Next race: www.highscardusultra.com

Thursday, April 27, 2017

Фрушка Гора-Ултра екстремен маратон(22-23.04.2017)

На шестото мое учество на фрушкогорските ултрамратони и десетгодишниот јубилеј од првиот мој ултрамаратон(и тоа на Фрушка Гора) бев сведок на досега најмасовно наше присуство таму а за уште поголемо задоволство и најуспешно наше претставување со 4 први места(Александар Симјаноски - Ултрамаратон 107км, Мартина Милева - Велики Источни 81км, Игор Јовановски - Велики Источни 81км, Тања Пенева Здравева - Средни Источни 59км , 2 втори(Катерина Николовска - Велики Источни 81км, Сања Најдовска - Средни Јужни 49км), 2 трети(Светлана Стојановска Ивановска-Ултрамаратон 107кмЉубиша Андреиќ - Ултрамаратон 107км и Александра Ѓорѓиевска - Велики Источни 81км). Секако за голем поздрав се другиот дел од екипата кој за прв пат трчаше на ултрамаратон и оној дел кој од оправдани причини не успеа да финишира. 

Најдобрата екипа!
На Фрушка не дочека студено време, малку паднат снег и еден куп прекрасни пријатели со кои сме се дружеле на досегашните трки. На патеките имаше многу паднати стебла и гранки а во некои делови покриени со многу кал. Контролните точки за кои имавме купони за храна беа одлично покриени(етно населба Врдник и Летенка) додека на остантите имаше топол чај и вода. Волонтерите на сите точки беа многу љубезни и гостопримливи. 
Оваа година за прв пат трчав на Ултра екстрмниот маратон во должина од 133км и 5954 +Д. За разлика од неговиот помал брат од 107км(на кој имам учествувато три пати до сега) имаше додадено неколку дополнителни контролни точки кои воопшто не ми беа познати. Па така трчајќи осамен кон втората тконтролна точка Вилина Водица измамен од некоја маркација прерано го поминав потокот на кој во погорниот дел имало контролор кај кого требало да се депонира потпис и излегов на патеката кон третата контролна точка. Кога сфатив дека сум ја пропуштив контролната точка се вратив назад до контролната точка и го перфорирав контролното картонче. Во тој момент не ни знаев дека подолу од контролната точка имало контролор па затоа и не се вратив назад. Од тоа што можев да погледнам по трката веројатно се работи за кратенка од некои 1.2км. Но и покрај тоа продолжив да се движам не размислувајќи премногу за последиците кои без разлика какви и да беа немаше да ме поколебаат да запрам. За кратко ги сретнав Светле, Софија, Татјана, Тања Манчева, а нешто понатаму Катерина и Александра, потоа Мартина и Ивица и последна Тања Пенева. Во етно населбата заедно ручавме со Софија, Татјана и Тања Манчева. 
Наближуваше Летенка и речиси половина од дистанцата и таман пред стемнување ја сретнав Светле и заедно стигнавме на контролната точка. Решивме да продолжиме заедно и да не се задржуваме, само крофна пауза, и да направиме подолга пауза на следното поминување на Летенка. Се движевме одлично, трчавме во голем дел и на Андревље бевме како за миг. Од Андревље до Летенка Светле имаше една а јас две контролни точки(и дополнителни 3,5км) па моравме да се разделиме што и на двајцата ни падна тешко. Светле дури планираше да појде со мене. Па што се 3,5 на должина од 107км. Сепак продолжив сам и значително забрзав за Светле да не ме чека премногу, сепак беше мрак и доволно студено, па така во овој дел до Папратски Дол и Шуљамска Главица поминав тројца натпреварувачи од мојата дистанца. Само што стигнав на контролната каде што Светле ме чекаше веднаш продолживме кон Летенка каде направивме подолго пауза за паста и за жал бевме преполни за уште една крофна.  Следуваше  уште еден дел до Андревље кој исто така имав чувство дека го прелетавме. И потоа продолживме да се движиме заедно кон Црвени Чот но само што почнаа првите стрмни искачувања се разделивме. Искачувањето и спуштањето беа премногу калливи, невозможни за трчање, а многу тешки и за одење. 
Од она што можев да го слушнам претходно сите во преден план го исфрлаа делот околу контролната Врата Раја. Многу стрмно спуштање каде имаше поставено јаже, спуштање по ферата, безброј преминувања преку потокот и за крај сето она стрмно спуштање повторно за искачување. Само природата беше блиску до рајот а се останато на близу до пекол.
Се надевав дека повторно ќе ја сретнам Светле и заедно ќе финишираме. Како што наближуваше крајот и со новиот ден силата повторно се враќаше. На последната контролна Извор Звечан почна да паѓа дожд кој и не правеше премногу разлика. Некаде пред Поповица успеав да стигнам до Ервин кој во тоа време беше второпласиран и решивме заедно да финишираме со тоа што тој да биде запишан како второпласиран а јас поради испуштениот потпис да ја чекам одлуката на организаторите. Попладнето во разговор со организаторите ми беше соопштено дека сум едниствен без потпис дека сум дисквалификуван. И покрај таквата одлука сепак бев задоволен од тоа како и низ што поминав во текот на тие 21 час и 41 минута и немав никакви поплаки и приговори. Фрушкогорскиот ултрамаратон останува еден од моите најдраги настани каде имам одлични пријатели и со радост би вратил на него некоја наредна година.

No comments:

Post a Comment