аспект е дозволено при вакви напори, и ни ги запиша стартните броеви.
Валтурненче-Оломонт(49к/4315м+/16:20:19)
Претпоследна етапа и втора по тежина. Уште една Скај Ултра. Само што го напуштив Валторненче парацетамолот почна да ме опушта и да ми се приспива. Веќе бев во шума и најдов пријатно место. Алармот го ставив на 20 минути и во секунда сум заспал. Кога станав бев прилично свеж и продолжив кон домот Бармасе(2173м). Од домот во тој момент се појави еден германец кој спиел неколку часа таму и решивме да продолжиме заедно. Одевме некое време така кога и на двајцата ни се приоди во тоалет. Таму нема друг избор освен близу до патеката. Само што клекнавме поминуваше еден планинар кој знаеше дека сме од трката. Ние клечиме а тој не бодри и ни аплаудира. Одевме уште некое време заедно ама германецот беше пребрз на спуштањата од мене и се разделивме. Теренот стануваше полесен за движење но сепак искачувањата беа долги и стрмни како и спушањата. Такво беше и спуштањето од Кол ду Цан(2739м). Дури и на спуштањето се пешачев. Кога стигнав во домот Маџиа(1996м) јадев и решив да отспијам околу 30 минути бидејќи не бев сигурен дали во наредниот дом ќе има место и дали е дозволено спиење.
Навлегував во третата ноќ и потребата за сон беше се поголема. До наредниот дом Кунеј(2655м) имаше помалку од 4к. По него следуваше Кол Шалеби(2684м) и бивакот Клермонт(2705м). Таму се сретнав со двајца финци кои ми спомнаа дека на високите делови имаат проблеми со дишењето бидејќи живееле на 60 м.н.в. Исто така спомнаа дека веќе не би требало да има искачување до Ојас. Не беа во право затоа што следуваше уште еден кол, и тоа Кол Весоназ(2788) кој не беше воопшто тежок. Затоа пак спуштањето од него беше. Овде осетив дека на десното стопало ми се прави плускавец па застанав да го третирам колку што знаев. Ова ми беше еден од најтешките спустови. Бескраен. На момент не бев сигурен дали сум на патеката па се враќав до последната маркација.
Ојас(1351м) ми изледаше многу далечно. Кога конечно стигнав таму решив пак да преспијам кратко. Беше бучно и невозможно да заспијам. Салата каде што беше контролната ми беше позната, како претходно да сум бил таму. Најверојатно од многуте изгледани видеа претходно. Храната овде беше многу оскудна за таква контролна. Отидов допопнитено да ми го истретираат плускавецот и со доста елан тргнав кон последната база Оломонт. Ме делеа само 12к и 1400м+. Си велев само да стигнам до Оломонт, а потоа се ќе биде полесно. На искачувањето кон Кол Брисон(2519м) се движев добро но повторно се јави потреба од сон. Бев длабоко во третата ноќ. Решив да легнам на отворено, близу патеката. Навив аларм на 20 минути. Станав колку толку посвеж.
Спуштањето кон Оломонт ми беше веројано натешкото нешто. Левиот кавадрицепс веќе ми откажуваше и само со брзо одење можев да спуштам. После 94 часа стигнав во Оломонт. Јадев како и на секоја база обилно и задолжително морав на масажа. За среќа немаше гужва но имаше само еден физиотерапевт кој ме упати на кревет и ме покри со ќебе. Во меѓувреме сум заспал и ме пробуди физиотерапевтка. Само што и кажав каков проблем имам таа во моментот веќе имаше решение. И ми направи вистинка маѓија со кинезио лентите. Три на левиот квадрицепс и една на десното колено. Во Оломонт(1384) потрошив 1 час и 25 минути.
Оломонт-Кормаје(50к/3447м+/13:50:18)
Слуваа искачувања кон домот Шампилон(2422м) и Кол де Шампилон(2711м) кои беа многу пријатни иако имаше доста искачување од Оломонт. Од Кол Де Шампилон до Понтелие следуваше спуштање од безмалку 1000м. Теренот во овој последен дел беше преубав за трчање доколку имаш нозе за тоа. Од Понтелие навлеговме во борова шума и рамен дел. По пат ја видов Беки како спие покрај патеката. Јас се движев полека и после некое време таа ме престигна. И спомнав дека ми се спие и ми предложи место за тоа. Морав да спијам кратко инаку ризикував да да ме фати сон на последниот превој. Навив аларм и спиев одлично 20 минути. Како да беа неколку часови. Потоа почнав и да трчам на рамните делови и спуштањата. Се чудев како е можно, но веднаш пред очи ми излегуваше физиотерапевтката. Се си мислев дека е некаква маѓија која ќе трае одредено време(како во приказната за Пепелашка) и брзав колку што можам за да ја искористам што повеќе време.
![]() |
| Кол де Шампилон(2711м) |
Кога стигнав во Босе(1525м) побарав хотспот од волонтерите. И се јавив на Светле а на Дарко му пишав дека би финиширал ноќта помеѓу 9 и 12 часот. На пат кон домот Фрасати(2548м) се минуваше покрај неколку прекрасни села. Времето беше топло и ја користев секоја прилика да се оладам со вода. Искачувањето беше благо и претежно по широк пат, освен последните делови пред домот. Таму некаде ми се јави повторно потреба за сон. Знаев дека од оваа година во домот не е дозволено да се спие и најдов една вдлабнатина покрај патот. Легнав само 10 минути кои беа доволни за да ме освежат. Станав и погледнав во телефонот. Смс со поддршка од Карас.
Во домот беше преполно со волонтери и тркачи кои како да го тепмираа овој период пред зајдисонце. Еден шпанец ме замоли да одиме заедно кон Кол Малатра(2921м) бидејќи му требало друштво и многу му се спиело. Одевме кратко заедно но беше брз за мене и по некое време не го видов повеќе.
![]() |
| Поглед од Фрасатри кон Малатра |
![]() |
| Во позадина Мон Блан |
Искачувањето на Малатра беше одлично. Како да го чекав цела трка. Пред крај имаше поставено јажиња и метални стапалки но не беше тешко воопшто. Од самиот превој се пружаат погледи на масивот на Мон Блан. Не ми се вруваше дека остануваат помалку од 20к. Решив да спуштам што побргу и трчав голем дел до домот Бонати(2025м). По пат од една маркација добив халуцијанија на тркач кој се потпира на камен со вклучена ламба. Кај домот Бонати решив да не застанувам. Си мислев за кратко ќе дојде спуштањето, а тоа беше една изохипса и цело време горе-долу се до домот Бертон. Никако да спушти под 2000м. Сепак давав се од себе бидејќи крајот беше близу. Во Бертон се повеќе низ смеа се нагодував со волотерите дали има 3к или 4к до крај. Последното спуштање до Кормаје беше супер тешко. Иако се чувствував добро бев претпазлив и во голем дел го спуштив со одење. Конечно излегов на улицата каде бевме сместени и патот до целта беше краток. 13 часа и 50 минути од Оломонт и по точно 109 часа повторно бев во Кормаје. Кругот беше затворен.
![]() |
| Тројцата финишери |
Благодарност до:
Дарко, Борјан и Горан за поддршката додека бевме таму/ @sporlab за опремата/ @zdravanavika за поддршката на патувањето/ Марио, Сања, Кико, Ангел и Виктор за позајмената опрема/ Златко, Кико и Антонио за дружбата на долгите тренинзи/@TREX и сите кои не бодреа и ни даваа поддршка/екипата која ни направи шамионски пречек во Штип.
![]() |
| Со словенското дуо, македонскиот Владо Јовановски, Душан од Чешка и Санге Шерпа |












No comments:
Post a Comment