astrajon.blogspot.com

Next race:

Friday, May 30, 2025

Западна Македонска Трансверзала (24-26.08.2023)

 По едногодипна пауза со ИгорЈовановски-Карас решивме да си ја пробаме пак во 2023 година. По доста договарање се одлучивме за продолжениот викенд за Голема Богородица. Антонио Каранфилоски реши да ни се придружи со тоа што тој истата година имаше два неуспешни обиди.

Временската прогноза беше доста променлива и се најавуваше дожд и грмотевици кои се надевавме дека ќе ги избегнеме. Овојпат имавме и одлична логистика во Војкан кој не превезе до планинарскиот дом Љуботен и Рафе кој заедно со Војкан требаше да не пречекаат на Џинибег. 

Стартувавме попладнето околу 18ч и лесно се движевме кон врвот Љуботен. Од косовската страна веќе се гледаа темни облаци и секавици. Само што се спуштивме на седлото кај Козја Стена стана веќе сериозно заради громовите кои беа доста близу и едниствено решение беше да се спуштиме што пониско. Спасот го најдовме во едно бачило каде домаќините не послужија со чај и сирење.

Грмотевиците се ближеа

Успеавме да си ја исушиме и мократа облека покрај огнот што гореше. Во тие моменти веќе се помирив дека оваа авантура и таму ќе заврши и дека ова што го поминавме беше сосем доволно. Сепак времето се смири, дури ноќта беше и претопла. Единствен проблем ни правеше мократа трева па моравме со мокри патики да се движиме по терен кој постојано бара странично газење и е доста непријатно за стапалата. Исто така и ризикот од плускавци е доста голем.  

За разлика од претходните години кога го минувавме овој дел таа година пешачевме голем дел и не се залетувавме многу со трчање. По мое сеќавање дел на кој најмногу трчавме беше оној кон изворите на Пена и кон Џинибег.

Малку чистење и сушење под Кобилица

Со задоцнување од неколку часа заради невремето кое не фати стигнавме на Џинибег каде не чекаше вистинска контролна точка во поглед на храна и облека. Војкан и Рафе навистина се потрудија оваа авантура да ни ја направат што полесна. Јадевме, пиевме, исушивме тоа што беше мокро и продолживме кон Маврово.

Теренот веќе не беше толку тежок со тоа што беше бараше повеќе трчање. Кога излеговме на Шутманско Поле движејќи се по широкиот земјен пат наидовме и на чешма, за која претхно ни напоменаа, а очигледно ние постојано сме ја одминувале поради тоа што сме излегувале од патот. Оваа чешма ни дојде и повеќе од добредојдена.

Следуваше уште една ноќ и пробувавме да се движиме по сртовите меѓу врвовите кои што требаше да ги искачиме, Расанѓул и Лера. Сепак тоа не одеше толку едноставнпо поради уморот кој не совладуваше. Планот ни беше да го истрчаме целиот дел до домот Царевец каде не чекаше другиот дел од екипата. Сепак последното спуштање кој асфалтот се претвоти во вечност поради напастената прашина од минувањето на камионите поради направената сеча. Игор дури имаше идеја од асфалтот да не превезат до домот Царевец а наредното утро повторно да не довезат до точката каде што сме застанале. 

Царевец, најдобрата станица

Сепак ова минување на Западната македонска трансверзала беше по наш начин и решивме утредента да си стартуваме од домот Царевец. За жал Антонио подари заморот реши да не продолжи и јас, Игор и Кристијан продолживме кон вториот дел од оваа авантура. Ни требаа само неколку часа сон кој толку добро не освежи што немавме чувство дека сме поминале повеќе од 100к и 27ч на нозе.

Кристијан не навигираше супер низ овој втор дел се до Јанче каде повторно се сретнавме со екипата од Царевец а имавме и одличен ручек таму. Следуваше Стогово и Бабин срт како последно големо искачување. По пат наидовме на бачило каде наполнивме вода и се обидувавме да качиме што повеќе висина.

На патот кон Галичник

Од таму следуваше доста трчлив дел кон Караорман на кој се трудевме колку што можевме. Спуштањето од Караорман решивме да го направиме кон село Мислодежда наместо кон Црвена Вода, најмногу заради логистички причини. Таму не пречека нова екипа и со тоа ставивме точка на оваа авантура.

За првиот дел од дом Љуботен до асфалтниот пат на Бунец ни требаа 27:43. За вториот дел од дом Царевец до с.Мислодежда ни требаа 14:42.

Иако нашиот првичнен план предвидуваше минување на трансверзалата исклучивно на нозе и се до Охридското Езеро сепак невремто на почетокот и уморот при крај придонесоа да ја направиме како што и беше.

Околу месец дена подоцна јапонецот Кеисуке Минами успеа да ја помине, целата на нозе се до Струга, како што и ние првично ја замислувавме. Честитки за него! 

Wednesday, April 9, 2025

Европско првенство во Скај ран-Проклетије(15.07.2023)

Европското првенство во Скај ран за 2023 беше закажано во Гусиње, Црна Гора на Проклетије. Обично ваквите првенства вклучуваат три дистанци и тоа: Вертикален километар, Скај класик околу 30к и Скај ултра подолги од 42к со тоа што на овие дистанци има значително искачување и технички терен. 

Овде во Македнија до тогаш за среќа имавме неколку трки во Вертикален километар и само Титов Врв Скај Рејс која влегува во категоријата на Скај класик и воедно е и изборна трка за Светските и Европските првенства. Се разбира постојат/постоеја и други трки кои би влегле во категоризацијата на Скај трки  во Македонија но не го носеа името на Скај трки.

На Титов Врв Скај Рејс не можам да се сетам каков пласман остварив во 2023 но знам дека претходната година имав подобро време. Не се ни надевав дека би можел да влезам во некаква селекција за Европско. На мое изненадување ми се јави Мики Тодоровски и ме праша дали би сакал да се вклучам во репрезентацијата да трчам на Скај ултра дистанца. Многи не размислував бидејќи прв пат во животот имав шанса да влезам во репрезентација на свои 39 години и никогаш ги немав посетено тие планини. 


Репрезентацијата веќе беше формирана и дури еден викенд имавме мини камп на Попова Шапка за да истрчаме некои дистанци и да се запознаеме уште подобро. Репрезентацијата вклучување девет луѓе од кои за Вертикалот и Скај класикот беа: Елена Ртоска, Ивана Пеќевска, Вера Урдаревска, Дејан Ангелоски, Сашо Богојески и Димитар Тодоровски а за Скај ултра: Сања Најдовски, Антонио Каранфилоски, Никола Илиевски и јас. На чело на репрезентацијата беше Душко Петрушевски.

Иако оваа дистанца и формат на трки не се во мој домен т.е. се пребрзи и претешки сепак се нафатив бидејќи секое финиширање на некој од репрезентација носеше и соодветни бодови. Покрај Европското првенство постоеше и отворена категорија каде што секој можеше да ги тестира своите можности на тој терен и на тие дистанци.

Во Гусиње стигнавме неколку дена порано, сосем доволно да се прилагодиме и да направиме неколку кратки трчања и прошетки во долината. Презентацијата на сите земји учеснички беше закажана ден пред сите стартови па ден за ден беа Вертикалот, Скај ултра и Скај класик со тоа што учесник во Вертикал можеше да земе учество и во Скај класик.

Стартовите за Европското меѓу мажи и жени беа посебно исто како и стартовите за отворените категории. Во Скај ултра стартувавме прво мажите а по 15 минути жените. Следуваа 50к со 4400м +Д. Беше еден од најтоплите периоди од годината и сонцето буквално пржеше особено на нај изложените делови а дел од контролните точки не беа толку пристапни па со самото тоа лимитирани беа и течностите кои можевме да ги користиме.

Профилче

Уште на првото искачување, каде движев до некаде заедно со Аби од Косово почнаа да ме пристигаат и најбрзите од женската категорија. На спуштањето ситуацијата беше иста и низ папратите и росната трева буквално скијавме надолу ја препознав и Рагна Дебатс од Холандија победничка на едно издание на Зегама. 

На следниот дел кој беше еден вид транзиција кон следното искачување контролната точка беше точно во комплексот каде што бевме сместени па остатокот од екипата ми дојде на помош. Антонио и Никола веќе беа доста понапред. 

Следуваше дел кон Алипашините извори и искачување кон Везирова Брада. Најпрво низ прекрасна шумска патека а потоа низ вистински алпски предел со минување низ карпи и користење на раце. Меѓу карпите како официјален фотограф беше и Иан Корлес. 

Во долината Гребаје

Супштањето кон долината Гребаје беше уште потешко со многу камења и тежок терен. На ова спуштање ме помина и црногорката Милуша и ми даде добар совет да пробам да уживам колку што можам ако сум за прв пат тука. 

Во долината Гребаје повторно беше македонската екипа која даваше се од себе да помогне колку што може. Температурата веќе беше висока и хидрирањето беше клучно. Следуваше ново тешко искачување кон Талијанка и Попадија. Некаде на овој дел како официјален фотограф беше мојот пријател Драган Митровиќ. 

На стрмното спуштање од Попадија кон Чафа имав пад на кој за среќа не се повредив. На следната контролна бидејќи имав лимитирана количина на течности искористив еден извор после неа да се накиснам убаво и да се подготвам за следносто искачување кон Велики Тројан. Еден прекрасен дел но и доста тежок. Дури и рамните делови беа претешки за трчање. На овој дел пак официјален фотограф беше мојот пријател Влада Паниќ. 

Спуштањето кон Шупља Врата беше потешко отколку што се надевав. Камења штрчеа од сите страни и невозможно беше да фатам некаков ритам. За среќа потоа теренот беше попитом и водеше низ борова шума а потоа и на асфалтниот пат кон Гусиње. 

Комплетната македонска екипа

Таму веќе беше цела репрезентација очекувајќи го нашиот финиш. Успеав да финиширам со време од 10:12:59 на пред последното место и минимално да придонесам во севкупниот резултат.

На крај како репрезентација се пласиравме на 8 место и ова беше најуспешен настап за Македонија на првенство во Скај ран.



Tuesday, January 31, 2023

Трчање во низа

Историја

Трчањето во низа  секојдневно датира повеќе од пола век и е долго повеќе од 52 години. Од тоа што јас успеав да најдам е онаа на Рон Хил од Англија 52 години и 39 дена(податок од Ранерс Ворлд) и на Џон Сатерленд 52 години и 22 дена(податок од Аутсајд магазин). Рон Хил ја има прекинато својата низа на 29.01.2017 година со што Џон Сатерленд официјално е човекот со најдолга низа.

Почеток

Јас мојата низа ја започнав на 19.12.2021 година без намера да направам подолга низа. Случајно врзав една седмица секојдневно трчање со дистанци од 8-11км како што си трчав и обично. Идејата за ова дојде после 10 дена кога поради обврски истрчав само 2.5км. Веројатно најкраткото трчање кое сум го имал до тогаш, а сепак го имав она задоволство како по секое „нормално“ трчање од 8-11км. Тогаш решив да се обидам тоа да го правам секој ден за една година. Како долна граница си поставив минумим 2км што беше реално изводлива дистанца. 

Откако си ја поставив целта веќе беше се полесно. Ретко да имав денови кога немав мотивација за трчање. Мислам дека беа само 2-3 такви дена во цела година.  Почнав да уживав и во тие кратки трчања а како што одминуваше времето така и тие кратки трчања ми стануваа потреба.

Паралелно со низата си поставив цел за 2022 година да надминам 3.000км. Ова не претставуваше поголем проблем. Имав истрчано 3.179км или просечно 8.7км на ден, 

Пречки

Како и во се во животот и овде се појавија некои пречки. За среќа немав повреда иако очекував да случи. Мислам дека оваа низа делува/ше превентивно во поглед на повредите. Затоа пак се случи да фатам корона и 10 дена иако бев во изолација излегував доцна навечер да ја одржам низата. Имаше период кога трчав со температура но после трчањето се чувствував многу подобро. Најтешко беше трчањето со дијареа кога за 2км морав три пати да застанувам за тоалет. Најмногу од се ме плашеше помислата дека некој ден ќе заборавам да истрчам. Па така една вечер пред да појдам на спиење почнав да се туширам и се сетив дека не сум трчал тој ден.  

Предности

Голем дел од овие кратки трчања што ги правев беа со навистина лесен ритам. Некогаш и со 7:00-7:30 мин/км. Повеќе наликуваа на опоравување или загревање за некое побрзо трчање. Најголема предност од низата почувствував на долгите трчања особено на ултрамаратоните кога тој бавен ритам на трчање е неизбежен. Како што се зголемуваше низата така и трчањата беа се полесни. Дури и по 100-те милји на Пирин немав проблем да ја продолжам низата наредниот ден.

Недостатоци

Најмногу од се би го истакнал трчањето доцна навечер. Кога имав во план да истрчам само кратко тоа го оставав за најчесто за крај обично после 22ч. Како второ немав доволно време да посветам да возењето велосипед, а кога го правев тоа се трудев да истрчам претходно. 

Што понатаму

Откако помина една година секојдневно трчање сфатив дека би сакал да ја продолжам оваа низа што подолго се додека не почуствувам дека таа влијае негативно на мене или мојата околина.

П.С. Низата прекина на 10.06.2023 без некоја причина. Едноставно заборавив да трчам тој ден. Се сетив дури рано наредното утро. Се има свој крај.