Tuesday, December 9, 2025

Tor de Geants 2025

Овој Тор е за Васко Саздовски. Неговиот дух ме водеше низ неколку тешки периоди се до финишот. Знам дека ќе уживаше читајќи го ова.   

Кормаје-Валгрисенче(48.5к/4032м+/11:08:55)

На стартот се обидував да останам смирен и сконцентриран на она што следи и да меморирам што повеќе моменти. Мислам дека бевме некаде во средината на првиот бран со Кате. Радмила требаше да стартува 2 часа после нас. Одбројувањето заврши и почнавме да трчаме низ самиот град. Атмосферата беше прекрасна. Како сите да беа на улиците и да не бодреа. Се израдувавме на првиот поминат километар. Набргу после градот наидовме на тесно грло каде се направи многу гужва. Во меѓувреме додека чекавме на некој му се слоши и повикаа медицинско лице. За брзо го кренаа на нозе и дури после неколку дена го забележав во финишерите. Одевме нога пред нога многу бавно по тесната патека. 

На старт

Набргу излеговме на поширок пат и почнавме да се движиме побргу. Потоа повторно на планинарска патека кон првото сериозно искачувае. Во даличината се гледаше како колоната го искачува првиот превој Кол д'Арп(2568м). Од Кол д'Арп спуштавме се до првата официјлна контролна Баи Јула(2036м). Дополнивме вода и електролити каснавме по некој цитрон и продолживме кон Ла Тули(1468м). На спуштањето Кате го загуби телефонот но за среќа се врати малку назад и го најде. До таму претежно беше широк пат, некаде трчавме и на асфалт и мал дел низ шума. 

Ла Тули беше и прва контролна каде можеше да дојде и придружбата. Имаше многу публика и многу бодрење. На контролната ја почекав малку Кате да се среди и повторно продолживме. После некој километар видов дека ми фали едно од меките шишиња кое најверојатно го заборавив на контролната. За среќа имав едно за резерва во ранецот. Се движевме кон домот Дефеје(2490м) а многу планинари одеа во обратна насока. Беа многу љубезни па не пропуштаа да поминеме по патеката која беше со многу камења и не беше воопшто лесна. За среќа се движевме нагоре. Кај домот се задржавме кратко за да доплниме течности. Испивме по една супа и продолживме кон Кол Пасо Алто(2856м). Патеката беше со доста вода а времето беше доста влажно. Од време на време ќе се расчистеа облаците и се пружаа погледи кон врвови и езера. Спуштањето од Пасо Алто беше доста техничко, по големи камени блокови. 

На влез во Планавал

Следна контролна беше бивакот Запели(2274м). Овде запознавме пар словенци со кои понатаму се среќавме повторно. Следуваше искачување кон Кол де ла Кросати(2823м). На почеток благо и пријатно искачување кое потоа се претвори во доста напорно поради силниот ветар и тешкиот каменест терен. Следуваше долго спуштање кон Планавал(1562m) и Лак ду Фонд. На спуштањето се наоѓа споменик на загинатиот кинески тркач од 2014 година. Баш на тоа место и во тој момент до нас се најде друг кинески натпреварувач, кој крикна и почна да плаче. Најверојатно се работеше за негов близок. Спуштајќи се видовме светла и шатори во долината и мислевме дека се работи за првата база, но еден натпреварувач ни посочи дека се работи за Планавал и дека до Валгрисенче имаме помалку од 6км. Неколку метри пред да излеземе на асфалтот јас паднав, но за среќа само со ситни гребаници. Во Планавал за прв пат ги сретнавме Дарко, Борјан и Горан. Не губевме време таму бидејќи во Валгрисенче требаше да бидеме за час. После 11 часа бевме во Валгрисенче, првата животна база. Таму беше вистинска гужва. Речиси и да немаше место за седење. Изборот на храна беше преголем. Се одлучив за супа, компир и варено јајце. Потрошивме таму околу 40 минути.

Валгрисенче-Коње(55.5к/4456м+/14:30:40)

Од Валгрисенче(1693м) требаше да се искачиме кон домот Шал де Лепе(2370м). Веќе навлеговме во ноќта. Пагаше ситен дожд но за среќа не беше ладно. По пат налетавме на еден тркач кој шантраше лево-десно и повторуваше дека многу му се спие. Држевме добар ритам на движење па дури и претекнувавме тркачи. Кај домот Кате спомна дека и се спие па прашавме дали има опција да се преспие таму на што добивме негативен одговор. Таа рече дека ќе успори малку што значеше да се разделиме. Продолжив понатаму кон Кол Фенетре(2844м) вртејќи се наназад со надеж дека Кате ќе ме достигне. Спуштањето од Кол Фенетре беше доста стрмно на почетокот со поставени јажиња за дополнителна сигурност. Контролните Рем Нотр Дам(1732м) и Кол Ентрелор(3004м) беа длабоко во ноќта не успеав да зачувам некаква меморија од нив. 

Во Русо(1679м) стигнав утрото нешто пред 6 часот. Бев желен за сон и пробав да спијам 30 минути. За среќа во шаторот најдов кревет но немаше ќебе. Некои тркачи беа покриени со две. За кратко некој се реши да продолжи и се ослободи ќебе. Ставив аларм но станав пред него. Следуваше највисокиот превој Кол Лосон(3295м) и долината на Гран Парадизо. Искачувањето не беше воопшто тешко и стрмно само беше многу долго. Исто беше и спуштањето кон Виторио Села и Коње(1536м). Во Коње влегов после 27 часа и се осетив доста уморен. Јадев доста добро и таму. Се истуширав и одма си фатив ред за масажа. После 1 час го напуштив Коње.

Долината на Гран Парадизо

Коње-Донас(45.8к/2183м+/9:43:42)

Од Коње после масажата се осетив доста освежен и почнав и да трчкам бидејќи теренот беше рамен. Благо искачуваше кон домот Дондена(2193м) а попатно го поминавме домот Мисерин и истоименото езеро. Од Дондена до Донас имаше спуст долг 20к. Најпрво спустот беше по широк пат и ми одеше одлично. Но како што доаѓаше ноќта спустот стануваше се потежок. Како истите места да ми повторуваа. Каменеста патека, куќарка, знак, мост... И пак истото одново. Имав чувство дека се движам во круг. Овде се сретнав со Томаш од Чешка кој претходната година имал финиширано. Само што излеговме на асфалтот челната ми даде сигнал дека е празна а Томаш ми спомна дека има настинка и подобро е да продолжам сам. Во Донас(323м), најниската точка на трката, стигнав наредниот ден пред полноќ, после 38 часа и решив да направам подолга пауза. Исто така и овде јадев обилно. Се истуширав и се измив заби. Бев спремен за спиење. Во спалната беше претопло и загушно. Пробав да спијам но повеќе бев во полусон. Овде потрошив вкупно 4 часа.


Донас-Гресони(54к/5189м+/17:12:06)

Овој дел важеше за најтежок во целата трка. 55к со 5000м+Д. Исто како Скај Ултра и затоа беше покриен со дури 7 освежителни станици. Мене за овој дел ми требаа малку повеќе од 17 часа. Теренот исто така беше технички. За среќа овој дел го фатив преку ден а запознав и неколку тркачи со кои делев голем дел од трката понатаму. Тоа беа Беки од Канада и Душан од Чешка. Паметам дека на некоја од точките ме понудија со рагу(некакво месо) но одбив дека сум вегетеријанец. Затоа пак на следната Кол дела Векија(2196м) веќе јадев топла палента со месо внатре. Бев почнал и грев ќе беше да се фрли остатокот. Попатно до таму трчав и со еден лик идентичен со нашиот глумец Владо Јовановски. Му ја спомнав сличноста со нашиот актер па кога ме сретна на финиш наредните денови ми започна муабет со истите зборoви: 

-Macedonian actor. 

До контролната Нил трчав заедно со Душан, кој доста добро спушташе надолу и се трудев да држам ритам. Веќе болките кај левото стапало почнував да ги чуствувам се повеќе и на контролната ми дадоа да ставам мраз врз предниот дел од зглобот и стапалото кој беше отечен. Во тој момент Светле ме забележала на камерата и се јави да ме праша колку е сериозна повредата. Го држев мразот ооколу 10 минути јадејќи ја превкусната палента. Сакав да стигнам што побргру во Грисони(1376м) и се разделив со Душан. Имав околу 6к и 860м искачување. Болките стануваа се поголеми па земав еден парацетамол. После 59 часа бев во Грисони. Тоа беше големо олеснување но се прашував како ќе продолжам понатаму со повредата што ја имав. Овде истата процедура како и на сите животни бази. Јадење обилно, туш и фатив ред за масажа која повеќе наликуваше на истегање, местење и притискање, што секако многу пријатно ми дојде. И овде се обидов со спиење но беше слично како и претходниот пат. Потрошив речиси 4 часа.

Гресони. Почнав да пуштам стомак од многу јадење

Гресони-Валтурненче(33.7к/2560м+/9:35:56)

На хартија овој дел требаше да биде најлесен. 35к со 2700м+Д. Сепак после поминати 200к и 16.000м+Д ништо не е лесно. Делов го поминав за 9ч35м. Ноќта беше доста пријатна за движење и воопшто не почустував студ. Во Шамполук каде имаше финиш на една етапа од овогодиниешното Џиро Италија натписите по патот сеуште стоеја. Бидејќи таму бев пред разденување, решив да направам кратка дремка од 20 минути. Малку ме освежи тоа за полесно да го поминам остатокот до Валтурненче(1504м). Таму повторно појдов на масажа/физиотерапија. Ми ставија мраз на 10 минути на отеченото место и за прв пат ми залепија кинезио ленти кои доста добро ми го стабилизираа стапалото. Додека чекав ред дојде и една германка која побара доктор кој се фати за глава кога слушна дека испила 3 бруфена во рок од еден час. Јас му кажав за мојата болка и ни даде на двајцата по еден парацетамол. Ни напомена дека само тоа од медицински аспект е дозволено при вакви напори, и ни ги запиша стартните броеви. 

Валтурненче-Оломонт(49к/4315м+/16:20:19)

Претпоследна етапа и втора по тежина. Уште една Скај Ултра. Само што го напуштив Валторненче парацетамолот почна да ме опушта и да ми се приспива. Веќе бев во шума и најдов пријатно место. Алармот го ставив на 20 минути и во секунда сум заспал. Кога станав бев прилично свеж и продолжив кон домот Бармасе(2173м). Од домот во тој момент се појави еден германец кој спиел неколку часа таму и решивме да продолжиме заедно. Одевме некое време така кога и на двајцата ни се приоди во тоалет. Таму нема друг избор освен близу до патеката. Само што клекнавме поминуваше еден планинар кој знаеше дека сме од трката. Ние клечиме а тој не бодри и ни аплаудира. Одевме уште некое време заедно ама германецот беше пребрз на спуштањата од мене и се разделивме. Теренот стануваше полесен за движење но сепак искачувањата беа долги и стрмни како и спушањата. Такво беше и спуштањето од Кол ду Цан(2739м). Дури и на спуштањето се пешачев. Кога стигнав во домот Маџиа(1996м) јадев и решив да отспијам околу 30 минути бидејќи не бев сигурен дали во наредниот дом ќе има место и дали е дозволено спиење. 


Навлегував во третата ноќ и потребата за сон беше се поголема. До наредниот дом Кунеј(2655м) имаше помалку од 4к. По него следуваше Кол Шалеби(2684м) и бивакот Клермонт(2705м). Таму се сретнав со двајца финци кои ми спомнаа дека на високите делови имаат проблеми со дишењето бидејќи живееле на 60 м.н.в. Исто така спомнаа дека веќе не би требало да има искачување до Ојас. Не беа во право затоа што следуваше уште еден кол, и тоа Кол Весоназ(2788) кој не беше воопшто тежок. Затоа пак спуштањето од него беше. Овде осетив дека на десното стопало ми се прави плускавец па застанав да го третирам колку што знаев. Ова ми беше еден од најтешките спустови. Бескраен. На момент не бев сигурен дали сум на патеката па се враќав до последната маркација. 

Ојас(1351м) ми изледаше многу далечно. Кога конечно стигнав таму решив пак да преспијам кратко. Беше бучно и невозможно да заспијам. Салата каде што беше контролната ми беше позната, како претходно да сум бил таму. Најверојатно од многуте изгледани видеа претходно. Храната овде беше многу оскудна за таква контролна. Отидов допопнитено да ми го истретираат плускавецот и со доста елан тргнав кон последната база Оломонт. Ме делеа само 12к и 1400м+. Си велев само да стигнам до Оломонт, а потоа се ќе биде полесно. На искачувањето кон Кол Брисон(2519м) се движев добро но повторно се јави потреба од сон. Бев длабоко во третата ноќ. Решив да легнам на отворено, близу патеката. Навив аларм на 20 минути. Станав колку толку посвеж. 

Спуштањето кон Оломонт ми беше веројано натешкото нешто. Левиот кавадрицепс веќе ми откажуваше и само со брзо одење можев да спуштам. После 94 часа стигнав во Оломонт. Јадев како и на секоја база обилно и задолжително морав на масажа. За среќа немаше гужва но имаше само еден физиотерапевт кој ме упати на кревет и ме покри со ќебе. Во меѓувреме сум заспал и ме пробуди физиотерапевтка. Само што и кажав каков проблем имам таа во моментот веќе имаше решение. И ми направи вистинка маѓија со кинезио лентите. Три на левиот квадрицепс и една на десното колено. Во Оломонт(1384) потрошив 1 час и 25 минути. 

Оломонт-Кормаје(50к/3447м+/13:50:18)

Слуваа искачувања кон домот Шампилон(2422м) и Кол де Шампилон(2711м) кои беа многу пријатни иако имаше доста искачување од Оломонт. Од Кол Де Шампилон до Понтелие следуваше спуштање  од безмалку 1000м. Теренот во овој последен дел беше преубав за трчање доколку имаш нозе за тоа. Од Понтелие навлеговме во борова шума и рамен дел. По пат ја видов Беки како спие покрај патеката. Јас се движев полека и после некое време таа ме престигна. И спомнав дека ми се спие и ми предложи место за тоа. Морав да спијам кратко инаку ризикував да да ме фати сон на последниот превој. Навив аларм и спиев одлично 20 минути. Како да беа неколку часови. Потоа почнав и да трчам на рамните делови и спуштањата. Се чудев како е можно, но веднаш пред очи ми излегуваше физиотерапевтката. Се си мислев дека е некаква маѓија која ќе трае одредено време(како во приказната за Пепелашка) и брзав колку што можам за да ја искористам што повеќе време. 

Кол де Шампилон(2711м)

Кога стигнав во Босе(1525м) побарав хотспот од волонтерите. И се јавив на Светле а на Дарко му пишав дека би финиширал ноќта помеѓу 9 и 12 часот. На пат кон домот Фрасати(2548м) се минуваше покрај неколку прекрасни села. Времето беше топло и ја користев секоја прилика да се оладам со вода. Искачувањето беше благо и претежно по широк пат, освен последните делови пред домот. Таму некаде ми се јави повторно потреба за сон. Знаев дека од оваа година во домот не е дозволено да се спие и најдов една вдлабнатина покрај патот. Легнав само 10 минути кои беа доволни за да ме освежат. Станав и погледнав во телефонот. Смс со поддршка од Карас. 

Во домот беше преполно со волонтери и тркачи кои како да го тепмираа овој период пред зајдисонце. Еден шпанец ме замоли да одиме заедно кон Кол Малатра(2921м) бидејќи му требало друштво и многу му се спиело. Одевме кратко заедно но беше брз за мене и по некое време не го видов повеќе. 

Поглед од Фрасатри кон Малатра

Во позадина Мон Блан

Искачувањето на Малатра беше одлично. Како да го чекав цела трка. Пред крај имаше поставено јажиња и метални стапалки но не беше тешко воопшто. Од самиот превој се пружаат погледи на масивот на Мон Блан. Не ми се вруваше дека остануваат помалку од 20к. Решив да спуштам што побргу и трчав голем дел до домот Бонати(2025м). По пат од една маркација добив халуцијанија на тркач кој се потпира на камен со вклучена ламба. Кај домот Бонати решив да не застанувам. Си мислев за кратко ќе дојде спуштањето, а тоа беше една изохипса и цело време горе-долу се до домот Бертон. Никако да спушти под 2000м. Сепак давав се од себе бидејќи крајот беше близу. Во Бертон се повеќе низ смеа се нагодував со волотерите дали има 3к или 4к до крај. Последното спуштање до Кормаје беше супер тешко. Иако се чувствував добро бев претпазлив и во голем дел го спуштив со одење. Конечно излегов на улицата каде бевме сместени и патот до целта беше краток. 13 часа и 50 минути од Оломонт и по точно 109 часа повторно бев во Кормаје. Кругот беше затворен.   


Тројцата финишери

Остануваше да ги дочекаме Кате и Радмила. Кате успеа да финишира за 129:42:30 а Радмила за 141:10:43. Бевме навистина пресреќни што тројцата успеавме во овој подвиг и тоа од прв обид. Сите коцки беа сложени.

Благодарност до:

Дарко, Борјан и Горан за поддршката додека бевме таму/ @sporlab за опремата/ @zdravanavika за поддршката на патувањето/ Марио, Сања, Кико, Ангел и Виктор за позајмената опрема/ Златко, Кико и Антонио за дружбата на долгите тренинзи/@TREX и сите кои не бодреа и ни даваа поддршка/екипата која ни направи шамионски пречек во Штип.

Со словенското дуо, македонскиот Владо Јовановски, Душан од Чешка и Санге Шерпа







Sunday, November 2, 2025

Пред Тор-от

Никогаш претходно немав размислувано за Тор. Само сум слушал. Знаев дека е два викенда по УТМБ и некој си прави подолг одмор дали трчајќи на едната од нив и подржувајќи некој на другата или во најексремен случај трчајќи и на двете. Лично ги знам Пирин, Константин и Никси од Бугарија кои ја имаа завршено претходно. Малку повеќе ме заинтригира кога на финишот од Пирин Ултра во 2022 група тркачи разговараа за трки, особено подолги, и го истакнуваа Тор како доста тежок.

Ние меѓу нас си го спомнувавме но само како низ шега поминуваше тоа. Минатата година пак пролетта за време на Шри Чинмој 24 часа додека трчавме со Кате во мубает ја нафрливме идејата дека би било одлично да појдеме неколку луѓе. Септевмери пак на финишот на Чупино си правев муабет со Кеске од Јапонија кој веќе имаше неколку обиди таму и тој исто така ја истакнуваше неговата убавина и тежина. 

Идејата полека созреваше и на завршната дружба за 2024 година на Трекс им соопштивме дека заедно со Кате, Сања и Радмила сакаме да одиме и дека има и други пократки трки ако некој би сакал да се проба. Немаше други заинтересирани.

Дојде и предрегистрацијата на први февруари и аплициравме четворицата со надеж дека сите ќе влеземе како тим. Не знаевме дека секоја земја има квота на натпреварувачи и за Македонија беше максимум двајца. На лотаријата влегоа само Кате и Радмила.

Јас веќе почнав да си правам планови за остатокот од годината, се разбира без Тор. Не бев разочаран дури и ми олесна малку. Не следев толку мејлови и што се случува околу Тор. Затоа пак Сања беше повеќе вклучена во тоа и ме извести дека понеделник 31.03.25 на пладне се отвораат пријави. Тој ден бев во Струга и си спиев на тоа уво дека вечерта кога ќе се вратам во Штип ќе аплицирам. Сепак Сања ме предупреди дека се само четири места и тоа ќе биде игра на брзи прсти. Затоа го спремив телефонот со пополнети полиња и чекав да кликне 12 часот. Неколку секунди после 12 часот и еден клик системот ме однесе на плаќање и кон успешна регистрација. Си велев каква глупост направив и неколку ноќи потоа не можев да спијам мирно.

Имав пет месеци за припрема која не знаев како да ја изведам. Не дека за другите трки претходно сум знаел нешто повеќе за припремата но имав доволно искуство за трка до 100 милји. Ова беше дупло. Тогаш на ум ми дојде муабетот од 2020 година на Охрид Ултра Трејл кога со Марко од Италија трчавме заедно и ми спомна дека е тренер и има своја компанија (https://trailrunningmovement.com) која работи на припрема на клиенти посебно за долги трки како Тор. Го контактирав и бев нестрплив да започнам со програмата. 

За почеток требаше да направам два теста со трчање. Прво еден на 10к на рамна подлога и втор на угорнина од 8% во должина од 1к. За двата теста морав да носам ремен за мерење пулс и тоа на градите. На двата теста добив идентичен максимален пулс од 176 у.в.м. 

Како пробна трка решив да ја искористам нашата најдолга, Охрид Улра Трејл. Припремите почнаа официјално од 21.04.25. Веќе првиот викенд имав долг тренинг од 55к-60к со 3000м+. Решив да ја искористам патеката од Чупино Тринити. 

Тренинзите до ОУТ беа со два брзински тренинга во текот на седмицата од кои еден на угорнина околу 8% и еден на рамно со два лесни денови и два дена одмор. Викендите беа за трејл со искачување до 500м+ и планина со искачување до 1000м+. 

На ОУТ се појавив со надеж дека ќе имам подобро време од претходните две изданија. Сепак поради временските услови должината се скрати на 85к и 3500м+. Имав тешка трка и не бев во добра форма. Едвај ги поминав овие 85к, а за три месеци ме чекаа 336к. 


Потоа следуваа три седмици со послаб интезитет и волумен. Веќе четвртата беше резервирана за првиот викенд блок од 40к и 45к. Овие ги одработив на Плачковица и на едниот од нив друштво ми правеше Златко Николов од Кочани. 


Следуваа две седмици исто со послаб интезитет и волумен и веќе третата беше за првиот голем блок, 3*40к со 2000-2500м+. Овој блок го направив на Попова Шапка во друштво на Кристијан Арсовски.


Повторно две седмици со послаб интезитет и волумен и време беше за најголемиот блок од 40к, 45к, 50к и 40к со искачување најмногу до 3000м+. Првиот од овие тренинзи го направив на Галичица со Антонио Каранфилоски. На останатите три бев сам и ги направив на Јабланица. 


Следуваше една седмица со послаб интезитет и волумен и последниот блок од 2*50к. Овој блок го направивме на Попова Шапка. Првиот ден само со Кате и вториот за прв пат тројцата заедно со Радмила. 

Програмата обично вклучуваше два дена одмор, а после овие блокови и по три дена па така не беше воопшто исцрпувачка. Во некои денови за одмор вклучив велосипед со многу слаб интензитет и времетраење од 30-40 минути, на рамно.

Како што се ближеше настанот така и тренинзите беа со помал волумен но го задржуваа интензитетот. 

Откако ги средивме деталите околу сместувњето и превозот се чекаше само да дојде денот на тргнување.

Friday, October 31, 2025

Pirin Ultra 160k(2024)

 Пирин Ултра 2024 би бил некој копи-пејст на оној од 2022 година. Во принцип и не тренирав нешто посебно бидејќи не бев сигурен за учеството. Добро е што можеш да се пријавиш и подоцна, па така направив и јас. 

Во Јаворов

Овојпат стартот беше порано, мислам 7 часот по локално време што ни даваше еден час плус преку ден. За разлика од претходните години оваа година на 100 милји немаше маркации со исклучок на некои остри свртувања. На стартот бевме заедно со Антонио Каранфилоски. Решивме да одиме заедно додека се може. Тој веќе имаше направено 100 милји во Швајцарија месец дена претходно. Јас секако бев помалку спремен од него па тоа ми даваше надеж дека ќе издржиме што подолго заедно. На стартната листа пред трката го забележав Владимир Милушев но кога стартувавме го немаше. По некое време не стигна и брзаше да наполни вода на една од чешмите попатно. Ми спомна дека тргнал од дома, Благоевград, рано утрината но се сетил дека го заборавил телефонот па морал да се враќа и затоа задоцнил на старт. Стартуваше така без никаков дроп-бег , а на крај успеа и да финишира како втор.

На искачувањето кон врв Албутин имав една криза која помина бргу. Во домот Јаворов се окрепивме добро за тоа што следуваше. А тоа беше најтешкиот дел. Врв Пирин и спуштањето кон село Сенокос. Таму како по обичај контолната ја одржува Пирин Галов. Си направивме убав муабет, по некоја фотка и продолживме кон Мандрата по втор пат. Таму како и претходниот пат беше преполно со доста откажани тркачи и ако имаш во план да финишираш најдобро е што побргу да ја напауштиш контролната бидејќи атмосферата таму делува многу демотивирачки. Затоа со Антонио потрошивме време само за јадење и пресоблекување. 

Заедничка со Пирин Галов

Тргнавме заедно но за кратко Антонио сфати дека зел погрешни стапчиња и беше решен да се враќа назад по нив. За среќа додека се колебаше што да направи дојде учесникот чии стапчиња ги беше зел а тој беше со неговите. Продолживме кратко заедно но Антонио беше решен да се откаже и се врати назад. Толку беше дружењето. 

За несреќа веднаш по контролната снемав батерија на часовникот и пробував да се залепам до некој што ја знае подобро патеката. Фатив приклучок со уште двајца учесници и продолживме да се движиме заедно. На искачувањето кон домот Беговица се одделив од нив и продолжив сам. Беше рано утро и како и претходниот пат решив да дремнам кратко. Во домот се начекав со Томаж кој беше исто така и во 2022 година. Тој на излегување јас на влегување. Немав потреба да брзам.

Кон заслонот Тевно Езеро

Одморот ми даде доста енергија и веќе на Куклите го поминав Томаж. Спуштав сигурно кон домот Пирин. Таму се решив за кратка пауза бидејќи сакав да ја искористам свежината која имав и што побргу да стигнам до домот Безбог. Овој дел во 2022 година го поминав за повеќе од 6 часа. Овојпат бев доста мотивиран да го сторам тоа за пократко време, а и теренот ми беше познат. Бидејќи немаше официјална маркација од трката во домот ми рекоа да ја пратам жолтата планинарска маркација. Ми одеше одлично па дури некои благи нагорнини ги трчкав. На крај имав второ најбрзо време на таа секција. 

До домот Безбог се се одвиваше иделно. Но последните 29к до Банско не беа такви. Бидејќи немаше маркација, а јас без батерија на часовникот, само со мапа во телефонот, успеав да згрешам неколкупати. Пробав да фатам приклучок со улесник од Унгарија кој трчаше како луд надолу. Се довлечкав до влезот на Банско и цупкав полека надолу кон финишот. После 37:27:27 повторно бев во Банско.

Со Влади и Томаж на финиш

На финиш ме дочекаа одлични вести. Елена Ртоска беше прва, а Александар Стојкоски втор на престижната и доста тешка Пирин Екстрим 38к.

Имав уште едно прекрасно искуство на овој настан и би го препорачал на секој што сака искуси нешто навистина тешко и убаво.

https://tracksport.live/r/pirin-ultra-2024/route/pirin-ultra-160k-2


Friday, May 30, 2025

Западна Македонска Трансверзала (24-26.08.2023)

 По едногодипна пауза со ИгорЈовановски-Карас решивме да си ја пробаме пак во 2023 година. По доста договарање се одлучивме за продолжениот викенд за Голема Богородица. Антонио Каранфилоски реши да ни се придружи со тоа што тој истата година имаше два неуспешни обиди.

Временската прогноза беше доста променлива и се најавуваше дожд и грмотевици кои се надевавме дека ќе ги избегнеме. Овојпат имавме и одлична логистика во Војкан кој не превезе до планинарскиот дом Љуботен и Рафе кој заедно со Војкан требаше да не пречекаат на Џинибег. 

Стартувавме попладнето околу 18ч и лесно се движевме кон врвот Љуботен. Од косовската страна веќе се гледаа темни облаци и секавици. Само што се спуштивме на седлото кај Козја Стена стана веќе сериозно заради громовите кои беа доста близу и едниствено решение беше да се спуштиме што пониско. Спасот го најдовме во едно бачило каде домаќините не послужија со чај и сирење.

Грмотевиците се ближеа

Успеавме да си ја исушиме и мократа облека покрај огнот што гореше. Во тие моменти веќе се помирив дека оваа авантура и таму ќе заврши и дека ова што го поминавме беше сосем доволно. Сепак времето се смири, дури ноќта беше и претопла. Единствен проблем ни правеше мократа трева па моравме со мокри патики да се движиме по терен кој постојано бара странично газење и е доста непријатно за стапалата. Исто така и ризикот од плускавци е доста голем.  

За разлика од претходните години кога го минувавме овој дел таа година пешачевме голем дел и не се залетувавме многу со трчање. По мое сеќавање дел на кој најмногу трчавме беше оној кон изворите на Пена и кон Џинибег.

Малку чистење и сушење под Кобилица

Со задоцнување од неколку часа заради невремето кое не фати стигнавме на Џинибег каде не чекаше вистинска контролна точка во поглед на храна и облека. Војкан и Рафе навистина се потрудија оваа авантура да ни ја направат што полесна. Јадевме, пиевме, исушивме тоа што беше мокро и продолживме кон Маврово.

Теренот веќе не беше толку тежок со тоа што беше бараше повеќе трчање. Кога излеговме на Шутманско Поле движејќи се по широкиот земјен пат наидовме и на чешма, за која претхно ни напоменаа, а очигледно ние постојано сме ја одминувале поради тоа што сме излегувале од патот. Оваа чешма ни дојде и повеќе од добредојдена.

Следуваше уште една ноќ и пробувавме да се движиме по сртовите меѓу врвовите кои што требаше да ги искачиме, Расанѓул и Лера. Сепак тоа не одеше толку едноставнпо поради уморот кој не совладуваше. Планот ни беше да го истрчаме целиот дел до домот Царевец каде не чекаше другиот дел од екипата. Сепак последното спуштање кој асфалтот се претвоти во вечност поради напастената прашина од минувањето на камионите поради направената сеча. Игор дури имаше идеја од асфалтот да не превезат до домот Царевец а наредното утро повторно да не довезат до точката каде што сме застанале. 

Царевец, најдобрата станица

Сепак ова минување на Западната македонска трансверзала беше по наш начин и решивме утредента да си стартуваме од домот Царевец. За жал Антонио подари заморот реши да не продолжи и јас, Игор и Кристијан продолживме кон вториот дел од оваа авантура. Ни требаа само неколку часа сон кој толку добро не освежи што немавме чувство дека сме поминале повеќе од 100к и 27ч на нозе.

Кристијан не навигираше супер низ овој втор дел се до Јанче каде повторно се сретнавме со екипата од Царевец а имавме и одличен ручек таму. Следуваше Стогово и Бабин срт како последно големо искачување. По пат наидовме на бачило каде наполнивме вода и се обидувавме да качиме што повеќе висина.

На патот кон Галичник

Од таму следуваше доста трчлив дел кон Караорман на кој се трудевме колку што можевме. Спуштањето од Караорман решивме да го направиме кон село Мислодежда наместо кон Црвена Вода, најмногу заради логистички причини. Таму не пречека нова екипа и со тоа ставивме точка на оваа авантура.

За првиот дел од дом Љуботен до асфалтниот пат на Бунец ни требаа 27:43. За вториот дел од дом Царевец до с.Мислодежда ни требаа 14:42.

Иако нашиот првичнен план предвидуваше минување на трансверзалата исклучивно на нозе и се до Охридското Езеро сепак невремто на почетокот и уморот при крај придонесоа да ја направиме како што и беше.

Околу месец дена подоцна јапонецот Кеисуке Минами успеа да ја помине, целата на нозе се до Струга, како што и ние првично ја замислувавме. Честитки за него! 

Wednesday, April 9, 2025

Европско првенство во Скај ран-Проклетије(15.07.2023)

Европското првенство во Скај ран за 2023 беше закажано во Гусиње, Црна Гора на Проклетије. Обично ваквите првенства вклучуваат три дистанци и тоа: Вертикален километар, Скај класик околу 30к и Скај ултра подолги од 42к со тоа што на овие дистанци има значително искачување и технички терен. 

Овде во Македнија до тогаш за среќа имавме неколку трки во Вертикален километар и само Титов Врв Скај Рејс која влегува во категоријата на Скај класик и воедно е и изборна трка за Светските и Европските првенства. Се разбира постојат/постоеја и други трки кои би влегле во категоризацијата на Скај трки  во Македонија но не го носеа името на Скај трки.

На Титов Врв Скај Рејс не можам да се сетам каков пласман остварив во 2023 но знам дека претходната година имав подобро време. Не се ни надевав дека би можел да влезам во некаква селекција за Европско. На мое изненадување ми се јави Мики Тодоровски и ме праша дали би сакал да се вклучам во репрезентацијата да трчам на Скај ултра дистанца. Многи не размислував бидејќи прв пат во животот имав шанса да влезам во репрезентација на свои 39 години и никогаш ги немав посетено тие планини. 


Репрезентацијата веќе беше формирана и дури еден викенд имавме мини камп на Попова Шапка за да истрчаме некои дистанци и да се запознаеме уште подобро. Репрезентацијата вклучување девет луѓе од кои за Вертикалот и Скај класикот беа: Елена Ртоска, Ивана Пеќевска, Вера Урдаревска, Дејан Ангелоски, Сашо Богојески и Димитар Тодоровски а за Скај ултра: Сања Најдовски, Антонио Каранфилоски, Никола Илиевски и јас. На чело на репрезентацијата беше Душко Петрушевски.

Иако оваа дистанца и формат на трки не се во мој домен т.е. се пребрзи и претешки сепак се нафатив бидејќи секое финиширање на некој од репрезентација носеше и соодветни бодови. Покрај Европското првенство постоеше и отворена категорија каде што секој можеше да ги тестира своите можности на тој терен и на тие дистанци.

Во Гусиње стигнавме неколку дена порано, сосем доволно да се прилагодиме и да направиме неколку кратки трчања и прошетки во долината. Презентацијата на сите земји учеснички беше закажана ден пред сите стартови па ден за ден беа Вертикалот, Скај ултра и Скај класик со тоа што учесник во Вертикал можеше да земе учество и во Скај класик.

Стартовите за Европското меѓу мажи и жени беа посебно исто како и стартовите за отворените категории. Во Скај ултра стартувавме прво мажите а по 15 минути жените. Следуваа 50к со 4400м +Д. Беше еден од најтоплите периоди од годината и сонцето буквално пржеше особено на нај изложените делови а дел од контролните точки не беа толку пристапни па со самото тоа лимитирани беа и течностите кои можевме да ги користиме.

Профилче

Уште на првото искачување, каде движев до некаде заедно со Аби од Косово почнаа да ме пристигаат и најбрзите од женската категорија. На спуштањето ситуацијата беше иста и низ папратите и росната трева буквално скијавме надолу ја препознав и Рагна Дебатс од Холандија победничка на едно издание на Зегама. 

На следниот дел кој беше еден вид транзиција кон следното искачување контролната точка беше точно во комплексот каде што бевме сместени па остатокот од екипата ми дојде на помош. Антонио и Никола веќе беа доста понапред. 

Следуваше дел кон Алипашините извори и искачување кон Везирова Брада. Најпрво низ прекрасна шумска патека а потоа низ вистински алпски предел со минување низ карпи и користење на раце. Меѓу карпите како официјален фотограф беше и Иан Корлес. 

Во долината Гребаје

Супштањето кон долината Гребаје беше уште потешко со многу камења и тежок терен. На ова спуштање ме помина и црногорката Милуша и ми даде добар совет да пробам да уживам колку што можам ако сум за прв пат тука. 

Во долината Гребаје повторно беше македонската екипа која даваше се од себе да помогне колку што може. Температурата веќе беше висока и хидрирањето беше клучно. Следуваше ново тешко искачување кон Талијанка и Попадија. Некаде на овој дел како официјален фотограф беше мојот пријател Драган Митровиќ. 

На стрмното спуштање од Попадија кон Чафа имав пад на кој за среќа не се повредив. На следната контролна бидејќи имав лимитирана количина на течности искористив еден извор после неа да се накиснам убаво и да се подготвам за следносто искачување кон Велики Тројан. Еден прекрасен дел но и доста тежок. Дури и рамните делови беа претешки за трчање. На овој дел пак официјален фотограф беше мојот пријател Влада Паниќ. 

Спуштањето кон Шупља Врата беше потешко отколку што се надевав. Камења штрчеа од сите страни и невозможно беше да фатам некаков ритам. За среќа потоа теренот беше попитом и водеше низ борова шума а потоа и на асфалтниот пат кон Гусиње. 

Комплетната македонска екипа

Таму веќе беше цела репрезентација очекувајќи го нашиот финиш. Успеав да финиширам со време од 10:12:59 на пред последното место и минимално да придонесам во севкупниот резултат.

На крај како репрезентација се пласиравме на 8 место и ова беше најуспешен настап за Македонија на првенство во Скај ран.