Европското првенство во Скај ран за 2023 беше закажано во Гусиње, Црна Гора на Проклетије. Обично ваквите првенства вклучуваат три дистанци и тоа: Вертикален километар, Скај класик околу 30к и Скај ултра подолги од 42к со тоа што на овие дистанци има значително искачување и технички терен.
Овде во Македнија до тогаш за среќа имавме неколку трки во Вертикален километар и само Титов Врв Скај Рејс која влегува во категоријата на Скај класик и воедно е и изборна трка за Светските и Европските првенства. Се разбира постојат/постоеја и други трки кои би влегле во категоризацијата на Скај трки во Македонија но не го носеа името на Скај трки.
На Титов Врв Скај Рејс не можам да се сетам каков пласман остварив во 2023 но знам дека претходната година имав подобро време. Не се ни надевав дека би можел да влезам во некаква селекција за Европско. На мое изненадување ми се јави Мики Тодоровски и ме праша дали би сакал да се вклучам во репрезентацијата да трчам на Скај ултра дистанца. Многи не размислував бидејќи прв пат во животот имав шанса да влезам во репрезентација на свои 39 години и никогаш ги немав посетено тие планини.
Репрезентацијата веќе беше формирана и дури еден викенд имавме мини камп на Попова Шапка за да истрчаме некои дистанци и да се запознаеме уште подобро. Репрезентацијата вклучување девет луѓе од кои за Вертикалот и Скај класикот беа: Елена Ртоска, Ивана Пеќевска, Вера Урдаревска, Дејан Ангелоски, Сашо Богојески и Димитар Тодоровски а за Скај ултра: Сања Најдовски, Антонио Каранфилоски, Никола Илиевски и јас. На чело на репрезентацијата беше Душко Петрушевски.
Иако оваа дистанца и формат на трки не се во мој домен т.е. се пребрзи и претешки сепак се нафатив бидејќи секое финиширање на некој од репрезентација носеше и соодветни бодови. Покрај Европското првенство постоеше и отворена категорија каде што секој можеше да ги тестира своите можности на тој терен и на тие дистанци.
Во Гусиње стигнавме неколку дена порано, сосем доволно да се прилагодиме и да направиме неколку кратки трчања и прошетки во долината. Презентацијата на сите земји учеснички беше закажана ден пред сите стартови па ден за ден беа Вертикалот, Скај ултра и Скај класик со тоа што учесник во Вертикал можеше да земе учество и во Скај класик.
Стартовите за Европското меѓу мажи и жени беа посебно исто како и стартовите за отворените категории. Во Скај ултра стартувавме прво мажите а по 15 минути жените. Следуваа 50к со 4400м +Д. Беше еден од најтоплите периоди од годината и сонцето буквално пржеше особено на нај изложените делови а дел од контролните точки не беа толку пристапни па со самото тоа лимитирани беа и течностите кои можевме да ги користиме.
![]() |
Профилче |
Уште на првото искачување, каде движев до некаде заедно со Аби од Косово почнаа да ме пристигаат и најбрзите од женската категорија. На спуштањето ситуацијата беше иста и низ папратите и росната трева буквално скијавме надолу ја препознав и Рагна Дебатс од Холандија победничка на едно издание на Зегама.
На следниот дел кој беше еден вид транзиција кон следното искачување контролната точка беше точно во комплексот каде што бевме сместени па остатокот од екипата ми дојде на помош. Антонио и Никола веќе беа доста понапред.
Следуваше дел кон Алипашините извори и искачување кон Везирова Брада. Најпрво низ прекрасна шумска патека а потоа низ вистински алпски предел со минување низ карпи и користење на раце. Меѓу карпите како официјален фотограф беше и Иан Корлес.
![]() |
Во долината Гребаје |
Во долината Гребаје повторно беше македонската екипа која даваше се од себе да помогне колку што може. Температурата веќе беше висока и хидрирањето беше клучно. Следуваше ново тешко искачување кон Талијанка и Попадија. Некаде на овој дел како официјален фотограф беше мојот пријател Драган Митровиќ.
На стрмното спуштање од Попадија кон Чафа имав пад на кој за среќа не се повредив. На следната контролна бидејќи имав лимитирана количина на течности искористив еден извор после неа да се накиснам убаво и да се подготвам за следносто искачување кон Велики Тројан. Еден прекрасен дел но и доста тежок. Дури и рамните делови беа претешки за трчање. На овој дел пак официјален фотограф беше мојот пријател Влада Паниќ.
Спуштањето кон Шупља Врата беше потешко отколку што се надевав. Камења штрчеа од сите страни и невозможно беше да фатам некаков ритам. За среќа потоа теренот беше попитом и водеше низ борова шума а потоа и на асфалтниот пат кон Гусиње.
![]() |
Комплетната македонска екипа |
Таму веќе беше цела репрезентација очекувајќи го нашиот финиш. Успеав да финиширам со време од 10:12:59 на пред последното место и минимално да придонесам во севкупниот резултат.
На крај како репрезентација се пласиравме на 8 место и ова беше најуспешен настап за Македонија на првенство во Скај ран.