Sunday, November 2, 2025

Пред Тор-от

Никогаш претходно немав размислувано за Тор. Само сум слушал. Знаев дека е два викенда по УТМБ и некој си прави подолг одмор дали трчајќи на едната од нив и подржувајќи некој на другата или во најексремен случај трчајќи и на двете. Лично ги знам Пирин, Константин и Никси од Бугарија кои ја имаа завршено претходно. Малку повеќе ме заинтригира кога на финишот од Пирин Ултра во 2022 група тркачи разговараа за трки, особено подолги, и го истакнуваа Тор како доста тежок.

Ние меѓу нас си го спомнувавме но само како низ шега поминуваше тоа. Минатата година пак пролетта за време на Шри Чинмој 24 часа додека трчавме со Кате во мубает ја нафрливме идејата дека би било одлично да појдеме неколку луѓе. Септевмери пак на финишот на Чупино си правев муабет со Кеске од Јапонија кој веќе имаше неколку обиди таму и тој исто така ја истакнуваше неговата убавина и тежина. 

Идејата полека созреваше и на завршната дружба за 2024 година на Трекс им соопштивме дека заедно со Кате, Сања и Радмила сакаме да одиме и дека има и други пократки трки ако некој би сакал да се проба. Немаше други заинтересирани.

Дојде и предрегистрацијата на први февруари и аплициравме четворицата со надеж дека сите ќе влеземе како тим. Не знаевме дека секоја земја има квота на натпреварувачи и за Македонија беше максимум двајца. На лотаријата влегоа само Кате и Радмила.

Јас веќе почнав да си правам планови за остатокот од годината, се разбира без Тор. Не бев разочаран дури и ми олесна малку. Не следев толку мејлови и што се случува околу Тор. Затоа пак Сања беше повеќе вклучена во тоа и ме извести дека понеделник 31.03.25 на пладне се отвораат пријави. Тој ден бев во Струга и си спиев на тоа уво дека вечерта кога ќе се вратам во Штип ќе аплицирам. Сепак Сања ме предупреди дека се само четири места и тоа ќе биде игра на брзи прсти. Затоа го спремив телефонот со пополнети полиња и чекав да кликне 12 часот. Неколку секунди после 12 часот и еден клик системот ме однесе на плаќање и кон успешна регистрација. Си велев каква глупост направив и неколку ноќи потоа не можев да спијам мирно.

Имав пет месеци за припрема која не знаев како да ја изведам. Не дека за другите трки претходно сум знаел нешто повеќе за припремата но имав доволно искуство за трка до 100 милји. Ова беше дупло. Тогаш на ум ми дојде муабетот од 2020 година на Охрид Ултра Трејл кога со Марко од Италија трчавме заедно и ми спомна дека е тренер и има своја компанија (https://trailrunningmovement.com) која работи на припрема на клиенти посебно за долги трки како Тор. Го контактирав и бев нестрплив да започнам со програмата. 

За почеток требаше да направам два теста со трчање. Прво еден на 10к на рамна подлога и втор на угорнина од 8% во должина од 1к. За двата теста морав да носам ремен за мерење пулс и тоа на градите. На двата теста добив идентичен максимален пулс од 176 у.в.м. 

Како пробна трка решив да ја искористам нашата најдолга, Охрид Улра Трејл. Припремите почнаа официјално од 21.04.25. Веќе првиот викенд имав долг тренинг од 55к-60к со 3000м+. Решив да ја искористам патеката од Чупино Тринити. 

Тренинзите до ОУТ беа со два брзински тренинга во текот на седмицата од кои еден на угорнина околу 8% и еден на рамно со два лесни денови и два дена одмор. Викендите беа за трејл со искачување до 500м+ и планина со искачување до 1000м+. 

На ОУТ се појавив со надеж дека ќе имам подобро време од претходните две изданија. Сепак поради временските услови должината се скрати на 85к и 3500м+. Имав тешка трка и не бев во добра форма. Едвај ги поминав овие 85к, а за три месеци ме чекаа 336к. 


Потоа следуваа три седмици со послаб интезитет и волумен. Веќе четвртата беше резервирана за првиот викенд блок од 40к и 45к. Овие ги одработив на Плачковица и на едниот од нив друштво ми правеше Златко Николов од Кочани. 


Следуваа две седмици исто со послаб интезитет и волумен и веќе третата беше за првиот голем блок, 3*40к со 2000-2500м+. Овој блок го направив на Попова Шапка во друштво на Кристијан Арсовски.


Повторно две седмици со послаб интезитет и волумен и време беше за најголемиот блок од 40к, 45к, 50к и 40к со искачување најмногу до 3000м+. Првиот од овие тренинзи го направив на Галичица со Антонио Каранфилоски. На останатите три бев сам и ги направив на Јабланица. 


Следуваше една седмица со послаб интезитет и волумен и последниот блок од 2*50к. Овој блок го направивме на Попова Шапка. Првиот ден само со Кате и вториот за прв пат тројцата заедно со Радмила. 

Програмата обично вклучуваше два дена одмор, а после овие блокови и по три дена па така не беше воопшто исцрпувачка. Во некои денови за одмор вклучив велосипед со многу слаб интензитет и времетраење од 30-40 минути, на рамно.

Како што се ближеше настанот така и тренинзите беа со помал волумен но го задржуваа интензитетот. 

Откако ги средивме деталите околу сместувњето и превозот се чекаше само да дојде денот на тргнување.

No comments:

Post a Comment