Next race: www.highscardusultra.com

Friday, February 5, 2021

2020(трeнинзи, трки, проекти)

Хронологијата на настаните одеше вака. 2018 бев на пријавен на УТБМ. Самото тоа беше причина за поголема мотивација и поставување на повисоки цели за мене. Имав за цел и лични рекорди на полумаратон и маратон и неколку планиски трки како подготовка за УТМБ. Тоа значеше повеќе тренинг. И должински и временски. Сето акумулираше повеќе замор и на крај донесе повреда која ја влечев речиси повеќе од година.
Повредата/болката беше во препонскиот дел и долниот грбен дел. Така и појдов на УТМБ каде за среќа немав поголеми проблеми со таа повреда. Поминаа трките, година, личните рекорди недопрени, а болката остана. Трчав помалку, одмарав повеќе. За среќа го посетив Димитар, физиотерапевт, кој ми даде неколку едноставни вежби со ластик и мека топка кои ги практикував и полека се зајакнуваше тој абдоминален дел кој најверојатно беше ослабен и телото вршело компензација со некои други мускули. Сега кога ќе се навратам на тој период проблемот најверојатно би го нашол во оние тренинзи кои не се ниту брзи, ниту спори, туку во некоја средина или како што ги нарекуваат, сива зона.

И така 2019 беше година со една улична и две планински трки, Козјак Вертикал и Чупино Трејл. Затоа пак се пробав на триатлон и тоа две спринт дисплини во Скопје и Охрид и една олимписка на Власинско Езеро. За мене како почетник финиш времето немаше значење. Уживав што можев да спортувам пак без болка.

Се ближеше 2020 и почнав редовно со тренинзи. Налетав на напис за МАФ принципот(180-годините) и некои искуства што ме заинтригираа и почнав да тренирам во тој опсег(135-145 отчукувања). Некогаш ќе најдев дека и во тој опсег трчам со појак ритам па решив да се држам до пулс што ќе ми одговара. Генерално сите тренинзи ми беа спори, со низок пулс(120-135 отчукувања во минута). На угорни пешачев за разлика од претходно кога се трудев да ги трчам. Немав комплекс дека трчам бавно, едноставно го правев тоа што ми одговараше. Сите тренизи ги почнував и завршував со кратко пешачење 5-7 мин. за постепено да дојдам до тие 120 отчукувања, односно да го спуштам пулсот под 100 отчукувања. Експериментирав и малку со храната, односно постење само на вода по 14-16 часа. Тотално ги исфрлив благите работи(рафинирани шеќери) и тестенините. Неколкупати во текот на годината направив и 24 часовен пост. Утринските тренинзи беа секогаш на празен стомак. Особено добро се чувствував на долгите трчања каде што немав пад енергијата и по 3 часа активност иако не внесував калории. Од денешна перспектива сметам дека доволно се само неколку такви тренинзи(2-4) во еден циклус, а на останитете долги трчања да се практикува/вежба внесување на течности и храна. Придобивката од овие бавни трчања ја видов во тоа што и по тренингот бев одморен и со енергија за разлика од претходно кога после некои тренинзи имав чувство на премореност. Исто така имав и пракса после кратките трчања да направам краток тренинг за сила со сопствена тежина или со ластик. Линк од видеа и подкасти што ме потикнаа да го променан начинот на тренинг.

Учестував на неколку трки во 2020 год. и би нафрлил неколку реченици за секоја трка поединечно.

Чупино Вертикал 5км +1000м

Како за прва трка по долго време се надевав на време помеѓу 1:10-1:15. Се осеќав одлично и финиширав со 1:00:49.

Клисебаир 73км +5400м

Настапи пандемијата се редуцираа бројот на трки(за среќа останаа домашните) и беше идеално време за некои проекти и идеи. Со години ми се вртеше идејата за некаква активност за најдолгиот ден во годината 21-22 јуни. Заедно со Дарко Роглев решивме да правиме искачување на ридот Клисебаир над Штип. Направивме вкупно 17 искачувања за 15 часа 21 минута.

Титов Врв Скај Рејс 20км +1800м

Прв пат учествував на оваа супер тешка трка која дојде по 7 дена од искачувањето на Клисебаир. Иако очекував повеќе сепак за прво учество сум задоволен. Под 2 часа до Титов Врв и финиш со 3:17:23. Заедно со Игор Јовановски.

Шара Трансверзала 100км +5000м

Идејата беше да се обидеме да стигнеме до Црвена Вода односно план Б, да стигнеме барем до Маврово. Стартувавме од Вила Љуботен околу полноќ со друштво до врвот Љуботен и од таму петорица(Сања и Виктор Најдовски, Игор Јовановски, Дарко Роглев и јас) продолживме заедно. После Ливадичко Езеро се разделивме со Сања и Виктор и продолживме тројцата. На Шутман имавме супер окрепа од нашите пријатели од Косово(Аби и неговата екипа) што ни дојде повеќе од одлично. Сепак овој дел од Шара, Шутман, Рудока, Враца, Радика, Гури и Фудан Брдо мене ми беше непознат а со тоа и потежок за движење. Последните врвови ни дојдоа особено тешко и наместо до Врбен решивме да се спуштаме кон Бунец каде нешто после полноќ не пречека Трајче Панковски. Поминавме околу 100км за 26 часа. Секако утредента мотивацијата беше на друго ниво и минувањето на целата Западна Трансверзала го оставивме за подобри денови.

Пелистер Ултра Трејл 60км +3300м

Супер трка и прво издание на оваа трка по Баба Планина. Малку ми беше чудно што целата трка се потпираше на планинарските маркации и единствено на разделувањата имаше насока во која треба да се движиме. На почеток малку залутавме и побрзите се одделија напред па трчав сам речиси до пола трка. Брзајќи да стигнам до Алексанар Еленин, и да бидам колку толку сигурен дека се движам во правилна насока, имав еден пад за среќа на широк пат и песоклив дел. Се движевме заедно до пред искачувањето на Пелистер каде го затекнав Игор Јовановски со кој заедно финиширавме.

Штип(плоштад)-Плачковица детско одморалиште со велосипед 33.5км +1200м

Неколку дена претходно се приклучив на Еверестингот со велосипед на Пониква на Панче и Владо. Се осетив доволно добро на велосипед и решив да ја пробам оваа делница која претходно ја возев над 2 часа. Овој пат успеав за 1:56:05 со МТБ.

Црн Камен ЛР 15км со +1400м

Веќе неколку години по ред еднаш во годината правам обид на делот од Вевчани(сред село) до Црн Камен и назад, без подршка. Оваа година успеав да го направам тоа за 6 мин. подобро од претходно со време од 2:06:24.

Охрид Ултра Трејл 107км +4300м

Мое прво учество на оваа трка и не можам да напишам доволно позитивни зборови за целиот настан, луѓето вклучени во него и природата. Дефинитвино најубава трка на 100км на која сум бил. Стартував како прв, но бидејќи не сум тип на тркач што би можел да ја води трката, веднаш се најдов во група со која стигнав до Велестово. Потоа се одвоив заедно со италјанецот Марко и трчавме заедно до Трпејца. Од таму натака соло до крај. И тешко и убаво. Од една страна тежок терен, непознат за мене. Прв пат трчав на Галичица. А од друга страна прекрасни предели и расположени и познати луѓе по контролните точки. Финиширав во мојата предвидена временска рамка со време од 16:04:27.

Момата Рок Трејл 19км +1200м

Тргнав резервирано и полека влегував во ритам. На угорните имав енергија но направив грешка што тргнав без храна на ваква тешка трка и во вториот дел буквално паднав енергетски. Сепак имав личен рекорд на оваа патека со време од 2:12:26.

No comments:

Post a Comment