Next race: www.highscardusultra.com

Wednesday, November 11, 2015

Cappadocia Ultra Trail(24-25.10.2015)

Кападокија е историски регион во централна Турција најмногу познат по живеалиштата издлабени во карпи, подземните градови, кањонот Илара, планините... Најголемата причина поради кој ние бевме таму беше настанот Cappadocia Ultra Trail кој опфаќаше три трки со должина од 36км, 62км и 110км. Имавме претставници на сите три трки и тоа: Софија и Марјан на 36км, Трајче на 62км а Игор Пирковки, Игор Јовановски, Мики, Јоцо, Светле и јас на 110км. 


Двете трки од 110км и 62км старуваа во сабота наутро од 07:00 а трката од 36км од 10:00 од градот Ургуп. Кападокија е релативно сушен регион но најавата за дожд не не одмина и овој пат. За разлика од минатата година оваа година евидентен беше зголемениот интерес за сите трки најмногу поради одлично сработениот маркетинг што резултираше и со прием на трката од 110км во Ultra Trail World Tour во категоријата "future" од 2016 година.


На почеток тргнав доста релаксирано искористувајќи го тоа за по некој поздрав со луѓето со кои се среќаваме од трка на трка. Почетниот дел тоа и го дозволуваше. Претежно рамен широк земјен пат. Нешто пред првата контрола Ибрахимпаша на 10,5км почна да паѓа дожд. Не премногу силен поради што решив да не облекувам јакна. Веќе се формираше една група од околу 10-12 луѓе во која покрај мене и Јоцо беа и конкурентиките за највисок пласман во женска конкуренција, Марија Никола и Франческа Канепа(една од најпознатите трејл тркачки во светски рамки). Некое делови стануваа премногу лизгави поради што мораше да се чека ред за спуштање. Минувавме низ јаболкови насади, по тесни патеки, скалила и камени отвори, низ потоци кои се формираа моментално тркајќи се со нив. Но едно дрвено мовче се покажа како доста лизгаво и од силниот пад ја оставив дури и капата на него поради што морав да се вратам назад. Изгубив малку самодоверба посебно на спуштањата  и имав уште еден послаб пад. Работите не одеа ни најмалку глатко но прекрасните предели едноставно те буткаат напред. 


Највпечатлив ми беше влезот кон втората контролна Учхисар. На врвот трврдина до која води широк пат од двете страни послан со разни цвеќиња. Како во бајка.
Кога стигнав во Гореме дождот полека ослабнуваше. Следуваше уште еден прекрасен дел до контролната Чавусин. Тесна патека кој води над Црвената долина. Застанував неколкупати и поради замор но и поради убавината на овој предел. 


Пладнето веќе беше одминало и почна да се појавува сонце. Таман на време за едно стрмно искачување од 350м. По искачувањето следуваше уште еден преубав дел по плато од кое како мравки се гледаа натпреварувачите од 36км кои се движеа низ долината под него. Но и покрај сета убавина тегобите со стомакот си продолжуваа. Кратко спуштање па следуваше контролната Акдаг. Од таму па до Ургуп водеше широк земјен пат каде налетав на Пирин Галов со кого бавно потрчнувавме се до Ургуп каде беа Мартина и Тена како наша подршка. 
Половина работа беше завршена но остануваше потешкиот дел. Стигнувањето до следната контрола Плато беше доста напорно. Без патека, на делови со висока трева под која имаше камења, движење странично по стрмнина, голи ридови без некоја убавина. Ова беше одлика во главно на целиот втор дел од патеката. Очајно ми требаше друштво па се обидов да стигнам некако до Јоцо кој за кратко од далечина го видов како ја напушта контролната Плато. Затоа го искористив спушањето кон селото Карачорен и од таму до крај се движевме заедно. Следуваше контролната Карлик па едно стрмно искачување по широк земјен пат и кога мислевме дека ќе добиеме на време при спуштањето повторно налетавме на терен без патека со ниски грмушки и камења па моравме да пешачиме. Маркацијата во текот на целата трка беше солидна, за ноќта обезбедена со рефлектирачки материјал но сепак имам како замерка би ја навел ретката маркација особено во текот на ноќта или втората половина.
Стигнавме до Мустафапаша, последната контролна, каде волонтерите среќни и насмеани како и на сите контролни точки со радост не изестија дека имаме уште 10км. За да не биде се така лесно моравме да се движиме  и низ река која течеше по патот каде што беше маркацијата.
Бевме премногу уморни па пред самиот финиш бевме претекнати од четворица натпреварувачи и финиширавме на делба на 15 место.


Поголема радост од вашиот финиш е финиширањето на колегите па затоа се вративме на финиш да ги пречекаме Игор Карас, Мики, Игор Пирко и Светле. Трајче и Софија успешно финишираа на трките од 62км и 36км, додека Марјан Бонев победи на трката од 36км.
Втората причина поради која бевме во Кападокија беа знаменитостите, како Подземниот Град, кањонот Илара и врвовите Хасан Даги и Ерџијас. 

Кањонот Илара
Малиот Хасандаг 3200 м.н.в.
Ерџијас 3917 м.н.в.





No comments:

Post a Comment